Вашингтон Ирвинг
Вашингтон Ирвинг (англиски: Washington Irving) (3 април 1783 – 28 ноември 1859) бил американски писател, есеист, биограф и историчар од раниот 19 век. Најпознат е по расказите „Легендата за Сонливата Долина“ и „Рип Ван Винкл“, кои се дел од неговата книга „Книгата на скици на Џефри Крејон, Гент“. Неговите историски дела ги вклучуваат биографиите на Џорџ Вашингтон, Оливер Голдсмит и Мухамед, како и неколку истории на Шпанија во 15 век, кои обработуваат теми како Кристофер Колумбо, Маварите и Алхамбра. Ирвинг, исто така, бил американски министер на Шпанија во периодот 1842 – 1846 година.
Вашингтон Ирвинг | |
---|---|
Дагеротип на Вашингтон Ирвинг | |
Занимање | раскажувач, есеист, биографичар, уредник, дипломат |
Книжевно движење | Романтизам |
Потпис |
Дебитирал во литературата во 1802 година со низата набљудувачки писма испратени во Утринска хроника, напишани под псевдонимот Џонатан Олдстајл. Откако се преселил во Англија поради семејниот бизнис во 1815 година, постигнал интернационална слава со издавањето на Книгата на скици на Џефри Крејон, Гент во 1819 година. До крајот на животот продолжил постојано да издава свои дела, претежно успешни, и напишал биографија за Џорџ Вашингтон во пет тома, само осум месеци пред неговата смрт на 76 години, во Теритаун, Њујорк.
Ирвинг, заедно со Џејмс Фенимор Купер, бил меѓу првите американски писатели признаени и во Европа, а поттикнал и автори како Натаниел Хоторн, Херман Мелвил, Хенри Водсворт Лонгфелоу и Едгар Алан По. Ирвинг, исто така, предизвикувал восхит кај некои европски писатели, како Сер Волтер Скот, Лорд Брајон, Томас Кемпбел, Френсис Џефри и Чарлс Дикенс. Како првиот вистински меѓународно докажан автор, Ирвинг се заложувал за пишувањето како легитимна професија и расправал за посилни закони за заштита на авторските права на американските писатели.
Животопис
уредиМладост
уредиРодителите на Вашингтон биле Вилијам Ирвинг постариот, со потекло од Кјухолм, Шепинсеј, Оркнеј, и Сара, шкотско-англиски имигранти. Се венчале во 1761 година додека Вилијам бил подофицер во британската морнарица. Имале 11 деца, од кои 8 преживеале до полнолетство. Нивните први два сина, и двајцата крстени Вилијам, умреле како бебиња, како и нивниот четврти син, Џон. Преживеаните деца биле: Вилијам помладиот (1766), Ана (1770), Петар (1772), Кетрин (1774), Ебенезер (1776), Џон Трит (1778), Сара (1780) и Вашингтон.[1]
Семејството живеело во Менхетн, Њујорк, и било дел од динамичната класа на трговци, кога се родил Вашингтон Ирвинг на 3 април 1783 година,[1] во истата недела кога жителите на градот дознале за прекинот на огнот на Британците, со кој завршила [Американска револуција|[Американската револуција]]. Мајката на Ирвинг го крстила по херојот на револуцијата, Џорџ Вашингтон.[2] На шест години, со помош на дадилката, Ирвинг го сретнал својот истоименик, кој тогаш живеел во Њујорк по неговата инаугурација за претседател во 1789 година. Претседателот го благословил младиот Ирвинг, кој подоцна средбата ја пресликал во цртеж со водени бои, кој и денес се наоѓа во неговиот дом.[3] Неколку од неговите постари браќа станале активни трговци во Њујорк, и го поддржувале својот помал брат во неговите книжевни стремежи, често помагајќи му финансиски да напреднува во својата писателска кариера.
