„Грозд“ - Струмица
Грозд — винарска визба и фабрика за алкохолни пијалаци и сокови од Струмица, Македонија.
Вид | АД |
---|---|
Дејност | Винарство |
Основано | 1952 |
Седиште | Струмица, Македонија ул. Цветан Димов бб (Стадион); Винарска визба - Василево, Струмица , Република Македонија |
Производи | мастика, вино, сокови |
Мреж. место | grozd.mk |
Историјат
уредиАД „Грозд“ Струмица се занимава со производство и промет на алкохолни и безалкохолни пијалаци. Компанијата постои повеќе од 60 години, односно била основана во 1953 година и ја продолжува традицијата на печење на струмичка мастика позната повеќе од 300 години.
По трансформација на капиталот, Грозд Струмица бил организиран како акционерско друштво во приватна сопственост со основна дејност производство и промет на алкохолни и безалкохолни пијалаци со висок квалитет и богата традиција. АД Грозд Струмица има добиено сертификат за управување со квалитет ИСО 22000: 2005 и сертификат за управување со животната средина ИСО 14001: 2015.
АД Грозд Струмица е респектабилна фирма која соработува со голем број фирми како добавувачи и купувачи и други соработници. Производите се познати и во странство: САД, Швајцарија, Германија, Италија, Србија, Хрватска, Словенија. Стремежот на менаџментот на компанијата е традиционално високиот квалитет на производите да биде најдобар со што ќе се овозможи влез на пазарите ширум Европската унија и надвор од неа.
Производство
уредиПроизводството на „Грозд“ вклучува алкохолни и безалкохолни освежителни пијалаци меѓу кои: познатата струмичка мастика, повеќе сорти на вина, освежителни сокови, а во фаза на изградба е и погон за производство и пакување на вода. Во рамките на претпријатието „Грозд“ е и винаријата, со сопствени лозови насади од околу 700 хектари на прекрасен тероар, каде се одгледуваат скоро сите модерни светски познати и автохтони сорти на грозје, резултирајќи во висококвалитетни и трпезни вина[1].
Водечкиот производ во производната палета на компанијата е познатата Струмичка мастика која е природен алкохолен пијалак произведена од исклучително природна суровина - најквалитетен вински дестилат од македонското поднебје и природно анасоново семе кое содржи етерични масла кои ја даваат единствената арома на мастиката. Квалитетот и оригиналноста на Струмичката мастика се потврдува со многубројните награди и признанија добиени на домашни и странски саеми и дегустации.
Од палетата на безалкохолните пијалаци се произведува традиционалната Струмка која со специфичната крушкова арома е еден од ретките безалкохолни пијалаци од таков вид кој не е сличен на другите пијалаци. Други безалкохолни пијалаци се: „Липо“ со вкус на лимон и портокал, „Битер лемон“, „Струмка - кола“, како и природната изворска вода - Бела.
Галерија
уреди-
Влезот во фабриката на „Грозд“
-
Дел од фабриката
Вина
уредиПоврзано
уредиНаводи
уреди- ↑ „About Us“. grozd.mk (англиски). Архивирано од изворникот на 2017-08-14. Посетено на 2017-08-25.