Статистички белези

Единиците од кои е конструирана статистичката маса имаат определени својства (одлики) по кои меѓусебно се разликуваат. Овие одлики по кои се разликуваат единиците ги нарекуваме статистички белези.[1]

Во зависност од целта на истражувањето за секоја единица на статистичката маса можеме да прибереме податоци за еден или повеќе нејзини белези.

Статистичкиот белег може да биде јасно издеференциран во ограничен број на модалитети, а честопати бројот на модалитетите (можните варијанти) на белегот е неограничен.

Пример, белегот пол можеме да го изразуваме, поточно се јавува во два модалитета: машки и женски пол на белегот; белегот писменост: писмен и неписмен (жител); белегот вработеност: вработен и невработен (работник) и сл.

Од друга страна, некои белези можат да имаат мошне голем број на модалитети и секогаш не е можно докрај да ги разграничиме. Така, на пример, индустриските производи можат да се разграничат на голем број видови, а во зависност од критериумите на класифицирање ќе имаме поголем или помал број на модалитети, чие разграничување претпоставува определено поблиско дефинирање. Староста на населението или должината на работниот стаж на работниците можеме да ги земеме како белези со неограничен број на модалитети, при што за ограничени маси во конкретни подрачја и претпријатија имаме и конечни големини.

Видови статистички белези

уреди

Според начинот на изразување, карактерот и интензитетот, статистичките белези можат да бидат мошне различни. Во зависност од критериумот кој се зема, сообразно со целта на истражувањето, статистичките белези, според сродноста, можат да се поделат во различни групи. Од аспект на можноста за статистичка анализа, посебно значење има поделбата на белезите според начинот на нивното искажување. Во зависност од тоа дали статистичкиот белег се искажува описно или бројчено, сите белези можеме да ги поделиме на:

  • атрибутивни (описни, квалитативни, предметни) и
  • бројчени (бројчени, квантитативни).

Атрибутивни белези

уреди

(пол, писменост, занимање, националност, вработеност и сл.) покажуваат определено својство, квалитет на статистичката единица и секогаш се искажуваат описно, односно со зборови.

Основната одлика на атрибутивните белези се состои во тоа, што невните модалитети не го одразуваат интензитетот на набљудуваната одлика туку само нејзините различни пројавни облици (на пример, модалитетите на белегот пол: машки и женски, претставуваат само различни видови на јавувања на оваа одлика).

Бројчени белези

уреди

Се изразуваат бројчено, било во соодветна единична мерка, било во интензитет или релативен број на белегот. Така, на пример,

  • староста на населението ја изразуваме во години,
  • вредноста на производството во денари итн.

Од друга страна, интензитетот на вработеноста ја изразуваме во проценти на вработените во однос на вкупното или работоспособното население, интензитетот (степенот) на индустријализација како процент на индустриското производство во вкупното производство и сл.

Бројчените белези можат да бидат:

  • прекинати (дисконтинуирани) и
  • непрекинати (континуирани).

Прекинати бројчени белези

уреди

Ако белегот може да земе само ограничен број на вредности, т.е. варира во ограничен број на модалитети, тогаш за тој белег велиме дека е прекинат, односно дисконтинуиран.

Прекинатите белези најчесто се изразени само со цели броеви. Такви белези се:

  • број на членови на домаќинствата,
  • број на соби во станот,
  • број на продадени автомобили и др.

Непрекинати бројчени белези

уреди

Ако белегот варира така што може да ги земе сите вредности во ограничениот или неограничениот интервал, тогаш велиме дека таквиот белег е непрекинат, односно континуиран.

Непрекинати белези се:

  • староста на вработените работници,
  • висината на платите,
  • висината на студентите,
  • обемот на производството,
  • вредноста на извозот и сл.

Модалитетите на непрекинатите белези се определуваат со мерење.

Географски белези

уреди

Статистичките единици можеме да ги анализираме и од стојалиште на просторот (подрачјето) на кого припаѓаат. Најчесто тоа е класифицирање според утврдени географски поими (општина, регион и сл.). Такво определување според географски поими претставува дефинирање на статистичките единици според географскиот (територијалниот) белег.

Иако овој белег го изразуваме описно и можеме да го вброиме во атрибутивните белези, сепак, од аспект на квантитативните економски истражувањ (како и други) тие имаат посебно значење и примена. Тука, пред се, треба да се има предвид планирањето на рамномерниот регионален развој.

Временски белези

уреди

Динамичкото следење на статистичките маси и единиците на масата се засновува на нивното временско дефинирање. Бидејќи динамиката на појавите е нивна општа и реална одлика, поради тоа временскиот белег (иако изразен бројчено) можеме да го издвоиме како посебен вид на белег.

Наводи

уреди
  1. • Ристески Славе, Тевдовски Драган (2010): „Статистика за бизнис и економија“, четврто издание, Скопје: Економски факултет - Скопје.