Како незаинтересиран студент, Ирвинг повеќе сакал раскази со авантури и драми, а до 14 години веќе често бегал од вечерните часови за да оди во театар.[4] Епидемијата на жолта треска во Менхетн во 1798 година го принудила неговото семејство да го прати во поздрави средини, па така бил испратен на престој кај неговиот пријател Џејмс Кирк Полдинг во Теритаун, Њујорк. Токму таму Ирвинг дознал за блиското гратче Заспана Долина, со неговите необични холандски обичаи и локалните приказни за духови.[5] Ирвинг повеќепати патувал долж Хадсон како тинејџер, па бил и во подолга посета на Џонстаун, Њујорк, каде ја поминал областа на планините Катскил, во која се случува дејствието на Рип Ван Винкл. Ирвинг подоцна напишал дека од сите пејзажи на Хадсон, планините Катскил најмногу ја скокоткале неговата детска фантазија.[6]
Деветнаесетгодишниот Ирвинг почнал да праќа писма во њујоршкиот Утринска хроника во 1802 година, коментирајќи ги општествената и театарската сцена во градот, водејќи се по името Џонатан Олдстајл. Името, кое намерно укажувало на федералистичките склоности на писателот,[7] било само прво од многуте псевдоними што Ирвинг ги користел во текот на кариерата. Писмата му донеле рана слава и умерена озлогласеност. Арон Бур, еден од издавачите на Хроника, бил толку импресиониран што ѝ пратил исечоци од писмата на Олдстајл на неговата ќерка, Теодосија, додека писателот Чарлс Брокден Браун отпатувал во Њујорк за да го вработи Олдстајл во списание за книжевноста, на кое работел во Филаделфија.[8]
Загрижени за неговото здравје, неговите браќа финансирале продолжена тура низ Европа од 1804 до 1806 година. Ирвинг ги заобиколил повеќето места кои се сметале клучни за развојот на еден сè подинамичен младич, на незадоволство на брат му Вилијам. Вилијам напишал дека иако е задоволен со подобреното здравје на Ирвинг, не му се допаѓал изборот да „галопира низ Италија... оставајќи ја Фиренца на левата, а Венеција на десната страна.“[9] Наместо тоа, Ирвинг ги усовршувал социјалните и комуникациските вештини кои подоцна го направиле еден од најбараните гости во светот.[10] Тој напишал дека настојува ведро да ги прифаќа сите работи, и дека кога вечерата не му е по вкус, се труди да развие вкус за неговата вечера. Додека бил во посета на Рим во 1805 година, Ирвинг се спријателил со американскиот сликар Вашингтон Алстон,[9] и речиси потклекнал пред неговите убедувања да стане сликар. Сепак, подоцна напишал дека неговата улога во животот е поинаква.[11]
Први поважни дела
уредиИрвинг се вратил од Европа за да студира право со неговиот законски советник, судијата Џосаја Огден Хофман, во Њујорк. И самиот признавал дека не бил добар студент, и едвај го положил правниот испит во 1806 година.[12] Ирвинг почнал активно да комуницира со група на образовани млади луѓе, кои ги нарекувал „Момчињата од Килкени“.[13] Соработувајќи со брат му Вилијам и пријателот Џејмс Кирк Полдинг, тој го издал списанието за книжевност Салмагунди во јануари 1807 година. Пишувајќи под разни псевдоними, како Вилијам Визард и Ланселот Лангстаф, Ирвинг ја исмевал њујоршката култура и политика, на начин сличен на дешеното списание Мед.[14] Салмагунди постигнало умерен успех, а името и популарноста на Ирвинг се прошириле и надвор од Њујорк. Во седумнаесеттиот број, од 11 ноември 1807 година, Ирвинг му го доделил прекарот „Готам“, англосаксонски збор што значи „Град на прчовите“, на Њујорк.[15]
