Борис Стојчев (театролог)

Борис Стојчев е роден на 20 август 1926 г. во Кочани[1]. Основно училиште завршил во Кочани, а гимназија најпрвин учи во Штип, а потоа во Кочани. Во својата долгогодишна научно истражувачка и уметничка кариера работи како новинар во весниците „Народен глас“ и „Млад Борец“ каде работи како уредник на внатрешната и надворешно-политичката рубрика.

Борис Стојчев

Потоа, во ноември 1949 г. е назначен за директор на Народниот театар при Штипската област, а во септември 1950 г. учествувал во формирањето на Околискиот народен театар во Кочани, а во истиот се јавува и во улога на режисер. Во август 1965 г. е назначен за раководител на активностите околу формирањето на Домот на културата “Бели мугри“ во Кочани, чиј директор е и во периодот од 1971 до пензионирањето во јуни 1987 година.

Како режисер во Околискиот народен театар во Кочани, Борис Стојчев режирал 10 претстави: “Кога жената е нема“ (1965), “Голгота“ (1972), “Чорбаџи Теодос“ (1975), “Вук Бубало“ (1976), “Црнила“ (1978), “Обичен човек“ (1980), “Ноќи на гневот“ (1981), “Неиспеана свадбена песна“ (1982), “Фамилија Бло“ (1983) и “Кир Јања“ (1984). Работи и во аматерскиот театар за чии потреби ги превел претставите “Протекција“, “Без вина виновни“ и “Бог да ја прости тетка“. Тој е еден од иницијаторите за поставување на оперети на сцената на Домот на културата “Бели мугри“, а под неговата режисерска палка изведени се оперетите “Загорски трендафил“ (1963), “Наталка Полтавка“ (1976) и “Бегалка“, како и детските оперети “Зајко кокорајко“ (1960), “Кривиот пат“ 1966) и “Шумски чуда“ (1981).

Како глумец учествуваше во снимањето на филмот “Оловна бригада“ на режисерот Кирил Ценевски, како и во телевизиските серии “Курирот на Гоце“, “Детството на Никола Карев“ и “Јуначко колено“[2] на режисерот Благоја Андреев.

Борис Стојчев во текот на својот животен и работен век работеше и како собирач на народни песни и умотворби од кочанскиот крај, за што Македонската телевизија изготви и посебна емисија.

Добитник е на повеќе награди и признанија, меѓу кои и на наградата “Мирко Стефановски“ на Културно-просветната заедница на Македонија во мај 1986 г.

Иницијатор е за формирање на КУД “Изгрев“, ансамбл за староградски песни со кој се снимени голем број песни од Кочани и Кочанско со што трајно се зачувани од заборав.

Борис Стојчев почина на 1 август 2009 г. во Кочани.

Наводи

уреди
  1. “Уста ми пее, срце ми плаче“ - Борис Стојчев, збирка мелодии и аранжмани, издавач Општина Кочани, 2010 г.
  2. International movie database