Тишината на ноќта (филм)

„Тишината на ноќта“ (англиски: Still of the Night) — американски филм од 1982 година, во режија на Роберт Бентон, кој е и автор на сценариото, заедно со Дејвид Њумен. Главните улоги ги толкуваат: Рој Шајдер, Мерил Стрип, Џесика Тенди, Џо Грифаси, Џозеф Сомер и Сара Ботсфорд.[1]

Синопсис уреди

Една ноќ е пронајдено мртвото тело на Џорџ Бајнум (го игра Сомер), вработен во аукциска куќа. Утредента, во канцеларијата на неговиот психијатар, Сем Рајс (го игра Шајдер), влегува непозната млада жена, Брук Рејнолдс (ја игра Стрип) која се претставува како љубовницата на покојниот. Сем знае за нејзината врска со Џорџ од разговорите кои ги водел со својот долгогодишен пациент. Брук почнува да го привлекува Сем, но истовремено, тој знае дека таа крие некаква тајна. Истовремено, полицијата го испрашува Сем за убиството, но тој одбива да соработува и се обидува самостојно да го пронајде убиецот. Една ноќ, во близината на станот на Брук здогледува непозната жена и ја следи, но таа бега во паркот. Таму, еден скитник го ограбува Сем, а веднаш потоа, скитникот е најден мртов. Полицијата верува дека убиецот имал намера да го убие Сем, но тој повторно одбива да соработува со истражните органи за да ја заштити Брук. Подоцна, во нејзината канцеларија тој открива фотографија на човек кој своевремено бил убиен, а Брук му раскажува дека тој е нејзиниот татко кого таа го турнала од една кула во Фиренца. Полицискиот инспектор (го игра Грифаси) пронаоѓа сведок кој ги видел Брук и Џорџ непосредно пред неговата смрт и сака да ја уапси за време на една аукција, но Сем ѝ помага да побегне. Инспекторот ја бара Брук и влегува во станот на нејзината колешка Гејл Филипс (ја игра Ботсфорд). Сем оди во куќата на Брук, која се засолнила таму. Тогаш, врз основа на еден сон на Џорџ, Сем успева да открие дека него го убила Гејл, која претходно му била љубовница на Џорџ. Кога Сем и Брук се подготвуваат да ја напуштат куќата, таму пристига Гејл (која претходно во својот стан го убила инспекторот) и таа со нож го повредува Сем, а потоа, во обидот да ја убие Брук, паѓа од балконот и умира.

Наводи уреди