Во доцната 1809 година, додека ја оплакувал смртта на неговата седумнаесет-годишна свршеница, Матилда Хофман, Ирвинг завршил со пишување на неговата прва поважна книга, Историјата на Њујорк од почетокот на светот до крајот на холандската династија, од Дидрих Никербокер (1809), сатира за „надуеноста“ на локалната историја и современата политика. Пред нејзиното издавање, Ирвинг употребил лукавство, слично на денешните масивни маркетиншки кампањи: објавил серија реклами за исчезната личност во њујоршките весници, барајќи информации за Дидрих Никербокер, намуртен холандски историчар кој наводно исчезнал од неговиот хотел во Њујорк. Како дел од трикот, Ирвинг објавил известување, наводно од сопственикот на хотелот, информирајќи ги читателите дека доколку господинот Никербокер не се врати за да си ја плати сметката, ќе објави ракописи кои ги заборавил во собата.[16]
Несвесните читатели ја следеле приказната за Никербокер и ракописите со голем интерес, а дел од властите во Њујорк биле толку загрижени за исчезнатиот историчар, што дури и понудиле награда за неговото безбедно враќање. Управувајќи со „бранот“ на интерес кој го предизвикал со лукавството, Ирвинг, користејќи го псевдонимот на холандскиот историчар, ја издал Историјата на Њујорк на 6 декември 1809 година, која веднаш стекнала сеопфатен успех.[17] Ирвинг посочил дека книгата им се допаднала на читателите и го направила славен, бидејќи оригиналните дела во тоа време биле исклучителност и реткост во Америка.[18] Денес, презимето на Дидрих Никербокер, измислениот раскажувач на споменатата книга, но и други дела на Ирвинг, е прекар на жителите на Менхетн.[19]
По успехот на Историјата на Њујорк, Ирвинг барал работа и на крајот станал уредник на списанието Аналектик, каде пишувал биографии на поморски херои, како Џејмс Лоренс и Оливер Пери.[20] Тој, исто така, бил меѓу првите уредници кои ја препечатиле поемата на Францис Скот Кеј, „Одбраната на тврдината Мекхенри“, која подоцна ќе стане овековечена како химна на Соединетите Американски Држави.[21]
Како и многу други трговци и жители на Њујорк, Ирвинг на почетокот се противел на војната во 1812 година, но британскиот напад на Вашингтон ДЦ во 1814 година го убедил да земе учество.[22] Бил под команда на Даниел Томпкинс, градоначалник на Њујорк и командант на њујоршката државна војска. Освен во една извидничка мисија во областа на големите езера, Ирвинг немал позначаен придонес.[23] Војната се покажала катастрофална за многу американски трговци, вклучувајќи го и семејството на Ирвинг, и во средината на 1815 година тој заминал во Англија, со цел да ја спаси трговската компанија на своето семејство. Останал во Европа во наредните 17 години.[24]
Животот во Европа
уреди„Книгата на скици“
уредиИрвинг ги поминал следните две години во обид финансиски да ја спаси семејната компанија, но на крајот бил принуден да прогласи банкрот.[25] Немајќи изгледи за друга работа, тој продолжил да пишува во 1817 и 1818 година. Во летото, 1817 година, го посетил домот на романописецот Волтер Скот, со кого започнал доживотно, лично и професионално пријателство.[26] Ирвинг продолжил успешно да пишува. Расказот Рип Ван Винкл ја напишал за само една ноќ, додека престојувал кај сестра му Сара и нејзиниот сопруг, Хенри Ван Варт, во Бирмингем, Англија, место кое послужило како инспирација и за некои други негови дела.[27] Во октомври 1818 година, братот на Ирвинг, Вилијам, му обезбедил позиција на главен службеник во американската морнарица, и го повикал да се врати дома.[28] Сепак, Ирвинг ја одбил понудата, сакајќи да остане во Англија и да напредува во својата писателска кариера.[29]
Во пролетта 1819 година, Ирвинг му пратил повеќе есеи на брат му Ебенезер во Њујорк, и побарал да бидат издадени под името Книгата на скици на Џефри Крејон, Гент. Првото издание, кое ја содржело и Рип Ван Винкл, постигнало огромен успех, но и останатите изданија биле еднакво успешни. Делото се издавало во периодот 1819 - 1820 година во 7 изданија во Њујорк, и во два тома во Лондон (Легендата за Сонливата Долина се појавила во шестото издание во Њујорк, и вториот том во Лондон).
