Википедија:Избрана статија/2017/45
Сараево (српски: Сарајево, бошњачки: Sarajevo, хрватски: Sarajevo/Vrhbosna) — главен град на Босна и Херцеговина и нејзин најголем урбан, културен, економски и транспортен центар. Градот Сараево се состои од четири општини: Центар, Нови Град, Ново Сараево и Стари Град. Според прелиминарните податоци од пописот во 2013 година во Босна и Херцеговина, во Сараево живеат 275.524 жители додека со околината, која вклучува дел од општината Илиџа, живеат вкупно 463.992 лица.
Поради својата долга и богата историја на верска и културна разновидност, Сараево, понекогаш се нарекува „Ерусалим на Европа“ или „Ерусалим на Балканот“. До крајот на XX век, градот бил единствениот голем град во кој имало изградено синагога, православна црква, католичка црква и џамија во иста населба. Низ градот тече реката Милјацка, а во близина на градот се наоѓаат и изворите на реката Босна, каде се наоѓа популарното излетничко место Врело Босна. Град Сараево е седиштето на најголемата високообразовна институција во земјата, Универзитетот Сараево, како и голем број на други високообразовни институции, што го прави еден од најголемите универзитетски центри во целиот регион на Југоисточна Европа. Во 1914 година во Сараево бил убиен австроунгарскиот престолонаследник Франц Фердинанд кое довело до започнување на Првата светска војна. Седумдесет години подоцна, во 1984 година, во градот се одржале XIV Зимски олимписки игри. Во почетокот на 1990-тите години, името на градот Сараево било испишувано постојано од дневните весници во целиот свет, бидејќи во регионот се одвивала една од најголемите војни во најновата европска и светска историја. (Дознајте повеќе...)