Исхак-бегова џамија

џамија во Скопје, Македонија
(Пренасочено од Шарена џамија (Скопје))

Исхак-беговата џамија, позната и како Шарена џамија (Алаџа-џамија) — џамија во Скопје којашто се наоѓа во непосредна близина на пазариштето Бит-пазар. Изградена е по наредба на вториот отомански управител на градот, Исхак-бег, во 1438 година. Низ историјата, џамијата претрпела големи штати, па неколкупати била обновувана и доградувана. Во нејзин состав се наоѓале и турбе, медреса, имарет и конаци; а во неа, Исхак-бег ја основал и една од првите исламски библиотеки во Европа.[1]

Исхак-бегова џамија
Поглед на Исхак-беговата џамија за време на молитва
Основни податоци
МестоСкопје, Македонија
Припадностислам
Осветен1438
Архитектонски опис
Архитектонски типџамија
Архитектонски стилОсманлиска архитектура
Завршен1438
Особености
Минариња1
Висина на минарето30 м

Имиња

уреди

Своето име, џамијата го добила по наредбодавачот за нејзината изградба, Исхак-бег. Освен како „Исхак-бегова џамија“, позната е и под името „Шарена џамија“, што произлегува од шарените керамички плочки со кои се украсени фасадата и сводовите.[2]

Историја

уреди

Според зачуваните податоци, џамијата била изградена во 1438 година, само две години по изградбата на Султан-муратовата џамија, а за нејзината изградба наредба дал вториот отомански управител на Скопје, Исхак-бег. Од влезниот натпис во џамија се дознава дека по наредба на Мехмед, внук на Исхак-бег, била доградувана во 1519 година, при што биле додадени двата странични брода. Градбата претрпела големи штети во пожарот од 1689 г., кога разнобојните керамички плочки кои ги украсувале фасадата и тамбурот биле целосно уништени.[3] Големи штети предизвикал и земјотресот од 1963 г., а по него било обновено турбето и во 1972 година биле поставени нови керамички плочки со фајансно украсување.[4]

Архитектура

уреди

Градбата има скромна архитектура, иако нејзините големи влезни порти содржат резба со ориентални мотиви.[3] Првобитниот изглед на џамијата не е познат, но се претпоставува дека станувало збор за куполна џамија со трем со три отвори. На северната страна од џамијата во нејзиниот денешен изглед се наоѓа трем со пет отвори. Средишниот дел од градбата е покриен со голема купола, а помали куполи се наоѓаат над страничните делови од тремот. Остатокот од џамијата и тремот се покриени со полуцилиндрични сводови. Тремот од сите страни е затворен со полн ѕид, а неговите лакови се потпираат на квадратни камени столбови. Во ѕидовите од страните на тремот се наоѓаат две скали: првите водат кон минарето, а вторите до покривот на џамијата. Внатрешноста на тремот се одликува со богата сталактитна декорација, а во неа се наоѓа и еден надворешен михраб. Особен впечаток од декорацијата остава декроацијата на средниот лак од тремот, од којашто денес се сочувани само фрагментарни остатоци. Џамијата е изградена од мек камен, а присуството на камен е забележливо на порталот и рамките од прозорците.[5] Внатрешноста на џамијата е украсена со разни релјефи и сликани украси, а нејзините ѕидови завршуваат со фајансно украсен венец и шесткрака ѕвезда од керамички плочки. Минарето е високо 30 m и се наоѓа на десната страна од главниот влез.[2] Изградено е од добро обработени камени блокови, кои се украсени со богата сталактитна декорација и украсени парапетни плочи.[5]

 
Турбето со џамијата во позадина

Во дворот од џамијата се наоѓа шадрван, којшто во споредба со првобитниот го има сочувано средишниот дел од камен. На просторот околу градбата и турбето се наоѓале гробишта, а денес се сочувани бројни надгробни спомени, коишто се стари од XVI и XIX век и имаат голема историска вредност за градот.[5]

Во минатото, џамијата ја сочинувале и турбе, медреса, имарет и конаци. Овде, исто така, Исхак-бег ја основал и една од првите исламски библиотеки во Европа,[1] која во 1445 година ја оставил во своето завештание како дел од имотот на џамијата.[3] Турбето во рамките на џамијата е од затворен тип, со купола и има шестаголна основа. Изградено е со добро обработен камен и во неговата внатрешноста содржи фајансно украсување во кое доминираат сината и зелената боја.[4] Медресата се состоела од десет соби и со векови била една од најпознатите во Румелија. Во неа, меѓу другите живеел и предавал познатиот средновековен турски поет Исак Челеблија, а освен веронаука, се изучувале и исламско право, ориентални јазици, филозофија и математика.[3]

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. 1,0 1,1 AT-TAFSĪR AL-KABĪR Архивирано на 25 мај 2012 г., The European Library.
  2. 2,0 2,1 Шарена Алаџа-џамија Архивирано на 16 март 2011 г., Нова Македонија, 14 март 2011.
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 Исхак-бегова или Алаџа (Шарена) џамија[мртва врска], Проект „Стара скопска чаршија“.
  4. 4,0 4,1 Алаџа џамија и турбето Архивирано на 13 март 2016 г., Old Skopje.
  5. 5,0 5,1 5,2 Алаџа џамија[мртва врска], Скопско наследство.

42°0′16″N 21°26′23″E / 42.00444° СГШ; 21.43972° ИГД / 42.00444; 21.43972