Белец
Научна класификација
Царство: Животни
Колено: Хордати
Класа: Птици
Ред: Морски нуркачи
Семејство: Gaviidae
Род: Gavia
Вид: Белец
Научен назив
Gavia arctica
(Карл Лине, 1758)
Subspecies
  • G. a. arctica
  • G. a. viridigularis

Белецот или црногушест морски нуркач (Gavia arctica) е водна птица преселница која е распространета на северната полутопка. Видот во Северна Америка е познат како арктички нуркач, а во Евроазија како црноврат нуркач.

Распространетост

уреди

Белецот се размножува во Евроазија, а повремено во северна Алјаска. Зимува на море или на големи езера. Го среќаваме и во Македонија. Понекогаш заскитува и до Индија и Пакистан.

Таксономија

уреди

Белецот е една од многуте птици опишани од Карл Лине во неговата книга од 18 век, Systema Naturae.[2]

 
Белец во сезона и вон сезона на парење
 
Gavia arctica

Опис

уреди

Возрасните единки се долги од 58 до 77 см, со распон на крилјата од 100 до 130 см, по форма многу слични, но помали од големиот северен нуркач (Gavia immer).[3] Тежината му се движи од 2 до 3.4 кг.[4] Белецот има темносива глава, црн врат, бели долни делови од телото и карирана црно-бела мантија (грб). Вон сезона на парење боите на перјето му се позаматени и има бела брада и врат. Клунот му е сив или белкаст, тенок и долг (во форма на кама). Белата дамка на крилјата на овој вид го разликуваат од другите видови, особено од речиси идентичниот тихоокеански нуркач (Gavia pacifica). Белецот лета со испружен врат. Огласувањето на белецот е многу разновидно и е тешко да се пренесе со зборови. Во лет, најчесто може да се слушне рапав, постепено забрзувачки звук „ка-ка-ка-ка-каррааа“ или единствено отсечно „гак“, кога се во вода се многу погласни, но мелодични со огласување како „ку-ку-ии“. Во време на додворување пеат во дует и прават разни звуци како ’ржење, јодлање и сл.

Исхрана

уреди

Како и сите морски нуркачи, и овој вид е специјалист за риболов, ловејќи го својот плен нуркајќи. Освен со риби, се храни и со инсекти, ракови, мекотели и др.

Размножување

уреди

Целосната зрелост за размножување белецот ја постигнува во третата година на животот. Моногамни се, паровите се постојани. Гнездењето започнува кога почнува да се топи мразот од водата. Езерата кои ги избираат се разновидни, но важен услов е да имаат должина од 15-20 метри за да можат да полетаат. Во едно езерце се гнезди еден пар, но во поголеми езера или лагуни може да се гнездат и 3-4 пара, односно секој пар има потреба од територија од околу 50 до 150 метри. Паровите го користат истото место за гнездење, а често и истото гнездо. Гнездото го прават на мали островчиња или на брегот, најчесто на земја, каде постилаат суви гранки, мов, листови и слично. Обично, мажјакот го прави гнездото. Најчесто женката снесува 2 јајца, поретко 1 или 3. Јајцата се темни, зеленомаслинести или маслинестокафени со кафеноцрни точки и дамки. Ги инкубираат двата родитела, но женката повеќе време поминува врз јајцата. Инкубацијата трае 28-30 дена. Тежина на пилињата е околу 75 g со вкупна должина од околу 170 милиметри. За два-три дена го напуштаат гнездото и можат самостојно да пливаат и да се хранат. По 60-70 дена стануваат сосема независни.

Договорот за заштита на африканско-евроазиските миграторни водни птици се однесува и на белецот.

Наводи

уреди
  1. BirdLife International (2012). Gavia arctica. IUCN Red List. Version 2012.1. International Union for Conservation of Nature. Посетено на 16 July 2012.
  2. (латински) Linnaeus, Carl (1758). Systema naturae per regna tria naturae, secundum classes, ordines, genera, species, cum characteribus, differentiis, synonymis, locis. Tomus I. Editio decima, reformata. Holmiae. (Laurentii Salvii).
  3. [1] Архивирано на 2 јануари 2010 г. (2011).
  4. CRC Handbook of Avian Body Masses by John B. Dunning Jr. (Editor). CRC Press (1992), ISBN 978-0-8493-4258-5.

Надворешни врски

уреди