Тамерланов кинески поход

Тамерлановиот кинески поход започнала во зимата 1404 година. Овој воен поход на Тамерлан бил насочен против династијата Минг и бил последниот поход на овој турско-монголски освојувач. Тамерлан со оваа војна сакал да ја освои Кина, меѓутоа инвазијата врз Кина не започнала бидејќи Тамерлан починал во текот на походот против оваа азиска држава.

Хронологија

уреди
 
Џу Ди, кинески цар од династијата Минг
 
Тамерлановиот двор во 1405 г.

Иако патот кон Европа му бил отворен, Тамерлан не сакал да продолжи понатаму. Постоеле неколку причини за неговата одлука. Тамерлановата здравствена состојба се влошила и не сакал да го губи своето време во освојување на сиромашен континет. За Тамерлан попривлечна била Кина и војната со династијата Минг, тој се надевал дека оваа војната ќе му донесе поголема слава, чест и богатство.

Во 1368 година, во Кина била соборена монголската династија Јуен. Хунг Ву, првиот кинески цар од династијата Минг, како наследник на куќата на Кублај Хан, побарал и добил вазална почит од многу централноазиски држави. Кинескиот цар Хунг Ву го терирал Тамерлан како свој вазал и сакал од него да добие одредено признавање. Во 1394 година, овој кинески цар испратил дипломатско претставнишво на Тамерлановиот двор. Кинеските амбасадори Фу Ан, Гуо Ји и Лиу Веи на Тамерлан му предале писмо од кинескиот цар во кое било побарано од него да ја признае власта на Хунг Ву. Тамерлан го одбил барањето и наредил кинеските амбасадори да бидат затворени, а нивните 1 500 чувари биле убиени [1]. И покрај овој чин, кинескиот цар не се откажал од својата намера, во 1397 година го испратил нов амбасадор - Чен Девин, меѓутоа Тамерлан повторно го одбил барањето. Џу Ди, наследник на Хунг Ву, испратил нова делегација на Тамерлановиот двор, меѓутоа Тамерлан повторно одбил да се потчини.

Во 1399 година, Тамерлан добил вест дека во Кина дошло до граѓанска војна, меѓутоа во овој период Тамерлан својата дејност ја насочил во други правци. По успешниот анадолски поход, немирите во Кина продолжиле, а Тамерлан сакал да ја искористи таквата состојба. Според некои извори, Тамерлан во одреден период ја признавал власта на династијата Минг и плаќал годишен данок, меѓутоа подоцна ја отфрлил таквата обврска. Според некои извори, Тамерлан уште во 1396 година започнал со подготовки за војна против династијата Минг, кога наредил изградба на нови утврдувања во близината на кинеската граница. Тамерлан решил дека сега е погоден момент да започне еден воен поход кон Кина [2].

 
Тврдината Џиајугуан била зајакната поради стравот од инвазија од страна на Тамерлан , додека тој ја водел својата војска кон Кина [3]
 
Тамерлановото царство и неговите походи

На патот од Анадолија за Самарканд, Тамерлан бил известен за смрта на Бајазит I. По примањето на веста, наредил телото на починатиот султан да биде натоварено со скапоцени камења и накит, а потоа да биде испратено кај еден од синовите на Бајазит. По овој настан, Тамерлан примил вознемирувачка вест, неговиот омилен внук Мухамед Султан бил смртно болен. Во текот на Битката кај Ангора, Мухамед добил повреди од кои никогаш не се опоравил. Тој починал четири дена по смрта на Бајазит. Мохамед Султан, требало да го наследи Тамерлан. Целиот двор и војска жалеле поради смрта на престолонаследникот [4]. На својот пат кон Исток, Тамерлан не можел да ѝ одолее на Грузија, за шести и последен пат ја нападнал. Додека зимувал во Карабах, започнал со подготовки за наследување на неговата држава. Тамерлан ја поделил своето царство помеѓу неговите синови и внуци, секој требало да добие дел на владеење од неговото огромно царство. Во август 1404 година, сега веќе 69-годишниот Тамерлан по пет години конечно се врати во Самарканд, својата престолнина.

Пред походот, Тамерлан склучил сојуз со Монголците од Северната династија Јуен. Монголскиот водач Енкхе Хан го испратил својот внук Олдзеј Темур Хан, познат како Бујашир Хан откако преминал во ислам во текот на својот престој на Тамерлановиот двор во Самараканд [5].

Во Самарканд, од сите страни на царството се собрала војска од околу 200 000 војници. Тамерлан со својата војска го започнал долгиот марш од 4 500 километри кон Пекинг. Воениот поход започнал во зима (декември 1404 година), што не било својствено за Тамерлан. Многумина од неговите војници починале од студ, но Тамерлан се брзал. Во средината на јануари 1405 година, Тамерлановата војска пристигнала во централноазискиот град Отрар. Тука застанале бидејќи планинските премини не биле проодни од снегот. Во овој град, Тамерлан го примил амбасадорот на неговиот стар непријател, Туктамиша. Монголскиот хан преку своето претставништво ја признал власта на Тамерлан. Во средината на зимата, здравствената состојба на Тамерлан се влошила, добил треска. Големиот освојувач разбрал дека неговиот крај е блиску. Го повикал семејството и сите свои емири, господари и воени команданти, по што им ги пренел своите последни напатствија. Тамерлан, центарот на универзумот, починал на 19 јануари 1405 година [6].

Наводи

уреди
  1. Tsai, Shih-Shan Henry (2002), Perpetual Happiness: The Ming Emperor Yongle (2. изд.), University of Washington Press, стр. 188–189, ISBN 0-295-98124-5[мртва врска]
  2. Marozzi (2005), p. 345-354
  3. Turnbull, Stephen (30 January 2007). The Great Wall of China 221 BC-1644 AD. Osprey Publishing. стр. 23. ISBN 978-1-84603-004-8. Посетено на 2010-03-26.
  4. Marozzi (2005), p. 358-359
  5. C. P. Atwood-Encyclopedia of Mongolia and the Mongol Empire, see: Northern Yuan Dynasty
  6. Marozzi (2005), p. 360-404