Чорбаџи Теодос
„Чорбаџи Теодос“ (оригинален наслов: „Нагазил човекот“) — комедија на македонскиот драмски писател Васил Иљоски од 1937 година.[1] Делото претставува комедија на интрига инспирирана од анегдотата за присилното кумство. Првобитно драмата е напишана на српски јазик под насловот Нагазил човекот, а потоа самиот тој јазично ја преработува најпрвин на централните македонски говори, а потоа и на скопски дијалект. Исполнета со голем број на битови и социјални елементи. Писателот своите тенденции ги насочува кон тоа на читателот односно гледачот да му ја прикаже забранетата љубов на двајцата млади, како и да го исмее надуениот чорбаџиски свет. Воедно јасно е прикажано кој од ликовите е на страната на доброто, а кој на страната на лошото, кој и за што ќе се бори, а против кого.[2]
Автор | Васил Иљоски |
---|---|
Изворен наслов | „Нагазил човекот“ |
Земја | Македонија |
Јазик | Македонски |
Жанр | комедија |
Издадена | 1937 |
Медиум | печатено |
Страници | 104 (Издание на Детска радост, 2005). |
Драмско дејство
уредиДејството се случува во Скопје, во турско време. Драмата е составена од три чина, а драмското дејствие е развиено во четири етапи. Првиот чин е остварен како експозиција на драмското дејство и се случува во домот на Чорбаџи Теодос. Вториот чин го претставува заплетот на интригата на Арсо и се случува на патот кон лозјата на Водно. Во третиот чин на лозјата на Арсо, означен како простор на јавната сцена, интригата на Арсо (Чорбаџи Теодос да стане цигански кум) ја достигнува својата кулминација и воедно, комедиографскиот расплет.[2]
Содржина
уредиПрв чин (1-34 појава)
уредиПрвиот чин започнува во претсобјето на вториот кат на куќата на Чорбаџи Теодос. Неговата жена Параскева оди полека на прсти за да не го разбуди чорбаџијата порано, но уплашено сфаќа дека часовникот застанал. Таа ги повикува своите слуги Наца и Спиро, но и тие од страв одбиваат да го разбудат чорбаџијата „.....Наца: Иј, шпото шпотосана! (на Спиро) Ами ти си машко. Ајде не биди страшлив, разбуди го. Јас имам триста работи (излегува)...“[3] „..Спиро: Што рече јас страшлив? Не сум јас страшлив чорбаџике, ама нејќам не да се правам некој Марко Крале. Нејќам јас да чепкам мечка со сламка. А и јас работата си ја оставив несвршена (излегува)...“[3] Тогаш, во куќата на чорбаџијата влегува Ефка за да позборува за бракот на Стојанка и Томче. Ефка е тетката на Стојанка, убава и вредна, но сиромашка девојка која Томче, синот на Чорбаџи Теодос, сака да ја земе за жена, а татко му не сака ни на слушне за таквиот брак. Преку оваа појава односно со разговорот на Кева И Ефка се истакнува патријархалниот начин на живот во тоа време „... Ефка на Кева: Не омажија за невидени и нечуени, а тие што ги сакавме ги оженија за други.“[3]. . Тогаш се појавува и Томче убаво момче, со танки мустачиња, густа кадрава коса, убаво облечен, но целиот блед, потиштен и огорчен.[4]. Во разговорот со мајка си, Томче е решен одлучно да му се спротивстави на татко си и да ја земе за жена Стојанка. Тој е толку лут на татко си, што се заканува дека ќе го натепа, но кога му кажуваат да го разбуди татко си, и тој се повлекува, покажувајќи ги својот страв и нерешителност. Никој не се осмелува да го разбуди чорбаџијата и чекаат сите тој сам да стане. Теодос се буди и влегува во ноќна долга кошула со мрачно лице на кое никогаш не се јавува ведрина, со студен поглед, веќе разлутен што не го разбудиле, а гледајќи дека нема никој да го пречека, тој избувнува. Тогаш, го погледнува часовникот и гледа дека застанал, па почнува да вика по својата жена и слугите. Тогаш, влегува и Томче, губејќи ја сè повеќе храброста што ја беше собрал и уплашено, повторно се обидува да го услови својот татко. Но, Теодос не само што ја одбива неговата молба, дури и ја исмејува Стојанка.[5]
Втор чин (1-18 појава)
уредиВториот чин започнува со разговорот на Томче и Стојанка која иако е силно заљубена, како и Томче се чувствува навредена и загрозена така што со нејзиното женско тактизирање го уценува Томче дека ако до вечер тој не знае дали ќе ја земе, таа ќе оди за друг. Арсо пак, умен и итар до лукавост кој го загубил лозјето поради долгови кон чорбаџијата, смислува начин како да го задржи. Дејствието се префрла на група Роми кои бараат кум за новороденото дете и како што е адетот оној што прв ќе помине тој треба да им стане кум. Арсо ги догледува Ромите и се смее со израз на симпатија. Смислува план како Теодос да стане цигански кум. Но, се појавуваат неколку пречки односно, пијаниот селанец и слугата Спиро кои Арсо на тежок начин но сепак успева да им го одврати патот. Тука конечно доаѓа Теодос и паѓа во замката на Арсо. Доаѓаат Ромите, Теодос се наоѓа во небрано, но никако не сака да прифати да им биде кум.[6]
