Ален Фурние
Ален Фурние (3 октомври 1886 – 22 септември 1914)[1] — француски писател и војник. Автор е на романот Големиот Молн (1913), негово единствено дело кое се смета за класик на француската книжевност и било двапати поставено на филмското платно. Останатиот дел од творештвото му бил објавен посмртно.
Ален Фурние | |
---|---|
Роден/а | 3 октомври 1886 Шапел д'Анжијон, Франција |
Починат/а | 22 септември 1914 Леспарж, Франција |
Занимање | писател, критичар, војник |
Јазик | француски |
Животопис
уредиАлен Фурние е роден во Шапел д'Анжијон, департманот Шер, централна Франција, како син на наставник. Посетувал училиште во Со (О-де-Сен), близу Париз, каде се подготвувал да се запише на вишата париска школа, но безуспешно. Тогаш почнал да учи поморска трговија во Брест. Во Со (О-де-Сен) се запознал со Жак Ривиер, кој се спријателил со Ален и подоцна се оженил со неговата помала сестра Изабела. Студиите ги прекинал во 1907 и во наредните две години служел во армијата. Во овој период напишал неколку поеми, раскази, и есеи, кои подоцна биле објавени како збирка под името Чуда.
На 1 јуни 1905, шетајќи се по кејот на реката Сена, ја сретнал Ивон Мари, во која се вљубил. Тие разговарале, но Ален не успеал да ја освои. Следната година ја чекал на истото место, но таа не се појавила. Таа вечер му се исповедал на Ривиер: „Таа не дојде. И да дојдеше, немаше да биде исто.“[2] Тие се сретнале дури осум години подоцна, кога Ивон била омажена и имала две деца. Ивон му послужила како инспирација за ликот Ивон де Галас во романот Големиот Молн.
Во Париз се вратил во 1910 и се вработил како книжевен критичар во Paris-Journal. Таму се запознал со Андре Жид и Пол Клодел. Во 1912 дал отказ од работното место за да биде помошник на политичарот Касимир Перие.[3] Големиот Молн го завршил во 1913 и прво го објавувал како серијал во Nouvelle Revue Française од јули до октомври 1913, а потоа и како книга. Иако ноимниран, романот не ја освоил наградата „Гонкур“. Во 1914 Фурние почнал да го пишува вториот роман Коломб Бланш, но го оставил недовршен бидејќи се приклучил на армијата како поручник во август. Умрел во борба близу Во-ле-Паламе еден месец подоцна, на 22 септември 1914. Телото му останало неидентификувано сѐ до 1991, а дотогаш бил погребан на гробиштата во Сен-Реми-ла-Калон. Најголем дел од творештвото му било објавено посмртно: Чуда во 1924, преписките со Жак Ривиер во 1926, и писмата до семејството во 1930. Неговите белешки и цртежи за Коломб Бланш биле исто така објавени.
Библиографија
уреди- Големиот Молн
- Коломб Бланш (незавршен роман)
- Писмо до Пети Б
- Чуда (поема)
Наводи
уреди- ↑ Mémoire des hommes Secrétariat Général pour l'Administration
- ↑ Daniel Leuwers short biography of Alain-Fournier in Le Grand Meaulnes, Le Livre de Poche, 1971, p. 242.
- ↑ Tucker, Spencer C .; Roberts, Priscilla Mary (2005). Encyclopedia of World War I. 1. ABC-Clio. стр. 57. ISBN 1-85109-420-2. OCLC 61247250.
Надворешни врски
уредиВикиизвор има оригинални дела од или за: Ален Фурние |
- Detailed biography of Alain-Fournier with many photographs of him, his family and his environment. (француски)
- AJRAF – Association des amis de Jacques Rivière et d'Alain-Fournier (Association of the Friends of Jacques Rivière and of Alain-Fournier) (француски)
- A plot summary of Le Grand Meaulnes Архивирано на 25 септември 2000 г.
- Дела од Alain-Fournier на проектот „Гутенберг“
- Дела од или за Ален Фурние на Семрежниот архив
- Le Grand Meaulnes (1967 film) на Семрежната филмска база на податоци (англиски)
- Le Grand Meaulnes (2006 film) на Семрежната филмска база на податоци (англиски)