Википедија:Избрана статија/2009/04
Тетово е град во северозападна Македонија, на падините на Шара, односно во долната Полошка Котлина. Тетово е седиште на истоимената општина која зафаќа простор од 87 km², а заедно со ново-формираните општини кои произлегуваа од неа и кои и ден денеска гравитираат кон неа, таа површина изнесува 1.053 km². Тетово е типичен македонски град, град со богата историја и дом на повеќе етнички заедници.
Поголем дел од Тетово се протега во рамничарско подрачје, а само помал дел, главно оној постариот, лежи на падините на Балтепе, брдо високо 806 метри. Апсолутната надморска височина на градот се движи меѓу 450 и 500 метри. Во последно време урбанистите прават напори градот да се прошири кон планинското подрачје кое е благо издигнато и е поволно за градски градежен реон.
Климата е средно континентална, со топли и релативни влажни лета, зимата ладна и снежна, пролет и есен со чести врнежи. Природните услови како климата, релјефот, геолошкиот состав на земјата, овозможиле да во тетовската околина се појават многу извори на течна вода. Затоа, Тетово е еден од ретките градови во Македонија, кој има питка вода, вода за потребите на индустријата и вода за наводнување. (повеќе...)