Слепило (роман)
Слепило (португалски: Ensaio sobre a cegueira, превод Есеј за Слепило) е роман на португалскиот автор Жозе Сарамаго. Слепило е еден од неговите најпознати романи, заедно со Евангелието Според Исус Христос и Балтазар и Блимунда. Во 1998 година, Сарамаго ја доби Нобелова награда за литература, а Слепило беше едно од неговите дела кои беа наведени од Комитетот при објавувањето на наградата.
Корица на првото издание (португалски) | |
Автор | Жозе Сарамаго |
---|---|
Изворен наслов | Ensaio sobre a cegueira |
Земја | Португалија |
Јазик | Португалски јазик |
Жанр | Post-apocalyptic |
Издавач | Caminho |
Издадена | 1995 |
Страници | 288 |
ISBN | 1-86046-297-9 |
OCLC | 38225068 |
Следна | Seeing |
Заплет, кратка содржина
уредиСлепило е приказна за чудна и необјаснета пандемија на слепило . Речиси сите сите жители во еден град се разболуваат, по што целиот систем тоне во хаос. Главни ликови во романот се неколкумина карактери кои меѓу првите се заразуваат и го губат видот. Во центарот е ликот на сопругата на докторот, нејзиниот маж, неколку негови пациенти и други, кои по игра на случајот ќе се најдат заедно во несреќата. По долг и трауматски карантин во една психијатриска болница, групата излегува и се обидува да преживее, водена од докторовата жена која, по некое чудо, единствена не е заразена и може да гледа. Власта уплашена од ненадејната епидемија ќе се обиде со репресивни мерки да ја контролира ситуацијата.
Во првиот дел на романот се опишува престојот на главните ликови во карантин, во напуштена психијатриска болница. Условите во кои се држат слепите се нехигиенски, тие се оставени сами да се грижат за себе, без доволно вода и храна и постојан прилив на нови слепи, ситуацијата брзо ќе прерасне во ужас и морална деградација.
Соочени со вакви услови, слепите стануваат животни, водени од основните инстинкти, заборавајќи на емпатијата и хуманоста. Војниците кои ја чуваат болницата, исто така се незаинтересирани за она што се случува внатре, соочени и самите со болеста пукаат врз секој кој ќе се обиде да излезе или да побара храна.
Ситуацијата во карантинот станува неподнослива откако група вооружени слепци ја презема контролата врз храната во карантинот, уценувајќи ги останатите да им ги предадат жените за сексуални услуги. Соочени со глад, силувања и понижувања, слепците ќе започнат меѓусебна борба, која ќе заврши со пожар во психијатриската болница. Принудени да излезат, тие ќе сфатат дека војниците веќе одамна не се на своите стражарски места и најверојатно и самите биле инфицирани. Групата сега е надвор, оставена да талка заедно со останатите слепци кои бараат какво било засолниште.
Малата заедница ја предводи сопругата на докторот која гледа, но тој факт го крие од останатите. Успеваат да стигнат во градот и да се сместат во станот на докторот. Но, анархијата, хаосот и очајот и тука се присутни.
Ликови: Сопругата на докторот
уредиСопругата на докторот е единствен лик во романот кој не го губи видот. Овој феномен во приказната останува необјаснет. Таа не сака да го напушти својот сопруг и со него доброволно оди во карантин, преправајќи се дека е слепа. Во карантинот се обидува да им помогне на слепците да се организираат, но не може да го спречи хаосот и деградацијата која ќе го зафати местото. Таа ќе го предводи бунтот против слепците силувачи и убијци, кои ќе ги уценуваат останатите со храна.
Докторот
уредиЛекарот е офталмолог кој се разболува од контакт со пациент кој исто така е заболен од мистериозното "бело слепило". Тој е меѓу првите кој оди во карантин заедно со сопругата. Бидејќи е лекар, тој има посебен статус меѓу болните во карантинот, но предност има и поради фактот дека неговата жена гледа и го информира за состојбата и случките околу него.
Девојката со темни очила
уредиДевојката со темни очила е проститутка која ослепува додека води љубов со муштерија во хотелска соба. Во карантинот ѝ се приклучува на групата околу докторот, бидејќи и самата е негов поранешен пациент. Станува блиска пријателка со докторовата сопруга и покрај фактот што во еден момент се впушта во секс со нејзиниот маж. На крајот на романот, таа му станува придружничка и љубовница на старецот со црниот превез.
Старецот со црниот превез на окото
уредиТој е последниот кој влегува во карантинот. Со себе носи транзистор, кој ќе им овозможи на слепците да слушаат вести. Тој, исто така, е главниот организатор на неуспешниот напад врз групата слепци кои крадат оброци. Откако групата излегува од карантинот, старецот станува љубовник на девојката со темни очила.[1]
Крадецот на автомобили
уредиПрвиот човек кој го изгуби видот чекајќи со автомобилот на семафор беше однесен дома од крадецот на автомобили. Тој подоцна ќе ја искористи приликата да му го украде автомобилот на слепецот, но притоа и самиот ќе се зарази и ќе ослепи. Во карантинот тие повторно ќе се сретнат, што ќе доведе до караница меѓу нив. Крадецот прв ќе биде убиен од војниците, барајќи лек за инфицираната нога.
Првиот слепец
уредиПрвата жртва на слепилото е маж кој видот го губи чекајќи во сообраќајната редица пред семафор. Тој веднаш ќе замине на офталмолог, каде ќе го зарази докторот, но и другите пациенти во чекалната.
Човекот со пиштол
уредиЧовекот со пиштол е водач на групата која ќе преземе контрола врз резервите со храна и вода. Тој и неговите соучесници во замена за храна, од останатите слепци ќе изнудуваат скапоцености, а подоцна и секс од жените во карантинот. Тој подоцна ќе биде убиен од сопругата на докторот.
Стил
уредиКако и повеќето дела на Сарамаго, романот е составен од долги реченици, со запирки наместо точки и дијалози без наводници. Ликовите немаат имиња, што е типично за неговите дела. Тие се описно прикажани како "жената на докторот ", "крадецот на автомобилот", или "старецот со превез". Со оглед што во романот сите се слепи, некои од овие описи се иронични.
И градот зафатен од епидемијата исто така е безимен. Не се знае ни државата во која се случува дејствието. Сепак постојат некои елементи кои укажуваат дека сепак се работи за земјата на писателот, Португалија.
Продолжение и филм
уредиСарамаго во 2004 година го напиша продолжението на романот Слепило, насловено како: Луцидност (Ensaio sobre на lucidez). Новиот роман се одвива во истата земја во која се претходно се случила епидемијата на слепило.
Според романот снимен е истоимениот филм, во режија на Фернандо Мејрелиш со Џулиана Мур, Дени Гловер, Марк Рафало. Филмот во 2008 та го отвори Канскиот фестивал.
Цитати за книгата:
„Парадоксално, но слепилото во романот на Сарамаго е алегорија за неспособноста да гледаме. Тоа што навистина треба да го видиме и тоа што Сарамаго, писател кој поминал диктатури и револуции го имал видено, а стравувал дека ние всушност не го гледаме - се наоѓа на секоја страница на оваа книга и не може да се раскаже.“
Ендру Милер, The New York Times
Поврзано
уредиНаводи
уреди- ↑ „Blindness Characters“. GradeSaver.