Википедија:Избрана статија/2008/40
Син сомот (англиски: Blue Velvet) е американски нео-ноар, детективски трилер филм напишан и режиран од Дејвид Линч. Кајл Меклахлан, Изабела Роселини, Денис Хопер и Лора Дерн ги играат главните улоги во филмот. Насловот Син сомот е земен од насловот на истоимената песна на Боби Винтон.
Дејството во филмот се одвива во малото место Ламбертон, Северна Каролина и ја раскажува приказната за студентот Џефри Бомонт, кој открива оштетено и исечено човечко уво во еден тревник во соседството. Џефри одлучува сам да го истражи злосторството, но притоа добива помош и од Сенди Вилијамс - невина средношколка, ќерка на поручникот Џон Вилијамс, градскиот шериф. Како напредува неговата истрага, така Џефри сè повеќе навлегува во мрачниот свет на малоградското подземје, дом на Френк Бут, аморален злосторник и водач на група криминалци вмешана во убиствa, силувања и склона кон уживање на халуциногени средства.
Син сомот наидува на големо одобрение од критичарите и, имајќи го предвид емитирањето во ограничен број кина, се смета и за успешен на боксофисот. Дејвид Линч се здобива со втората номинација за оскар за најдобар режисер токму за Син сомот. Денес, филмот, заедно со Кјубриковите Пеколен портокал и 2001: Вселенска одисеја, и Евтини приказни на Квентин Тарантино се смета за еден од најзначајните и најуспешни култни класици на сите времиња. (повеќе...)