На работ на рајот (филм)

филм
(Пренасочено од Yaşamın Kıyısında)

На работ на рајот (германски: Auf der anderen Seite, англиски: The Edge of Heaven, турски: Yaşamın Kıyısında) е филм на германскиот режисер од турско потекло Фатих Акин, снимен во 2007 година.

Факти за филмот

уреди

Сценариото и режијата на „На работ на рајот“ се дело на Фатих Акин, а главните улоги ги толкуваат: Нургил Јесилчај, Баки Даврак, Тунџел Куртиз и Нурсел Косе. Филмот спаѓа во жанрот драма и претставува најнаградуваното остварување на Акин. Така, филмот е добитник на дури 22 награди, меѓу кои и Германската филмска награда за најдобар филм, Европската филмска награда за сценарио и наградата за сценарио на Канскиот филмски фестивал.[1]

Содржина

уреди

Дејството на филмот „На работ на рајот“ се случува во Турција и во Германија. Ликовите патуваат помеѓу овие две земји и така патуваат низ својот живот. Акин ја раскажува приказната со мирни слики и бавно темпо. Емоционалниот клуч за филмот е смртта со која секој протагонист се соочува на различен начин. Така, тие првично затворени луѓе почнуваат полека да се откриваат себеси.

Пензионираниот вдовец Али, турски имигрант кој живее во германскиот град Бремен, верува дека нашол решение за својата осаменост кога ќе ја сретне проститутката Јетер, која е родум од Турција. Тој ѝ нуди месечна плата за да се откаже од проституцијата и да живее со него. Откако добива закани од двајца радикални исламски турски насилници, таа одлучува да ја прифати неговата покана. Неговиот син Неџат, кој е професор по германска литература, првично не ја одобрува оваа постапка на Али. Но, таа почнува да му се допаѓа, кога таа ќе му каже дека праќа пари во Турција за факултетското образование на ќерка си Ајтен. Подоцна, Али добива тежок инфаркт и мора да лежи одредено време во болницата. Кога ќе се врати дома, тој е љубоморен на Јетер, обвинувајќи ја дека водела љубов со Неџат. Затоа, сака да ја принуди на полов однос, а кога таа го одбива, Али ја удира и Јетер, паѓајќи долу, ја удира главата и умира. Тогаш, Али оди в затвор, а Неџат го пренесува телото на Јетер во нејзиното родно место. Таму, тој се обидува да ја најде ќерката на Јетер, но дознава само дека таа живее некаде во Истанбул. Решен да ја пронајде, Неџат ја напушта Германија и се сели во Истанбул, каде купува една книжарница со германска литература. Иако насекаде низ градот лепи плакати со ликот на Јетер, неговата потрага по Ајтен е безуспешна.

Паралелно, во филмот се прикажува приказната за Ајтен, која членува во една тајна, вооружена организација, која се бори против власта. По едни демонстрации, Ајтен бега од полицијата, оставајќи го пиштолот на врвот од една зграда. За да не падне во рацете на полицијата, таа илегално емигрира во Германија, користејќи лажен пасош. Таму, Ајтен ја среќава германската студентка Шарлота (Лота), која великодушно ја прима во својот дом, наспроти противењето на мајка си. Уште повеќе, Ајтен и Лота започнуваат лезбејска врска. Еден ден, тие патуваат за Бремен во потрага по мајката на Ајтен, но ги запира полицијата и Ајтен е уапсена. Иако таа бара азил како политички емигрант, нејзиното барање е одбиено и Ајтен е протерана назад во Турција, каде завршува в затвор. Лота не може да се помири со тоа и оди во Истанбул со намера да ја ослободи Ајтен. Таму, Лота се среќава со Неџат и живее во една соба од неговиот стан. По една средба во затворот, Ајтен ѝ кажува на Лота за пиштолот и таа оди на врвот од зградата за да го земе. Сепак, одејќи низ тесните улички, група деца ѝ ја грабнува ташната, па Лота ги брка, но кога ќе ги стигне, едно од децата ја убива со пиштолот.

По смртта на Лота, нејзината мајка оди во Истанбул каде го среќава Неџат и останува да живее во неговиот стан. Потоа, таа успева да ја извади Ајтен од затворот и тие доаѓаат во Истанбул. Во меѓувреме, Али е пуштен од затворот во Германија по што го депортираат во Турција. Во прво време, Неџат е лут на него и одбива да стапи во контакт со него, но подоцна, тој заминува во родното место на татко си. Филмот завршува така што Неџат чека на морскиот брег татко му да се врати од риболов. На тој начин, иако постојано им се вркстуваат патиштата, тој не ја среќава Ајтен, ниту пак Ајтен дознава за судбината на мајка си.[2]

Наводи

уреди
  1. „Емотивна драма за животот во современа Турција“, Антена, бр. 805, 29.11.2013, стр. 3.
  2. "Емотивна драма за животот во современа Турција", Антена, бр. 805, 29.11.2013, стр. 3.