Сергие Михајлов, (Харков, 1885 – Штип, 19 септември 1975) – музички педагог и композитор. Музика учел во родниот град кај чешкиот композитор и пијанист Алојз Јиранек. Наскоро по Октомвриската револуција доаѓа во Македонија (1921), најпрвин во Кавадарци, а потоа во Гевгелија, каде што за три години развива плодна музичка дејност. Таму ја пишува операта-бајка „Ружанка“, изведена со успех во тоа место и во околните градови. Потоа заминува во Штип (1924), каде што станува професор во Гимназијата. Во текот на идните педесет години ги поставува темелите на севкупниот музички живот во тој град. Во соработка со проф. Д. Будимировиќ, директор на Аматерскиот театар, со голем успех го подготвува изведувањето на неколку оперски дела во целосна или во скратена верзија („Палјачи“, „Севилскиот бербер“, „Фауст“, „Мамзел Нитуш„ и др.), со сопствена пијано-придружба. Во повоениот период, Михајлов целосно му се посветува на музичкото школство, како раководител на основното, потоа и на средното музичко училиште. Неговите многубројни композиции од инструктивен карактер за сите оркестарски инструменти, камерни дела и пригодни сценски реализации, наидоа на широка примена во музицирањето на учениците. Многу од неговите воспитаници го продолжија школувањето на високите музички институции и се афирмираа како истакнати музичари.[1]

Наводи

уреди
  1. Драгослав Ортаков. „Музичкиот живот во Штип и Штипско до 1941 година“, „Музика“, год. 5, бр. 3, Скопје, 2001)