Човекот со златен колт (филм)

„Ворлок“, познат и како „Човекот со златен колт“ (англиски: Warlock) — американски филм од 1959 година, во режија на Едвард Дмитрик (Edward Dmytryk) по сценариото на Роберт Алан Ортур (Robert Allan Aurthur), засновано врз романот на познатиот писател Оукли Хол (Oakley Hall). Главните улоги ги толкуваат: Хенри Фонда (Henry Fonda), Ентони Квин (Anthony Quinn), Дороти Мелоун (Dorothy Malone), Долорес Мајклс (Dolores Michaels), Ричард Арлен (Richard Arlen), Дон Бедоу (Don Beddoe) и Ричард Видмарк (Richard Widmark). Филмот се одликува со добро режирани акциски сцени и со многу добро разработени ликови.[1]

Синопсис

уреди

Во градот Ворлок во државата Јута се населува една банда која постојано предизвикува немири и вооружени престрелки. Затоа, жителите на градот решаваат да го ангажираат славниот револвераш Клеј Блејсдел (го игра Фонда), кој треба пред насилниците да глуми дека е новиот шериф. Набргу, тој се појавува во градот со својот пријател, коцкарот Том Морган (го игра Квин) и ја отстранува бандата. Еден ден, неколку припадници на бандата ја ограбуваат кочијата која патува кон Ворлок, а Морган скришно убива еден патник. По тој настан, Џони Ганон (го игра Видмарк), еден од бандитите кои во меѓувреме се покајува, станува нов шериф, решен да стави крај на насилствата во градот. Истовремено, во градот се појавува Лили, која смета дека Блејсдел и Морган се виновни за убиството на патникот од кочијата, кој е брат на нејзиниот некогашен свршеник кого го убил Блејсдел. По некое време, во градот се враќаат неколку членови на бандата, меѓу кои и брат му на Ганон, кој го предизвикува на двобој Блејсдел и притоа погинува. Тогаш, Ганон ги посетува бандитите и им забранува повеќе да влегуваат во Ворлок, но водачот на бандата го претепува и му ја повредува раката. Утредента, бандата влегува во градот, а Лили (која во меѓувреме се заљубува во Ганон) го моли Блејсдел да му помогне на Ганон. Во таа прилика, Блејсдел дознава дека Морган го наместил да го убие свршеникот на Лили. Кога Блејсдел му кажува на Морган за намерата да му помогне на Ганон, да се ожени и да остане да живее во Ворлок, Морган му го зема револверот и не му дозволува да излезе надвор. За тоа време, со помош на граѓаните на Ворлок, Ганон успева да ја совлада бандата. Тогаш, пијаниот Морган дивее низ улиците на градот и го предизвикува Блејсдел на двобој. Така, Блејсдел е принуден да го убие својот најверен пријател, а потоа подметнува пожар во хотелот, оставајќи да изгори телото на Морган. Утредента, Блејсдел излегува на двобој со Ганон при што ги фрла револверите на улицата и го напушта градот.

Наводи

уреди