Википедија:Избрана статија/2010/38
Инките, односно цивилизацијата на Инките започнува да постои како мала група во регионот околу градот Куско, каде легендарниот Сапа Инка, Манко Капак го создал Кралството Куско во 1200 година. Под водство на наследниците на Манко Капак, државата на Инките се зголемила и ги приклучила околните андски заедници. Во 1442 година Инките започнале да ги прошируваат границите на својата држава под водство на Сапа Инка Пачакути. Тој ја основал Империјата на Инките или Тавантинсују (Tawantinsuyu), која прераснала во најголема империја во Америка до периодот на европската колонизација.
Империјата била поделена за време на граѓанската војна, кога веќе навлегле шпанските сили на тлото на Јужна Америка и тоа било период на политичка криза во Тавантинсују. Имено, за време на оваа војна се спротивставиле браќата Хуаскар и Атахуалпа, членови на кралското семејство кои се сметале за легални наследници за престолот. Во 1533 година, шпанскиот колонизатор Франсиско Писаро ја искористил оваа ситуација и освоил голем дел од територијата на Инките. Во наредните години, колонизаторите ја освоиле скоро целата територија на Инките. Империјата на Инките била сосема уништена со основањето на Вицекралството Перу во 1542. Подоцна следело ослободително движење на Инките кое завршило со неуспех во 1573 година. Денес, културата и традицијата на Инките ја продолжуваат Кечуанците и Ајмарите кои живеат во Перу, Боливија и Еквадор. (Дознајте повеќе...)