Австроунгарскиот ултиматум на Србија, наречен и Јулски ултиматум познат и како Јулска криза, бил упатен до владата на Кралството Србија на 23 јули 1914 година, а како негова основна причина се смета Сараевскиот атентат врз австроунгарскиот надвојвода Франц Фердинанд. Документот претставува еден од најтешките ултиматуми упатени од една држава на друга и негова цел било започнување на војната, бидејќи било јасно дека ниту една независна држава не може да го прифати во наведената форма. Ултиматумот предизвикал сериозна криза не само за Србија на која и претстојувалнеизбежен судир со силен и модерно вооружан непријател, туку и за заинтересираните страни Антанта и Централни сили, чии државници, војсководачи и дипломати веќе одамна знаеле дека војната е на повидок и дека Централните сили бараат поволен миг за нејзиното започнување.

Иако силите на Антанта пред сè Британија се обиделе по дипломатски пат да влијаат на резултатите, бидејќи сакале да го одложат отворениот судир. По одговорот на Никола Пашиќ, претседателот на владата на Србија, Австроунгарија на 28 јули ѝ објавила војна на Србија, со што започнала една од најкрвавите војни во историјата на цивилизацијата, Првата светска војна.

Барања

уреди

За да ја понижи, Австроунгарија од Србија барала на таа наметната обврска да ѝ даде „свечен карактер“ и на првата страница од службениот весник од 26 јули 1914 година да го објави следниот текст: „Кралската српска влада ја осудува пропагандата која е насочена против Австроунгарија, т.е. ги осудува сите оние струи чија цел е одвојување од австроунгарската територија, која ѝ припаѓа нејзе, и најискрено жали поради грозоморните последици од тие злосторнички работи. Кралската српска влада жали што српските офицери и чиновници зеле учество во споменатата пропаганда и со тоа ги довеле во прашање пријателските соседски односи, на кои српската влада најсвечено се обврзала дека ќе ги негува. Кралската српска влада, која ја осудува секоја помисла и секој обид за мешање во судбината на населението на кој било дел од Австроунгарија, за своја должност смета изречно да ги опомене офицерите и чиновниците и целото население на Кралството Србија дека во иднина со крајна строгост ќе постапува кон оние лица што би се оглушиле од тоа и дека ќе се труди со сите сили тоа да го оневозможи и задуши.“

Наведениот текст со посебна наредба требало да им се соопшти на војската и на печатот во официјалниот воен весник.[1]

Барањара по точки

уреди

Владата да:

  1. Спречи издавање публикација која поттикнува омраза и непријателство кон Австроунгарија.
  2. Моментално да ја распушти организацијата Народна одбрана, и исто да постапи и со други организации кои учествуваат во пропаганда против Австроунгарија.
  3. Од јавното образование да тргне сè што може да послужи или служи за поттикнување на пропаганда против Австроунгарија.
  4. Од војската и администрацијата воопшто, да ги тргне сите офицери што се виновни за пропаганда против Австроунгарија, а имињата на тие офицери ќе ги достави до власта на Австроунгарија.
  5. Да прифати учество на австроунгарски органи на власта во сузбивање на субверзивни дејности против Австроунгарија на територијата на Србија.
  6. Да преземе судска постапка против соучесниците во Сараевскиот атентат кои се наоѓаат на српската територија, со помош и упатства на австроунгарските органи.
  7. Моментално да се уапсат две именувани лица кои се вплеткани во атентатот според истрагата која прелиминарно ја спровела Австроунгарија.
  8. Со ефикасни мерки да се спречи нелегално пренесување оружје и експлозив преку границата.
  9. Да се испрати објаснување на Австроунгарија по повод изјави на високи српски званичници во Србија и странство, со кои искажале непријателство кон Австроунгарија.
  10. Без одложување да се извести Австроунгарија за исполнување на овие обврски.

Одговор

уреди

Српската влада речиси ги прифатила сите барања на ултиматумот, освен точката 5 со која таа де факто би ја загубила својата независност, а воедно би претставувала и директно кршење на уставот на Србија.

Последици

уреди

Еден месец по атентатот во Сараево, на 28 јули 1914 година, Австроунгарија ѝ објавила војна на Србија. Во отворената телеграма со која било направено тоа стоело дека Хабсбуршката Монархија, незадоволна од дадениот одговор, „е принудена да се потпре на силата на оружјето заради зачувување на своите права и интереси“. Со тој чин е окончана долгогодишната напната позиција во односите на Австроунгарија и Србија. Со тоа започнале првите воени операции и злосторствата во Првата светска војна.[2]

Наводи

уреди
  1. Велики рат Србије 1914–1918, Београд : Главни ђенералштаб (Београд : Штампарска радионица Министарства војске и морнарице), 1924, стр. 9-10).
  2. Мира Радојевиќ, Љубодраг Димиќ, Србија у Великом рати 1914 -1918, Слово љубве - Буквибукс, Скопје, 2018, стр. 87 - 133.