„Ne tiče me se“ (македонски: Не ме интересира) е песна од хрватскиот поп бенд Магазин. Издадена е во 2004 година, а се нашла на седумнаесеттиот студиски албум на бендот, односно на петтиот студиски албум на бендот со Јелена Розга како главен вокал, насловен Paaa? (Пааа?). Издадена е како еден од сингловите на албумот. Како и најголемиот број песни на албумот, песната е напишана од страна на хрватскиот музичар и композитор Тончи Хуљиќ и поетесата и текстописец Вјекослава Хуљиќ. Во песната, главната протагонистка ги искажува своите чувства на повреденост, но и индиферентност и му ја посветува на соговорникот којшто ѝ има сторено зло. Со цел да ја промовира, бендот има снимено музичко видео кое ги претставува како ја изведуваат песната. Поради нејзината популарност, песната била дел од настапите во живо на бендот Магазин, а подоцна, за време на нејзината кариера и од сет листите на турнеите на Јелена Розга.