Интернетски бот, интернет-бот, веб-робот или само бот — скратен назив за софтверски робот, односно интелигентен софтверски агент. Ботовите често вклучуваат елементи на вештачка интелигенција. Типично, ботовите извршуваат едноставни и структурно повторувачки задачи, со многу поголема брзина од човекот. Најголема примена ботовите имаат во веб-индексирањето, при кое автоматска скрипта презема, анализира и сместува информации од опслужувачи со многу поголема брзина од човекот. Повеќе од половината од веб-сообраќајот произлегува од ботовите.[1]

опслужувачите кои вдомуваат мрежни места, им се спротивставуваат на ботовите на различни начини. опслужувачите може да изберат да имплементираат податотека со правила на однесување на интернетските ботови robots.txt: оваа податотека е текст кој ги наведува важечките правила на однесување на ботовите на тој опслужувач. На секој бот кој комуницира со опслужувач, а кој не ги следи наведените правила, теориски, ќе му биде одбиен пристапот, или ќе биде отстранет, од афектираното мрежно место. Доколку, имплементирањето на текстуалната податотека е единствена мерка, без поврзување со одреден програм/софтвер/апликација, тогаш придржувањето до наведените правила е целосно доброволно, реално не постои начин истото да се обезбеди, дури ни да се осигура дека творецот или имплементаторот на ботот да ја прочита содржината на текстуалната податотека. Некои ботови се „добри“, на пример индексерите на пребарувачите, додека други може да се користат за злонамерни напади, особено во политички кампањи.[1]

Во преносно значење, овој поим се користи за припадниците на интернет тимовите на политичките партии чија должност е да пишуваат коментари за поддршка на своите партии и нивните водачи на веб-порталите и друштвените мрежи, вршејќи на тој начин влијание на јавното мислење.

Потекло на поимот

уреди

Зборот „бот“ доаѓа од англискиот „bot“, кој пак од своја страна потекнува од зборот „робот“.

Зборот „ботнет“ е кованица од „бот“ и „network“ (мрежа), и има негативна конотација[2].

Интернет бот

уреди

Интернет ботот се интегрира на мрежните места, при што на мрежата се однесува како да е човек. Најчесто се применува за реклами или спамови, но и за корисни работи како што се техничка поддршка на корисниците, помош при телеобразование, итн.

Едни од најзастапените интернетски ботови се чет-ботовите и спам-ботовите.

Чет-бот

уреди

Чет-ботот се обидува подражава чет-партнер. Постојат добронамерни и злонамерни чет-ботови.

  • Добронамерните обично се користат како техничка поддршка за одредено мрежно место, односно производ, за да му се помогне на корисникот полесно да дојде до саканата информација. Скоро секогаш истите се претставуваат како бот за да му свртат внимание на корисникот дека разговара со машина. Значајна им е употребата во образованието каде може да преземе улога на инструктор или предавач.
  • Злонамерните обично не сакаат да бидат откриени дека се машини, туку сакаат корисникот да мисли дека разговара со човек. Овие ботови главно имаат цел да рекламираат одредено мрежно место и корисникот да го упатат на неа. Најчесто се појавуваат на веб-чет локациите или во вид на банер на одредени мрежни места.

Спам-бот

уреди

Спам-ботот спаѓа во категоријата штетни софтвери и може да служи за реклама на одредено мрежно место, односно производ, или за цел да има да ѝ наштети на одредено мрежно место, корисник или група корисници. Може да прави автоматски налози на одредено мрежно место, најчесто на форуми, и да остава голем број на пораки. Тие пораки може да имаат за цел да рекламираат одредено мрежно место, односно производ, или да имаат задача да ја нарушуваат нормалната дискусија меѓу корисниците, така што ја прават помалку разбирлива и со тоа да ѝ го наруши рејтингот на таа страница. Како една од најдобрите заштита од спам-ботови се користи капча (англиски: CAPTCHA) со која се одредува дали корисникот е човек или бот.

Играчки бот

уреди

Играчкиот бот се користи во компјутерски игри каде подражава противник на играчот. Добро познати примери се компјутерскиот шах и стратешките игри со повеќе противници. Исто така широка примена имаат во тимските игри, кога на тимот му недостасува играч, ботот ја презема неговата улога.

Партиски бот

уреди

Во преносно значење, партиски ботови се нарекуваат членовите на политички партии (обично оние пониските) кои за мал надоместок пишуваат афирмативни коментари во корист на својата партија или нејзиниот водач на оние веб-портали кои користат антибот проверки (капчи). Ваквите активности се најизразени во текот на предизборните кампањи. Партиското ботовање, покрај пишувањето афирмативни коментари, вклучува и вештачко влијание на односот на оценките под коментарите (плусови и минуси), така што едно лице може повеќепати да оцени ист коментар со помош на софтвер за криење на правата корисничка IP-адреса.

Наводи

уреди
  1. 1,0 1,1 Zeifman, Igal. „Bot Traffic Report 2016“. Incapsula.
  2. „Ботнет: вистински ризик“. Архивирано од изворникот на 2022-04-08. Посетено на 2018-04-04.