Човек на шините (филм од 1957)

Човек на шините

Човек на шините (полски: Czlowiek na torze) - полски филм од 1957 година, во режија на Анджеј Мунк (Andrzej Munk), кој е соавтор на сценариото, заедно со Јежи Стефан Ставински. Главните улоги ги играат: Казимјеж Опалински, Зигмунт Махијевски, Зигмунт Зинтел, Зигмунт Лицкјевич итн. На Филмскиот фестивал во Карлови Вари, Мунк ја добил награда за најдобар режисер.[1]

Синопсис

уреди

Во 1950 година, еден воз се приближува до станицата и добива сигнал (едно запалено светло на семафорот) да продолжи со голема брзина. Наеднаш, на шините застанува човек, кој погинува од ударот на локомотивата. Возот застанува и се дознава дека погинал пензионираниот железничар Оржеховски. Набргу, започнува истрага во врска со случајот. Притоа, Оржеховски е осомничен дека извршил саботажа, со намера да предизвика голема сообраќајна несреќа. Сомнението потекнува оттаму што, по Втората светска војна, стариот Оржеховски не се приспособил кон новото време и не сакал да учествува во акцијата за штедење јаглен во локомотивите. Како сведок во истрагата е повикан неговиот соработник Запора, кој потврдува дека Оржеховски бил строг и груб, а по партискиот состанок физички го нападнал, поради што му било забрането да ја вози локомотивата, а набргу бил принудно пензиониран. Сепак, Запора смета дека Оржеховски немал лоши намери. Потоа сведочи железничарот Салата, кој го обвинува Оржеховски дека сакал да изврши саботажа. Салата сведочи дека Оржеховски пристигнал на станицата, по што излегол пред возот. Меѓутоа, еден член од истражниот тим ја открива лагата на Салата и ја утврдува вистината – дека Салата е виновен поради погрешниот сигнал, а Оржеховски го забележал пропустот и се обидел да го запали второто светло на семафорот, но кога не успеал во тоа, свесно се жртвувал за да ја спречи неизбежната несреќа.[2]

Наводи

уреди