Сини Вирој

мочуриште во Македонија
(Пренасочено од Белчински Син Вир)

Сини Вирој (познато и како Белчишко Блато или Белчишки Син Вир) — мочуриште на подрачјето на Општината Дебрца, помеѓу селата Белчишта и Ново Село.[1]

Сини Вирој
Сини Вирој -
Сини Вирој -
Поглед на источниот крај на мочуриштето
Место Ново Село и Белчишта, Дебрца
Земја Македонија
Околна водна површина река Матица, Сатеска
Вид блато
Површина 120 хектари

Настанок и одлики

уреди
 
Глетка од бара во мочуриштето

Претставува реликтен остаток од некогашното Десаретско Езеро, со кое котлината Дебрца била поплавена во плиоценот. Со повлекување на Десаретското Езеро по должината на реката Сатеска, бројни ендемски видови на растителен и животински свет останале да постојат и понатаму во водите на блатото. Белчишкото Блато е најголемото сочувано водно живеалиште во Македонија, со површина од околу 1,2 км2.[2]

Самото пространство на мочуриштето претставува и изворишен дел на реката Матица, односно тоа кон север и исток е обрабено со возвишението Габер кое е издадена западна огранка на Илинска Планина, додека кон југ и исток е отворено кон пространата рамнина на котлинското дно на Дебрца со надморска височина од 767 метри, при што самото блато се напојува од повеќе студени издашни извори како на пример Св. Ана, Св. Јован и уште неколку на источниот раб близу до црквата „Св. Петка“. Истекот на сите овие извори ја образуваат реката Матица, а со прокопувањето и регулирањето на нејзиното корито во втората половина на XX век, површината на мочуриштето Сини Вирој е значително намалена[3]

Подрачјето на блатото се користи од околните жители за напасување и поење на стока, косење, лов, риболов и рекреација (место за пикник)[4]. Според стратегијата за биоразновидност и акционен план на Македонија од 2004 година, предвидено е прогласување на Белчишкото Блато за заштитено подрачје и истата мерка е класифицирана во приоритетите од првостепено значење.

Биоразновидност

уреди

Иако теренот е непристапен, резултатите на прелиминарните истражувања покажале дека во мочуриштето постои голема разновидност на флората и фауната. Во овој воден екосистем, според истражувањта се евидентирани вкупно 55 различни растителни видови и седум различни видови на риби. Исто така има 9 претставници на птиците, 9 цицачи, претставници од 9 водоземци и влекачи, како и 14 претставници на безрбетниците.[5]. Во минатото пред мелиоративните зафати во мочурштето во периодот до шеесеттите и седумдесеттите години на XX век живееле големи јата на патки чиј број изнесувал меѓу 30.000 до 50.000 птици, и биле предмет и на лов од мештаните[3].

Галерија

уреди

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. Мицевски, Б.: Каталог на Македонските водни станишта како природни ресурси, Посебно издание на ДПЗПМ, ISBN 9989-2080-2-6: 1-73. Скопје, 2003
  2. Tалевски, Т., М. Талевска, Т.Наумоски, В. Новевеска, Л. Локоска (2007): Прелиминарни истражувања на мочурливите терени во реонот Дебрца и предлагање на мерки за нивна заштита како делови на природата од посебен интерес, Завршен извештај:1-47. Скопје.
  3. 3,0 3,1 Според кажување на мештани на Ново Село, забележал Марио Шаревски на 26.05.2018
  4. Василески, Д. (1999): „Хидрографски одлики на котлината Дебарца“, Географски разгледи, кн. 34, Скопје;
  5. TALEVSKI, Trajce, M. TALEVSKA: PRELIMINARY INVESTIGATIONS OF BELCISTA WETLAND "SINI VIROJ: (MACEDONIA) [PSI Hydrobiological Institute, 6000 Ohrid, R. Macedonia, 50 Naum Ohridski Street].

41°18′45″N 20°49′19″E / 41.31250° СГШ; 20.82194° ИГД / 41.31250; 20.82194