ХЕЦ Света Петка
- За други значења на поимот Света Петка видете на појаснителната страница
Света Петка (позната и под името Матка 2) — акумулациска хидроцентрала на долниот тек на реката Треска, југозападно од Скопје, односно на истоименото езеро. Браната и хидроцентралата „Света Петка“ се наоѓаат на реката Треска. Централата е сместена помеѓу поголемата ХЕЦ Козјак и помалата ХЕЦ Матка, со што се заокружил хидросистемот „Козјак-Матка“ и целосно се искористил хидропотенцијалот на реката Треска.
ХЕЦ Света Петка | |
---|---|
Поглед на браната на ХЕЦ „Света Петка“ | |
Назив | Хидроелектрична централа „Света Петка“ |
Земја | Македонија |
Место | река Треска |
Координати | 41°55′29″N 21°15′50″E / 41.92472° СГШ; 21.26389° ИГД |
Статус | функционална |
Изградбата почнала | 2006 |
Трошок на изградба | 75 милиони € |
Сопственик | Електрани на Македонија |
Оператор | Електрани на Македонија |
Конструктор | Рико Подизведувачи Гранит Бетон |
Информации за акумулацијата | |
Горна акумулација | Света Петка |
Зафатнина | 9,1 милион м³ |
Искористена зафатнина | 1,1 милион м³ |
Надморска височина | 362,2 м |
Површина | 0,62 км² |
Информации за пумпна електрана | |
Пумпни генератори | 2 |
Информации за произодството | |
Построен капацитет | 36,4 MW |
Годишно производство | 43 GWh |
Хидроцентралата била пуштена во употреба на 1 август 2012 година со моќност од 36,4 мегавати.[1]
Именување
уредиЦентралата го носи името „Света Петка“, сместена во непосредна близина и на истоименото село.
Покрај официјалното име, поради тоа што е сместена зад најстарата брана „Матка“ и е многу подоцна изградена, оваа хидроцентрала многу често е именувана како „Матка 2“.[2]
Градба
уредиХидроцентралата е поставена на реката Треска, поставена во суров и непристапен терен. Воедно, ограниченоста на теренот барале примена на сложени организациски и градежни техники. Главен изведувач на проектот било словенечкото претпријатие „Рико“, додека подизведувачи биле македонските градежни претпријатија Бетон и Гранит.[1]
Првите градежни зафати за централата започнале во февруари 2004 година, кога претпријатијата „Маврово инженеринг“ и „Бетон“ го пробија пристапниот пат и ги изградија опточниот тунел и преливната шахта. Според првичните планови, централата требало да биде завршена уште во 2009 година.[3] Словенечкиот Рико започнал со својот дел од работите во јуни 2006 година, но оттогаш изградбата била проследена со многубројни проблеми и застои.[2]
Договорот за градба на хидроцентралата бил потпишан во текот на 2005 година.[1]
Градбата на хидроцентралата започнала во 2006 година и траела шест години. Со пробна работа хидроцентралата била пуштена во употреба во 2012 година. Градбата на целокупниот зафат вредел 75 милиони евра.[1] Официјалниот почеток со работа на централата бил на 1 август 2012 година.[4] Централата била отворена во присуство на тогашните Никола Груевски и Влатко Чингоски, премиер и генерален директор на Електрани на Македонија, соодветно.[5]
Финансирање
уредиИнвестицијата за овој зафат на Електрани на Македонија (ЕЛЕМ) требало да чини околу 64 милиони евра, од кои 41 милион биле кредитно задолжување и 23 милиони евра сопствени средства.[2]
Доцнењето на градбата, ЕЛЕМ го платил со финансиски пенали кон словенечкиот изведувач Рико во висина од 10 милиони евра, поради што вкупните трошоци за електраната се искачиле на 75 милиони евра.[1] Иако и словенечката компанија требало да му плати отштета на ЕЛЕМ според одлуката на тројца арбитри од Комисијата за разрешување спорови, по пребивањето на отштетите, ЕЛЕМ останало да му доплати на Рико, дополнителни 10 милиони евра.[6]
Електрана
уредиХидроцентралата имала инсталирана моќност од 36,4 мегавати со годишно проектирано производство од 43 гигават-часови. Според некои проценки, ова би било доволно за снабдување на 40.000 граѓани.[1]
Централата е целосно автоматизирана, со што нејзината работа се набљудува далечински.
Функција
уредиСо отворањето на хидроцентралата „Света Петка“ се заокружил подсистемот „Козјак-Матка“ на повеќенаменскиот хидросистем „Скопско Поле“, кој има основна намена да го искористува хидропотенцијалот на истечните води на ХЕЦ Козјак и локалните води од сливот на реката Треска. Покрај ова, акумулацијата треба да овозможи постојано пререгулирање на дневните истечни води на ХЕЦ Козјак, со што централата ќе има функција на проточна хидроцентрала меѓу постојните ХЕЦ Козјак и ХЕЦ Матка.[1]
Воедно, со изградбата на централата, целосно се искористил хидропотенцијалот на реката Треска.[4]
Црква
уредиВо непосредна близина на браната е изграден параклис посветен на Света Петка.
Галерија
уреди-
Рампата кон браната
-
Поглед кон браната и езерото
Поврзано
уредиНаводи
уреди- ↑ 1,0 1,1 1,2 1,3 1,4 1,5 1,6 Ма., В. (31 јули 2012). „Светна ХЕЦ "Света Петка"“. Вечер. Скопје: Вечер Прес. Посетено на 19 јануари 2017.[мртва врска]
- ↑ 2,0 2,1 2,2 „Конечно се подига браната Света Петка“. build.mk. 31 март 2011. Архивирано од изворникот на 2018-08-08. Посетено на 19 јануари 2017.
- ↑ Стојковски, Предраг (12 март 2012). „ХЕЦ „Света Петка"“. Енергетска ефикасност. Скопје. Архивирано од изворникот на 2018-08-06. Посетено на 19 јануари 2017.
- ↑ 4,0 4,1 „ХЕ Света Петка“. Електрани на Македонија. Посетено на 19 јануари 2017.
- ↑ „ХЕЦ Света Петка почна да работи“. МКД.мк. Скопје. 1 август 2012. Посетено на 19 јануари 2017.[мртва врска]
- ↑ Попоска, Катерина (9 ноември 2012). „ХЕЦ Света Петка на тест: ученикот добар, наскоро ќе нè осветли!“. Фактор. Скопје. Посетено на 19 јануари 2017.
Надворешни врски
уреди- ХЕЦ Света Петка на Ризницата ?
- Официјални информации на страницата на ЕЛЕМ