Трет чин (1-17 појава)
уредиДејството во третиот чин се одвива под еден разгранет орев, а до него плиток бунар со камена ограда. Таму доаѓаат Ефка и Стојанка. Арсо, со фалби за Стојанка се обидува да го премисли Теодос. Стојанка му носи чаша вода на чорбаџијата, но тој ја навредува не прифаќајќи ја подадената чаша. Се слушаат свирки од далеку и се приближуваат Ромите за да го развеселат новиот кум. Арсо ја гледа загриженоста и одвратноста на Теодосовото лице и уште за повеќе да го исмее го насамарува да се скрие во колипката полна со слама и болви. А потоа им дава знак на ромите за тоа каде е скриен чорбаџијата. Тие го наоѓаат а тој- кутриот од мака се заседнува и прво пие од нивните чаши, а потоа од заедничкото шише. Доаѓаат Кева и Наца, а потоа и Томче опијанет исто како и него решен на било кој начин да го добие неговиот благослов за Стојанка. Теодос, сосема очаен, не може да најде друг излез освен да ја прифати помошта на Арсо во замена за лозјето.[4]. Тој му предлага да му дозволи на Томче да ја земе Стојанка, но и да го земе кумството, а Томче поради преголемата љубов ја прифаќа спогодбата. Теодос исмеан, дури и од слугите си заминува да се скрие од срамот.[7]
Ликови
уредиВо драмата се појавуваат следниве ликови:[8]
- Теодос — богат трговец и лихвар
- Кева — неговата жена
- Томче — нивниот син
- Спиро — слуга на Теодос
- Наца — слугинка, жената на Спиро
- Стојанка — сиромашна девојка
- Ефка — нејзината тетка
- Арсо — бакал
- Поцко — христијански Циганин
- Петрија — неговата жена
- Ампо, Ѓорго, Ристе и Коле — нивните синови
- Цонка — нивната баба
- Панко — коџобашија
- Селанец
- Свирачи
Ликовите се комедиографски типизирани во согласност со патријархалниот устрој на прикажаниот свет односно положбата и немањето на можност на жените да одлучуваат за сопствените постапки во тоа време. Прикажана е незрелоста на младешкиот инает, бунтувањата на вљубениот чорбаџиски син, итрината на селаните, исмејувањето на чорбаџиската сериозност. Чорбаџи Теодос е претставник на власта и парите. Тој сите ги гледа од високо, со понижување, потценување и ароганција (и жена си и сина си). Тој е жртва на сопствените предрасуди и фрустрации.
Изданија
уреди- Васил Иљоски, Чорбаџи Теодос. Македонска книга, Скопје, 1974.
- Васил Иљоски, Чорбаџи Теодос. Просветно дело, Редакција Детска радост, Скопје, 2005. Драмата била објавена во едицијата „Лектирни изданија“. Дизајнот и графичкото уредување е дело на Жарко Туниќ, автор на илустрациите е Димче Исаиловски, а лектурата ја извршила Кате Ноневска. Книгата, со обем од 104 страници, е испечатена во печатницата Напредок од Тетово. Таа е каталогизирана во НУБ „Св. Климент Охридски“, Скопје и ја носи меѓународната ознака ISBN 9989-30-723-7.[8]
Наводи
уреди- ↑ docs.google.com
- ↑ 2,0 2,1 Бојковска Стојка, Тодоровски Гане, Минова-Ѓуркова Лилјана, Пандев Димитар, Цветковски Живко, Аврамовска Наташа, Македонски јазик и литература за реформирано гимназиско образование за III година. Просветно дело, Скопје, 2004.
- ↑ 3,0 3,1 3,2 Иљоски, Васил (1974), Чорбаџи Теодос. Македонска книга, Скопје
- ↑ 4,0 4,1 Богданоска, Билјана, Македонски јазик и литература за средно стручно образование
- ↑ Васил Иљоски, Чорбаџи Теодос. Просветно дело, Редакција Детска радост, Скопје, 2005, стр. 7-38.
- ↑ Васил Иљоски, Чорбаџи Теодос. Просветно дело, Редакција Детска радост, Скопје, 2005, стр. 39-66.
- ↑ Васил Иљоски, Чорбаџи Теодос. Просветно дело, Редакција Детска радост, Скопје, 2005, стр. 67-102.
- ↑ 8,0 8,1 Васил Иљоски, Чорбаџи Теодос. Просветно дело, Редакција Детска радост, Скопје, 2005.
Користена литература
уреди- Богданоска Билјана, Македонски јазик и литература за средно стручно образование
- Иљоски Васил (1974), Чорбаџи Теодос. Македонска книга, Скопје
- Бојковска Стојка, Тодоровски Гане,Минова- Ѓуркова Лилјана, Пандев Димитар, Цветковски Живко, Аврамовска Наташа (2004) Македонски јазик и литература за реформирано гимназиско образование за III година. Просветно дело ад, Скопје