„Фердидурке“ (полски: Ferdydurke) — роман на полскиот писател Витолд Гомбрович од 1937 година.

Содржина уреди

Осврт кон романот уреди

Во својот есеј од 1938 година, полскиот критичар Бруно Шулц го нарекува романот „трогателна појава во нашата литература“, „нова и револуционерна форма и метод на роман“ и „дундаментално откритие, анексија на една нова област на духовните појави“. Во својот осврт кон романот, Шулц укажува на придонесот на Гомбрович во откривањето на еднородноста на културата и супкултурата и во давањето длабока дијагноза на самата суштина на културата. Притоа, Гомбрович го сфатил капиталното значење на проблемот на формата, сметајќи дека целата човечка култура е систем на форми. Заслугата на Гомбрович е во тоа што таа област ја разгледува од генетската и развојната страна и ја покажа ембриологијата на формата, а таквите откритија Гомбрович ги стекнува преку сопствената патологија. Кај него, маките на созревањето стануваат проблем сам по себе и се будат во збор и во израз. Сепак, односот на Гомбрович кон формите не е праволиниски, туку тој трагач по културни лаги истовремено е вљубен во нивната кичеста убавина.

Ставот на Гомбрович не е став на непристрасен, бестрасен истражувач, туку неговата книга е исполнета со апостолство и реформаторство. Апостолството е почетокот и јадрото на книгата на кое се надоврзуваат другите делови, но притоа авторот не поаѓа од апстракции. Појдовната точка на книгата е жива и лична. Во секое делче од романот се чувствува моќната мускулатура на мислите, книгата пука од изобилство на идеи и се прелева од творечка и разорна енергија. Гомбрович се стреми кон соголување на целиот механизам на уметничкото дело, а романот е капитален пример за такво дело. Романот се одликува со бескрајна перспектива, многузначност и метафоричка експанзивност, кои на идеите на Гомбрович им даваат вредност на еден микрокосмос, на универзален модел на светот и на животот.[1]

Наводи уреди

  1. „Фердидурке“, во Бруно Шулц, Митизација на реалноста. Скопје: Бегемот, 2015, стр. 83-97.