Црква „Св. Никола“ - Долно Дивјаци
Свети Никола — главна селска црква во крушевското село Долно Дивјаци, Македонија.[1][2]
Свети Никола
| |
Поглед на црквата | |
македонска православна црква | |
Епархија | Преспанско-пелагониска |
Архијерејско намесништво | Крушевско-демирхисарско |
Парохија | Втора крушевска |
Местоположба | |
---|---|
Координати | 41°23′22″N 21°11′2″E / 41.38944° СГШ; 21.18389° ИГД |
Место | Долно Дивјаци |
Општина | Крушево |
Држава | Македонија |
Општи податоци | |
Покровител | Свети Никола |
Изградба | XIX век |
Живопис | 1887 |
Архитектонски опис | |
Архит. тип | еднокорабна |
Црквата се наоѓа во самото село Долно Дивјаци. Околу нејзе се наоѓаат селските гробишта.
Местоположба
уредиЦрквата е сместена на едно возвишение над самото село Долно Дивјаци, на околу 6 километри северозападно од Крушево.[3]
Историја
уредиВремето на подигнува не е означено, но се претпоставува дека потекнува од втората половина на XIX век, нешто пред нејзиното живописување во 1887 година.[3]
Архитектура
уредиЦрквата е еднокорабна градба, со правоаголна основа. На источната страна на црквата има средишна полукружна апсида фланкирана со две мали полукружни ниши. Градена е од кршен камен со варов малтер. Пред десет години фасадата е варосана и препокриена со ќерамиди, за разлика од првичното покривање изведено со камени плочки.[3]
Надворешно, олтарната апсида е поделена на пет сегменти, пиластри од делкан бигор, кои помеѓу себе се лачно поврзани, додека малите ниши се вкопани во ѕидната маса без надворешна манифестација. Правоаголниот облик во внатрешноста на објектот е разбиена со две низи од по два пиластри, прилепени по должината на северниот и на јужниот ѕид. Пиластрите помеѓу себе се поврзани со слепи лакови. Над овие лакови е обликувана сводна конструкција над која е поставен обичен дводелен свод. Олтарната апсида е покриена со правилна полукалота.[3]
Во црквата се влегува од западната страна, а влезната врата е лачно поставена и над нејзе е поставена фреска од патронот на црквата.[3]
Фрескоживопис
уредиЖивописот во црквата е цел и добро сочуван. Тој бил завршен на 13 јуни 1887 година од страна на зографите браќата Вангел, Никола и Коста Анастасови од Крушево, како и нивниот зет Наум. Ова е запишано на натпис над влезната врата од внатрешната страна.[3]
Црквата е исликана во 4 зони. Во првата најдолна зона на западната страна, лево и десно од влезот во наосот, насликани се цар Константин и царица Елена и Архангел Михаил. Над нив, во втората зона претставена е импозантна сцена на Успение на Пресвета Богородица, а над неа е сцената на Преображение на Исус. На јужниот ѕид во првата зона сликани се сцени на Св. Илија како се вознесува на крилестите коњи со кочија на небото, Св. Игнатиј, Св. Мина, Св. Спиридон, кои се претставени во цел раст. Над нив, во втората зона, се насликани сцени од циклусот Христови маки и страдања и тоа: Миењето на рацете на Пилат и осудувањето Христово, Предавството на Јуда, Тајната вечера и Влегувањето во Ерусалим. Над нив, односно во третата зона, во цел раст се насликани сцени од Големите празници и тоа сцените: Патувањето на тројцата Халдејски мудреци, Бегството од Египет, Колежот на Витлеемските деца. На северниот ѕид во најдолната зона во цел раст се насикани Св. Јован Златоуст, Св. Василие Велики и Св. Глигорие Богослов. Претставени се и композициите Св. Ѓорѓија ја убива ламјата и Св. Димитрија на коњ го убива Калојан. Над нив во втората зона се насликани сцените од циклусот Христовите маки и страдања: Христовото омаловажување, Распнувањето на крст, Оплакување, Воскресение. Над овие сцени, во третата зона, се поставени композиции од циклусот Големи празници: Раѓањето на Богородица, Воведение Богородичино во храм, Сретение Господово, Крштение. Во највисоката, четврта зона, на јужниот и северниот полуобличест свод насликани се допојасни фигури на пророци во медалјони.[3]
Иконостас
уредиОлтарниот простор од наосот е одделен со висок иконостас.[3]
Галерија
уреди-
Камбанаријата
-
Поглед на црквата
-
Припратата
-
Селските гробишта
-
Апсидата
-
Поглед на црквата
-
Поглед на црквата
Поврзано
уредиНаводи
уреди- ↑ Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
- ↑ „Втора крушевска парохија“. Преспанско-пелагониска епархија. Посетено на 21 декември 2021.
- ↑ 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 3,5 3,6 3,7 „Зборник на трудови бр. 22“ (PDF). Народен музеј - Битола. 2019. Посетено на 21 декември 2021.
Надворешни врски
уреди- Црква „Св. Никола“ - Долно Дивјаци на Ризницата ?