Урбанистички план за Скопје (1965)

Урбанистичкиот план за Скопје (1965) е изработен како резултат на земјотресот во 1963 година, кој уништил седумдесет и пет проценти од урбаната структура на градот. Реконструкцијата започнува веднаш по катастрофата со интернационална помош. Во рамки на проектот за реконструкција на Скопје се изготвува и урбанистичкиот план преку меѓународен конкурс распишан од Обединетите нации. Предлогот на јапонскиот архитект Кензо Танге добива шеесет и пет проценти од првата награда и треба да биде разработен во соработка со југословенски архитекти. Ваква изготвениот план никогаш нема целосно да биде реализиран.

Препознатливите станбени згради „Градски ѕид“ во изградба

Земјотресот (1963)

уреди

Во пет часот и седумнаесет минути наутро на 26ти јули 1963 година Скопје е погодено од катастрофален земјотрес во кој ќе загинат повеќе од илјада жители на градот. Речиси сите објекти на јавната администрација, училишта, болници и други јавни објекти биле значително оштетени. Непосредно после земјотресот градот не бил комплетно разрушен, меѓутоа голем дел од објектите кои сè уште стоеле биле непоправливо оштетени и бескорисни. Седумдесет и седум земји ширум светот донирале материјална помош во вредност од 12.359.110.563 југословенски динари. Во меѓувреме југословенската влада во соработка со Обединетите нации почнува да работи на план за решавање на долгорочните последици од земјотресот. Во рамките на оваа соработка се разгледува и прашањето за повторната изградба на градот и изготвувањето на урбанистичкиот план.

Меѓународен конкурс за центарот на Скопје

уреди

Во октомври 1964 година Советот на Град Скопје усвојува нацрт план за градот кој е резултат на работата на тим составен од меѓународни експерти предводен од полскиот архитект Адолф Циборовски. На основа на овој план Обединетите нации распишуваат меѓународен конкурс за детално решение на централното подрачје на градот. На конкурсот учествуваат осум тима, четири од Југославија и по еден од Јапонија, Италија, Холандија и САД. Во конкурсните решенија се издвојуваат два урбани модела:

  • Урбаните модели кои ги истакнуваат социо-хуманите елементи со ликовно-естетска симболика на просторите и проектите, со понагласено нагласено почитување на постојното градско ткиво.
  • Урбаните модели кои ги истакнуваат големите структурни урбанистички комплекси како основа за создавање на нова градска симболика и делумно непочитување на постојното градско ткиво.

По извршената анализа на добиените предлози дадена е предност на вториот модел, во кој спаѓа планот на Кензо Танге, додека планот на југословенските архитекти Радован Мишевиќ и Федор Венцлер ја добива втората награда. Сепак комисијата предлага двата тима да работат заедно за да го развијат финалниот план. Преку ваквата соработка ќе биде изготвен новиот урбанистички план за центарот на Скопје т.н. IX – варијанта.

Нов урбанистички план на центарот (IX - варијанта)

уреди

Основен концепт

уреди

Во деталниот урбанистички план се задржуваат основните идеи за урбанизација предложени во решението на Кензо Танге. Со мултидисциплинарна тимска работа се менуваат содржините и комплексите кои се сметале за предимензионирани, како транспортниот систем. Централната идеја на новиот план е да се изменат традиционалните насоки на движење и активности, и да се вметнат нови по должината на реката Вардар. Овие нови активности формираат две нови архитектонски структури: „Градска порта“ и „Градски ѕид“.

Зонирање на функциите

уреди

Во планот се изделуваат четири просторно-функционални целини

  • Трговско-комерцијална зона, која се протега паралелно со новата оска по должината на реката Вардар. Таа ја опфаќа новопланираната мегаструктура на Градската порта.
  • Зона на културно историски споменици која ја опфаќа старата чаршија, градската тврдина и другите предземјотресни градби.
  • Зоната на културно-образовните институции која ги опфаќа објектите на Македонскиот народен театар, Операта, Филхармонијата, Музичката академија, универзитетскиот кампус, Народната библиотека, Македонската академија на науките и уметностите и објектите на Радио-телевизијата.
  • Зоната на домувањето е концентрирана околу комплексот на Градскиот ѕид и другите помали станбени места на левиот брег на реката.

Елементи на планот

уреди

Просторни елементи

уреди

Стара традиционална просторна оска

уреди

Оската се протега од Бит-пазар преку Старата чаршија, Камениот мост, Плоштадот „Маршал Тито“ (денес плоштад Македонија), до старата железничка станица - Градскиот музеј. По должината на оваа оска се протегаат содржини со историско и културно значење.

Нова просторна оска

уреди

Бидејќи постоечката традиционална оска нуди ограничени можности за иден развој на потребите на градот , новиот план предвидува нова развојна линија на градот по течението на реката Вардар. По должината на оваа оска ќе се појават структурите на Градската порта, Републичкиот центар, Трговскиот центар и комплексот на Собранието.

Структурни елементи

уреди

Комплекс „Градска порта“

уреди

Градската порта е предвидена како комплекс со мултинаменска содржина. Таа е формирана од два реда паралелно поставени монументални објекти. Надворешните редови се обликувани од солитери со височина од седумнаесет ката, наменети за домување и комерцијални содржини, додека внатрешните објекти се со висина од осум ката и се наменети за трговски, угостителски, комерцијални, јавни и други дејности. Поврзувањето на структурите на „Градската порта“ се врши со механизмот на „регулаторот“ во неа. Тој ги контролира и ги насочува сите видови на сообраќај (автомобилскиот, железничкиот, градскиот и меѓународниот, авионскиот и пешачкиот). Овој „регулатор“ создаден во структурите на „Градската порта“, целиот сообраќај го регулира без вкрстувањеи го преобразува од брз двонасочен, во бавен еднонасочен. Во рамките на овој „регулатор“ се јавува и големиот транспортен центар. Во неговата содржина се опфатени три наменски целини: главната Железничка станица, Градската пошта и Меѓуградската автобуска станица. Објектот е во облик на покриена мостовска конструкција која претставува платформа за десетте перони. Платформата е подигната на 10 метри, што овозможува под нејзе да се изведат две нивоа во кои се развиваат сите потребни функции.

Комплекс „Градски ѕид“

уреди

Градскиот ѕид е вториот елемент кој го дефинира градското подрачје. Тој се развива околу старото градско јадро и го обединува со новопланираните комплекси. Тој претставува низа од линеарни високи станбени објекти со хетерогени содржини и густа изграденсот и ја нагласува содржината на стариот центар на градот.