Филц
Филц (герм.Filz) е неткаен материјал кој се добива со пресување на влакна од животинско потекло. Додека некои видови филц се многу меки, некои се силни и издржливи и се користат како градежен материјал. Може да биде во било која боја, големина и форма.
Филцот е еден од најстарите материјали познати на човекот. Технологијата на производство е постара од ткаењето и плетењето. Него сè уште го прават номадските народи во централните и северните делови на Источна Азија, каде што се користи за ќебиња, шатори, облека и обувки; некои од овие производи се традиционални, како што е јуртата, додека некои се направени специјално за продажба на туристи, на пр. украсени влечки. Во западниот свет, филцот е широко користен во применетата уметност, особено во дизајнот на текстил, каде што е високо ценет како еколошки текстил. Филцот е важен составен дел од графичката преса, која служи за пренесување на притисокот на валјакот на поголема површина, при што притисокот ја деформира хартијата за потребите на гравирано печатење. [1]
Процес на добивање
уредиТехниката на добивање филц се должи на својството на влажното платно да при механичко и топлотно делување со помош на сапун влакната меѓусебно се уплеткуваат во цврста ткаенина..
Имено, чистото влакно од животинско потекло (овца, зајак, камила) т.е. волната, се носи балирана во погони за правење филц. Висококвалитетната бела волна секогаш се чува одделно од помалку квалитетната или рециклирана волна. Различни видови волнени влакна се мешаат во зависност од видот на филцот што се прави. Во индустриската обработка, ротирачките ролери ги чешлаат влакната, исправувајќи ги во фини слоеви. За разлика од другите техники со кои се изработуваат други видови ткаенина, при филцот волната не се врти во конец, туку откако ќе се формираат слоевите со саканата дебелина се покриваат со влажна крпа за да се задржи водената пареа во материјалот. При термичка обработка, т.е. спарување на материјалот, се одвојува слоевита структура која ќе биде густо испреплетена при компресија меѓу осцилаторните плочи. При висока температура, притисок, во присуство на влага и постојано движење, влакната од волната стануваат трајно испреплетени, т.е филцовани. Благодарение на структурата на волненото влакно, кое е покриено со лушпи слични на крлушки на риба, влакната цврсто се испреплетуваат и заплеткуваат меѓу себе при процесот на валање. На крајот се добива густ и нераскинлив материјал - филц.
Понекогаш, за дополнителна цврстина на филцот потребен за одредени намени, добиениот материјал повторно се натопува во топла вода и дополнително се компресира помеѓу валјаците.
После тоа доаѓа финиот дел, односно се сечат нерамните краеви, филцот се суши и поминува низ еден вид на пресување за да се обезбеди иста дебелина на новосоздадениот материјал. Конечно, филцот се витка и пакува и како таков е подготвен за дистрибуција .
Видови на филц
уредиНечистиот волнен филц мора да содржи најмалку 30% волна, инаку платното тешко може да остане една целина. Чистиот вештачки филц не се создава со процесот на валање, туку едноставно се шие.
Вештачкиот филц, настанува со шиење на филцована ткаенина со помалку од 30% волна. Овој филц најчесто се создава рачно, и затоа може да се добие во релативно мали количини. Од друга страна,постои и индустриското производство на овој вид филц, со употреба на машина со голем број мали игли. Овие игли се специјално направени - тие имаат засек на врвот што овозможува влакното да се извади од врвот на материјалот и да се заплетка со остатокот.
Примена
уредиФилцот има широка примена, од рачно изработени подароци, теписи, капи, чевли, па сè до примена во автомобилската индустрија. Филцот често се користи како составен дел на музичките инструменти : чеканчињата на пијано се обвиткани со филц околу дрвено јадро, филцот се користи и во тапани, како заштита од пукање на чинела и помага за добивање на чист звук, под копчињата на хармоника за контрола на бучавата и за помек допир, како и во многу други намени.
-
Шешир од филц
-
Обувки од филц
-
Чекани на пијано
-
Чинели расклопени на делови
-
Исечени парчиња филц.
Надворешни врски
уреди- Филцовање на волна-техника на обработка на волна
- (јазик: англиски) Филц: што е тоа и како се прави?
- (јазик: англиски) Историјата на филц