Википедија:Избрана статија/2017/31
Гомељ — град во источниот дел на Белорусија, во близина на границата со Русија во кој живеат околу 520.000 жители. Градот е центар на истоимената област и е вториот по големина град во Белорусија. Се наоѓа во југоисточниот дел на земјата, на 302 километри од главниот град Минск, 534 километри источно од Брест, од Могиљов е оддалечен 213 километри, 279 километри западно од Брјанск и 111 километри северно од Чернигов. Низ него тече реката Сож. Градот е на површина од 121 км2. Гомељ се стекнал со Магдебуршкото право во 1670 година.
Градот бил основан во 1142 година, и административно е поделен на четири реони: Централен, Советски, Железнодорожен, и Новобелички. Актуелен градоначалник е Петар Кириченко, кој на функцијата стапил во ноември 2012. Од индустриските гранки најразвиена е машинската, а нешто помалку прехранбената индустрија. Во градот има тролејбуски и автобуски превоз, а авионски е поврзан со поблиските градови од соседството. Гомељ има умерено-континентална клима, но поради Чернобилската несреќа се соочил со намалување на населението кон крајот на 20 век. Градот почнал економски и демографски да заздравува во 21 век.
Гомељ се наоѓа во југоисточниот дел на Република Белорусија и е административен центар на Гомељската област, и се наоѓа на околу 40 километри западно од државната граница со Брјанска област во Русија, и на околу 40 километри северно од Черниговска област во Украина. Градот се наоѓа во северниот дел на Придњепарската низина, во физичко-географската област наречена Гомељска Полесја (составен дел на белоруската Полесја). Северозападно од градот на Гомељската Полесја се наоѓа Чечерска низина. (Дознајте повеќе...)