Јосиф Илковски
Јосиф Илковски (1924, Велес – 30 март 2001, Китка) — македонски планинар, новинар, писател и публицист. До неговото убиство бил домар на планинарскиот дом „Китка“. Илковски, или меѓу планинарите познат како Чичко Јосиф, на 30 март 2001 година е најден убиен во планинарскиот дом „Китка“. Одговорноста за убиството на Илковски ја презема терористичката организација УЧК.[1]
Јосиф Илковски | ||
Роден | 1924 Велес | |
---|---|---|
Починал | 30 март 2001 Китка | (возр. 77)
Убиство
уредиЈосиф Илковски, или меѓу планинарите познат како Чичко Јосиф, на 30 март 2001 година е пронајден мртов со убодни рани во вратот и грбот планинарскиот дом „Китка“. Паралелно со неговото убиство, во март 2001 година започна воениот конфликт во Македонија. Во областа Торбешија каде што се случи убиството важела за една од најмирните подрачја во околината на Скопје. Неколку месеци пред убиството низ населението проструела една вознемирувачка вест дека на подножјето на планината Китка се забележани лица со црни униформи. Но, ваквата вест сепак остана во сферата на шпекулациите и не била официјално потврдена од никого. Се претпоставува дека Илковски бил убиен надвор од Домот, а потоа неговото тело било внесено внатре. Мртвото тело на Јосиф Илковски го открила полицијата откако претходниот ден Петар Бавчаров, претседател на планинарскиот сојуз, го пријавил Илковски за исчезнат бидејќи два дена претходно не можел да стапи во контакт со домарот. Полициската патрола која веднаш по пријавувањето на случајот се упатила кон планинарскиот дом, во канцеларијата го пронашла безживотното тело на Илковски, легнато на стомак и со едната рака свиткана под него, а покрај главата била видлива локва од засушена крв. Се претпоставува дека домарот најпрво бил убиен надвор од куќата бидејќи при увидот во тревната површина е пронајден куп со земја со која се покриени траги од крв, а сè со цел да се прикријат трагите на злосторството. На работната маса, во канцеларијата била пронајдена писмената порака со која се идентификува сторителот - УЧК. Терористот или терориситите на кирилично писмо напишале: „УЧК дојде во шумата“.
И покрај желбата на Илковски за која што знаеле повеќе планинари, по смртта да биде погребан токму на Китка, сепак од безбедносни причини неговото тело било погребано на градските гробишта во Бутел. Шест месеци после неговата смрт, на врвот наречен Красна во чест на Јосиф Илковски планинарите откриле и спомен-плоча, на која пишува: „Злото, човек - нечовеку: тоа се меѓите, делбите твои, твојата алчност и злобата мрачна“. Овој текст е завештание што Јосиф го оставил непосредно пред смртта, а кое било најдено во документите на неговата работна маса. Планинарското друштво Трансверзалец од Скопје, во негова чест организира секоја година меморијален марш.[2][3]
Наводи
уреди- ↑ „Злосторникот остави порака на кирилица: "УЧК дојде во шумата"“. Вест. 3 април 2001. Посетено на 2017-04-17.[мртва врска]
- ↑ „Спомен-плоча за планинарот Илковски“. Вест. 2002. Посетено на 2017-04-17.[мртва врска]
- ↑ „Традиционален марш во чест на Чичко Јосиф Илковски - 2015“. ДПС Трансверзалец. 2002. Посетено на 2015-04-17.[мртва врска]