Како и многу други успешни автори во оваа доба, Ирвинг се борел против илегалното копирање.[30] Во Англија, некои од неговите скици биле преобјавени во месечни списанија без негова дозвола, што во тоа време не се сметало за прекршок, бидејќи не постоел закон за заштита на авторските права. За да го спречи развојот на пиратеријата во Британија, Ирвинг платил за неговите први четири изданија да бидат издадени во еден том од страна на Џон Милер во Лондон. Ирвинг побарал помош од Волтер Скот во наоѓањето на подобар издавач за останатите делови од книгата. Скот го упатил кај неговиот личен издавач, лондонскиот магнат Џон Мареј, кој се согласил да ја издава Книгата на скици.[31] Оттогаш па натаму, Ирвинг издавал истовремено и во САД, и во Англија, со цел да се заштити од пиратерија, а Мареј бил неговиот англиски издавач по избор.
Популарноста на Ирвинг постојано растела, а во наредните две години водел активен социјален живот во Париз и Англија, каде често бил нарекуван аномалија во книжевноста: амбициозен Американец кој се осмелил добро да пишува на англиски.
„Зградата Брејсбриџ“
уредиИ Ирвинг и Мареј сакале да го продолжат успехот на Книгата на скици, па затоа Ирвинг ја поминал речиси цела 1821 година патувајќи низ Европа во потрага по нов материјал, активно читајќи холандски и германски народни приказни. Попречен од недостиг на инспирација, и депримиран од смртта на брат му Вилијам, Ирвинг работел бавно, за конечно да му достави завршен ракопис на Мареј во март 1822 година. Книгата Салата Брејсбриџ, или Хумористите, Дружина (локацијата била отприлика заснована на Зградата Астон, во која живееле членови на семејството Брејсбриџ, во близина на домот на сестра му во Бирмингем) била издадена во јуни 1822 година.
Форматот на Брејсбриџ бил сличен на Книгата на скици, а во него Ирвинг, како Крејон, раскажувал збирка од повеќе од 50 лабаво поврзани раскази и есеи. Иако некои критичари тврделе дека книгата е помала имитација на Книгата на скици, неа добро ја прифатиле и читателите и критичарите.[32] Критичарот Франсис Џефри посочил во неговото списание Единбуршка критика дека книгата многу го задоволила и дека му е чест јавно да ја пофали.[33] Ирвинг бил задоволен поради позитивните реакции, кои придонеле многу за неговата популарност меѓу европските читатели.
Сè уште борејќи се со недостигот од инспирација, Ирвинг заминал во Германија, сместувајќи се во Дрезден, во зимата во 1822 година. Таму го „маѓепсал“ кралското семејство и се приврзал за госпоѓа Амелија Фостер, Американка која живеела во Дрезден со нејзините пет деца. Ирвинг особено се зближил со нејзината осумнаесет годишна ќерка Емили, и очајно ја посакувал нејзината рака во брак. Таа конечно ја одбила неговата понуда за брак во пролетта, 1823 година.[34]
Тој се вратил во Париз и почнал да соработува со драмскиот писател Џон Хауард Пејн, преведувајќи француски претстави за англиската публика, но со мал успех. Исто така, дознал преку Пејн дека романописецот Мери Волстонкрафт Шели била заинтересирана за романса со него, но Ирвинг никогаш не ја одобрил врската.
Белешки (англиски)
уреди- ↑ 1,0 1,1 Burstein, 7.
- ↑ PMI, 1:26, et al.
- ↑ Jones, 5.
- ↑ Warner, 27; PMI, 1:36.
- ↑ Jones, 11.
- ↑ PMI, 1:42-43.
- ↑ Burstein, 19.
- ↑ Jones, 36.
- ↑ 9,0 9,1 Burstein, 43.
- ↑ See Jones, 44-70
- ↑ Irving, Washington. "Memoir of Washington Allston", Works 2:175.
