Википедија:Избрана статија/2007/47
Вилијам Хогарт (англ. William Hogarth), (10 ноември, 1697 – 26 октомври, 1764) е важен англиски сликар, графичар, ликовен сатиричар и карикатурист, кој се смета за првиот цртач на стрипови. Неговите дела се разновидни и варираат од одлични реалистични портрети до стриповиден серијал од слики наречен „современи поучни содржини“. Многу негови дела, иако понекогаш горки, ја исмеваат тогашната политика и обичаи.
Хогарт живее во време во кое уметноста станува сѐ повеќе комерцијализирана и гледана по излозите, крчмите и јавните згради. Старите хиерархии се распаѓаат, па затоа и се развиваат нови форми: баладната опера, буржојската трагедија и особено, новата форма на белетристика со име роман со помош на која авторите како Хенри Филдинг доживуваат голем успех. Така, во тоа време, Хогарт добива нова идеја, како што самиот забележува: „сликање и клиширање на современи поучни содржини ... да постапувам со содржините како драмски писател; сликата ми беше сцена“.
Во Англија, пред Хогарт, во ликовната уметност нема комедија. Неговите графики се скапи, и така останува до почетокот на 19ти век, кога препечатени стануваат достапни за пошироката јавност. Хогартовата куќа во Чизик, западен Лондон, денес е музеј со бесплатен влез; тука се наоѓа и една од најпознатите лондонски раскрсници – „Хогартовиот кружен тек“.