Слободанка Марковска
Слободанка Марковска (13 декември 1951 во Битола) — македонска универзитетска професорка.[1]
Слободанка Марковска | ||
Родена | 13 декември 1951 Битола, СФР Југославија | |
---|---|---|
Националност | Македонка | |
Занимање | универзитетска професорка |
Животопис
уредиСлободанка Марковска е родена на 13 декември 1951 година во Битола. Дипломирала, магистрирала (Антрополошката мисла на Ерих Фром) и докторирала (Жената во Библијата: антрополошки импликации) на Институтот за филозофија на Филозофскиот факултет во Скопје. Работела на Катедрата за основи на марксизмот на Филозофскиот факултет и во својство на асистент држела вежби на повеќе факултети во Скопје. Работејќи на Катедрата за хуманистички студии на Филозофскиот факултет држела настава по предметите антропологија на Филолошкиот факултет и филозофија на културата и уметноста на Институтот за класични студии на Филозофскиот факултет. Била раководител на Катедрата за хуманистички студии. Марковска во својство на координаторка на тимот за подготовка на елаборат за студиска програма за родови студии, била активно вклучена во подготовките за основањето на Институт за родови студии на Филозофскиот факултет кој започнал со работа во академската 2008-2009. Од 2008 година ја извршува функцијата раководител на Институтот за родови студии. Во звањето редовен професор била избрана на седница на Универзитетскиот сенат, одржана на 31 октомври [[2011}]] година.
Научно творештво
уредиОд областа на хуманистиката досега превела пет книги на македонски јазик, четири од англиски и една од српски јазик. Била член во редакцискиот одбор на списанието Културен живот, а се занимавала и со стручна редакција на преводи од англиски јазик. Учествувала на домашни и меѓународни собири со научни реферати и држела предавања на летни школи и универзитети во земјата и во странство. Била на студиски престој на Универзитетот „Колумбија“ во Њујорк (1997) како стипендист на Центарот за човекови права на истоимениот Универзитет, а во рамките на програмата Човековите права и верските слободи. Слободанка Марковска била активно вклучена во невладиното движење во Република Македонија од самите почетоци. Била прв претседател на Комитетот на Хелсиншкиот парламент на граѓаните, а како невладина активистка учествувала во многу проекти и меѓународни собири посветени на граѓанското општество. Била претседател на Управниот одбор на Фондацијата „Институт отворено општество - Македонија“. Марковска учествувала во многубројни научно-истражувачки проекти.
Марковска има објавено голем број текстови (научни и стручни трудови, предговори и поговори на книги, преводи, прикази, реагирања на актуелни теми); автор е на книгата „Човекот и надежта“ (Метафорум, Скопје, 1994), соуредник е на првата антрополошка хрестоматија во Македонија „Антропологија - зборник текстови“ (Догер, Скопје, 1999) и соавторка на две монографии.
Наводи
уреди- ↑ Универзитетски весник|169, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, Скопје, август 2015}}