Битка кај Мидвеј (од 4 до 7 јуни 1942 г.) — една од најзначајните поморски битки на Тихиот Океан во Втората светска војна помеѓу морнариците на САД и Јапонското Царство.

Американските бомбардери Douglas SBD-3 од носачот Хорнет во акција

Почетниот воен успех на Јапонците, големите штети во воената база на Перл Харбор, освојување на Борнео, Суматра, Филипините, Малезија, Сингапур, Холандска Источна Индија, нанесени големи загуби на далекуисточната флота на Британската морнарица им влевал надежи дека лесно и без отпор ќе завладеат со Фиџи, Самоа и со Австралија. Оваа нивна намера била сериозно осуетена еден месец порано со Битката во Коралното Море каде задружените сили на САД и Австралија извојувале огромна стратешка победа иако воено не ги ослабнале јапонските сили.

Пролетта 1942 Американците започнале да ги бомбардираат индустриските цели на островот Хоншу, Токио и Јокохама (т.н операција Дулитл) со авиони од носачот „Хорнет“ нанесувајќи сериозни загуби. Јапонците (погрешно) биле убедени дека американските бомбардери полетале од Мидвеј, важна попатна (поморска и авионска) станица насреде Тихиот Океан, а во тој момент најблиската евентуална појдовна точка на сојузниците до Јапонскиот Архипелаг. Дотогашните почетни воени успеси преовладале јапонците да гледаат со големо потценување кон непријателот дури несвесни дека по Битката во Коралното Море дефинитивно е ставен крај на нивните успешни офанзиви на Тихиот Океан. Сепак биле решени да го освојат Мидвеј. Успехот го гледале со своите претпоставки дека американците се деморализирани од претходните загуби (еден потопен носач на авиони, друг тешко оштетен и неупотреблив, бојните бродови се само „парче железо“ во хавајското пристаниште, итн.

Приказ на јапонската воена експанзија и плановите на адмирал Јамамото, Април 1942

Знаејќи дека Мидвеј го штитат слаби воени сили на САД, јапонските поморски сили под команда на маршал-адмирал Исороку Јамамото започнале напад со намера да го освојат островот. Флотата за напад била поделена на 2 дела, слаб северен дел и супер моќен западен дел (4 носачи на авиони со поддршка). Јапонската претпоставка дека американците имаат на располагање само 2 носачи на авиони и дека истите ќе бидат намамени од жртвуваниот северен дел од флотата биле погрешни. Американците свесно не обрнале внимание на северниот дел од јапонската флота која се наоѓала на отворено море и не претставувала никаква опасност по нив, туку своите 3 носачи на авиони ги упатиле малку јужно од Мидвеј.

Кога јапонските бомбардери започнале со нападот на Мидвеј, биле изненадени од присуството на американските носачи на авиони што довело до мала конфузија во нападот. Сепак неколку јапонски бомбардери извршиле напад на „Јорктаун“ при што му нанеле тешки оштетувања. Но сега веќе информирани за присуството на американските носачи на авиони, јапонците го смениле тактичкиот дел од планот: се повлекле на платформите на своите носачи на авиони за да ги заменат бомбите со торпеда за полесно да ја уништат американската флота. Американските бомбардери тргнале по нив.

Бомбардери B-17 во напад на јапонскиот носач Хирју

Без скоро ниту еден авион во воздушна битка (сите јапонски авиони биле во фаза на менување на бомбите со торпеда, а авионите ловци не можеле да полетаат бидејќи полетно-слетните платформи биле зафатени) јапонските носачи на авиони биле лесна мета за американските бомбардери кои со суновратни напади за 15 минути потопиле 3 од нив (носачите на авиони Кага, Акаги и Сорју). Четвртиот носач Хирју се наоѓал 30 км северозападно, неговиот командант контра-адмирал Тамон Јамагучи бил збунет и не можел да поверува на гледката во далечина. Најпрво почнал да се повлекува, но бесот бил преголем и набргу се завртел и почнал да плови кон американската флота започнувајќи противнапад. Ги испратил сите свои авиони во бескомпромисен напад кон американски цели, неколку бомби го погодиле веќе оштетениот „Јорктаун“, но за тоа време останал сам на отворено море и онака беспомошен бил лесен плен за американските авиони.

Јорктаун“ бил во лоша состојба, најпрво сериозно оштетен во Битката во Коралното Море, иако делумно поправен за само 72 часа во Перл Харбор, преживеал уште една тешка битка. Но во продолжение на Битката за Мидвеј, во потрага по останатите бродови од јапонската флота на 7 јуни 1942 бил торпедиран од јапонска подморница.

Загубата на еден носач на авиони за американците не претставувала голем проблем за моќната индустрија, неколку други носачи на авиони биле во завршна фаза на производство.

Последици

уреди

Уништувањето на најмоќниот дел од јапонската флота довело до неравноправна борба на Тихиот Океан до крајот на војната. Пресудната битка била добиена за Американците, од тој момент Јапонците се повлекуваат во дефанзива.

Поврзано

уреди

Напад на Перл Харбор