Апостол Сила
Сила или Силван (грчки: Σίλας/Σιλουανός) — истакнат член на ранохристијанската заедница во I век и еден од Седумдесетте апостоли. Според Новиот завет го придружувал Апостол Павле на неговото второ мисионерско патување, како што се раскажува во Делата на светите апостоли.[1] Познат е како негов соучесник во неговата мисија во Македонија.
Сила | |
---|---|
апостол, ученик, мисионер, епископ и маченик | |
Починал(а) | 65–100, Македонија |
Почитуван(а) во | |
Слава |
|
Обележја | мачеништво |
Овој светител е нарекуван по две имиња, веројатно варијанта на истото име. Павле секогаш го нарекува „Силван“, а како таков се споменува и во Првото послание на Петар. На други места се води како „Сила“.
Житие
уредиСила за првпат се споменува во Дела 15,22, каде духовните старешини решаваат дека тој и Јуда Варсава, треба да се врати заедно со Павле и Варнава во Антиохија по одржувањето на Ерусалимскиот собор. Сила и Јуда се споменуваат како водачи меѓу браќата, пророци и делотворни говорници. Павле го бира Сила за сопатник на втората мисија по разделбата со Барнава која произлегла од Марковото учество. Во оваа втора мисија, Сила и Павле за кратко се затворени во Филипи, Македонија, кога се случил земјотрес кој им ги раскинал оковите и им ја отворил вратата од ќелијата (Дела 16,25-37). Во живописот Сила понекогаш е претставен како носи скинати пранги.[2].
Според Дела 17 -18, Сила и Тимотеј заедно со Павле прешле од Филипи во Солун, и таму наишле на непријателски пречек во синагогите од некои традиционални Евреи. Гонителите ги следеле и во Бер, со закани по безбедноста на Павле, поради што тој се разделил од Сила и Тимотеј. Павле отишол во Атина, а Сила и Тимотеј подоцна му се приклучиле во Коринт.[3]
Овие случувања се одвивале некаде околу 50 г. судејќи по Дела 18,12 каде се спомнува проконзулот Галион кој застанал на страната на Павле во Коринт.[4] Во Дела 18,6-7, разочаран од непријателското настроение на Евреите, Павле престанал да ја посетува синагогата во Коринт, а Сила понатаму не се спомнува во Делата.
Се јавува во поздравниот дел на Првото и Второто послание до Солуњаните, и се спомнува во Второто послание до Коринтјаните (1,19). Ова е очекувано со оглед на неговото учество во Павловата мисија кога ги посетувал тие градови. Се спомнува и во заклучниот дел на Првото послание на апостол Петар (5,12), каде можеби имал улога на секретар. Петар вели дека го смета Сила за „верен брат“.
Почитување
уредиВо класичното православие Апостол Сила се слави на 30 јули по стар стил (12 август по нов) заедно апостолите Силуан, Крискент, Епенет, и Андроник, а на 4 јануари во рамките на Соборот на Седумдесетте Свети Апостоли.
Се почитува од Евангелската лутеранска црква и Епископалната црква во Америка како мала слава[5] на 26 јануари заедно со св. Тимотеј и Тит. Римокатоличката црква го слави на 13 јули, а Лутеранската црква-Мисурски синод го одбележува на 10 февруари.
Поврзано
уреди- Апостол Павле
- Агав
- Апостол Варнава
- Манаин
- Учењата на Силван — апокрифен текст од библиотеката „Наг Хамади“[6] припишан на Силван/Сила.
Наводи
уреди- ↑ „Notes on 1 Peter“. Архивирано од изворникот на 3 октомври 2015. Посетено на 20 мај 2012.
- ↑ The Holy Disciples from the Seventy
- ↑ Дела 18,5 — Стандардна македонска библија со девтероканонски книги
- ↑ Cross, F. L.; Livingstone, E. A., уред. (2005). The Oxford Dictionary of the Christian Church (3. прераб. изд.). Oxford: Oxford University Press. стр. 1243–5. ISBN 978-0-19-280290-3.
- ↑ „Holy Women, Holy Men Celebrating the Saints“ (PDF).
- ↑ „Nag Hammadi Library“. gnosis.org. Посетено на 25 март 2019.
Надворешни врски
уреди- Апостол Сила на Ризницата ?
- Светите апостоли Сила, Силуан, Крискент, Епенет и Андроник, 30 јули (по стар стил), Денови.мк