- ↑ Washington Irving to Mrs. Amelia Foster, [April–May 1823], Works, 23:740-41
- ↑ Burstein, 47.
- ↑ Jones, 82.
- ↑ Burrows, Edwin G. and Mike Wallace. Gotham: A History of New York City to 1898. (Oxford University Press, 1999), 417.
- ↑ Jones, 118-27.
- ↑ Burstein, 72.
- ↑ Washington Irving to Mrs. Amelia Foster, [April–May, 1823], Works, 23:741.
- ↑ Oxford English Dictionary.
- ↑ Hellman, 82.
- ↑ Jones, 121–22.
- ↑ Jones, 121.
- ↑ Jones, 122.
- ↑ Hellman, 87.
- ↑ Hellman, 97.
- ↑ Jones, 154-60.
- ↑ Jones, 169.
- ↑ William Irving Jr. to Washington Irving, New York, 14 October 1818, Williams, 1:170-71.
- ↑ Washington Irving to Ebenezer Irving, [London, late November 1818], Works, 23:536.
- ↑ Burstein, 114
- ↑ Irving, Washington. "Preface to the Revised Edition", The Sketch Book, Works, 8:7; Jones, 188-89.
- ↑ Aderman, Ralph M., ed. Critical Essays on Washington Irving. (G. K. Hall, 1990), 55–57; STW 1:209.
- ↑ Aderman, 58-62.
- ↑ Jones, 207-14.
Библиографија (англиски)
уреди- Burstein, Andrew. „The Original Knickerbocker: The Life of Washington Irving“. (Basic Books, 2007). ISBN 978-0-465-00853-7
- Bowers, Claude G. „The Spanish Adventures of Washington Irving“. (Riverside Press, 1940).
- Hellman, George S. „Washington Irving, Esquire“. (Alfred A. Knopf, 1925).
- Grant, Edward. (2001) „God & Reason in the Middle Ages“, Cambridge University Press, ISBN 978-0-521-80279-2
- Grant, John. (2006) „Discarded Science: Ideas that seemed good at the time ...“ [sic], ff&f (Facts, Figures & Fun), publisher, ISBN 978-1-904332-49-7.
- Irving, Pierre M. „Life and Letters of Washington Irving“. 4 vols. (G.P. Putnam, 1862). Cited herein as PMI.
- Irving, Washington. „The Complete Works of Washington Irving“. (Rust, et al., editors). 30 vols. (University of Wisconsin/Twayne, 1969–1986). Cited herein as Works.
- Irving, Washington. (1828) „History of the Life of Christopher Columbus“, 3 volumes, 1828, G. & C. Carvill, publishers, New York, New York; as 4 volumes, 1828, John Murray, publisher, London; and as 4 volumes, 1828, Paris A. and W. Galignani, publishers, France.
- Irving, Washington. (1829) „The Life and Voyage of Christopher Columbus“, 1 volume, 1829, G. & C. & H. Carvill, publishers, New York, New York; an abridged version prepared by Irving of his 1828 work.
- Jones, Brian Jay. „Washington Irving: An American Original“. (Arcade, 2008). ISBN 978-1-55970-836-4
- Warner, Charles Dudley. „Washington Irving“. (Riverside Press, 1881).
- Williams, Stanley T. „The Life of Washington Irving.“ 2 vols. (Oxford University Press, 1935). ISBN 0781252911
Надворешки врски
уреди„Вашингтон Ирвинг“ на Ризницата ? |
- Дела од или за Вашингтон Ирвинг на Семрежен архив (скенирани книги, изворни изданија, илустрирани во боја) (англиски)
- Дела од Вашингтон Ирвинг на Project Gutenberg (обичен текст и HTML) (англиски)
- Познати цитати од Вашингтон Ирвинг Архивирано на 6 февруари 2008 г. (англиски)
Дипломатски функции | ||
---|---|---|
Претходник Арон Веил |
Американски амбасадор во Шпанија 1842–1846 |
Наследник Ромулус М. Сондерс |