Руапеху
Руапеху (англиски: Mount Ruapehu, од маорски: Ruapehu - „бучна јама“[2]) — активен стратовулкан во Националниот парк Тонгариро, Нов Зеланд. 23 км на североисток од гратчето Охакуне и исто толку југозападно од брегот на езерото Таупо. Геолошки му припаѓа на вулканското подрачје на Таупо. На падините се сместени најзначајните скијалишта на Северниот Остров на земјата и неговите единствени ледници.
Руапеху | |
---|---|
Ruapehu | |
Поглед на Руапеху во 2015 г. | |
Највисока точка | |
Надм. вис. | 2.797 м [1] |
Истакнатост | 2.797 м |
Координати | 39°17′S 175°34′E / 39.283° ЈГШ; 175.567° ИГД |
Име | |
Превод | бучна јама[2] (маорски) |
Географија | |
Геологија | |
Старост на карпата | ~200.000 години[1] |
Вид | стратовулкан |
Вулкански лак/појас | Таупо |
Последен избув | 25 септември 2007 г. |
Искачување | |
Прво освојување | 1879 г. од Џ Битам и Џ. П. Максвел |
Најлесен пат | планинарење |
Ова е најголемиот активен вулкан во земјата и највисока планина на Северниот Остров со неговите три врва, Тахуранги (2.797 м), Те Хеухеу (2.755 м) и Парететаитонга (2.751 м). Помеѓу нив е вгезден длабокиот и активен кратер кој се полни со вода во периодите помеѓу поголемите избуви.
Вулканска активност
уредиРуапеху е претежно составен од андезит и почнал со својата активност пред барем 250.000 години. Во поново време откога постојат записи за него, вулканот прави поголеми избуви на секои 50 години,[3] и тоа во 1895, 1945 и 1995–1996 г. Помалите изливи се почести — барем 60 пати од 1945 г. наваму. Некои помали избуви во 1970-тите произвеле скромно количество на пепел и лахари (калотеци) кои ги оштетиле скијалиштата.[4] Последното забележително избувнување се случило на 25 септември 2007 г.
Во периодите меѓу поголемите избуви, истопениот снег се слева во кратерот и создава топло кисело езеро. При поголеми избуви, оваа вода целосно се исфрла. Позначајните извбиви таложат наноси од тефра и образуваат брана, која потоа прска при преполнување на езерото и истекува како голем лахар. Во 2000 г. е поставен систем за навремено предупредување на надлежните органи за ваквите изливи.
Скијалишта
уредиРуапеху има две јавни (наплатни) скијалишта: „Факапапа“ на северната и „Туроа“ на јужната падина — обете најголеми во земјата. Клупското скијалиште „Тукино“ се наоѓа на источната страна на планината и исто така е отворено за јавноста. Скијачката сезона почнува во јуни и трае до октомври, иако ова може да зависи од количеството на снег и временските прилики.
До двете скијалишта се стасува со автомобил и седечки жичници. Имаат патеки со разна тежина, од почетнички до напредни. Факапапа има пет седечки жичници, со ограничени сместувачки капацитети и гостилница во пристапниот влез и освежување на други места по планината. Искачувачите можат да се послужат со планинарски колиби, претежно во сопственост на приватни клубови.
Ледници
уредиНа Руапеху се сместени единствените ледници на Северниот Остров. Сите се мали, со должина не повеќе од 1,6 м. На број се осумнаесет, вклучувајќи ги оној со кратерот; најголеми од нив се Мангатоетоенуи, Самит Плато и Фангаеху.[5]
Во популарната култура
уредиНа падините на Руапеху се снимени некои сцени од областа Мордор и планината Ородруин (Кобната Планина) во филмската трилогија Господарот на прстените на Питер Џексон.[6]
Поврзано
уредиНаводи
уреди- ↑ 1,0 1,1 „Руапеху“. Глобална програма за вулканизмот. Смитсонова установа. Посетено на 2016-11-12. (англиски)
- ↑ 2,0 2,1 „Volcano Fact Sheet: Ruapehu Volcano“ (PDF). GNS Science. Посетено на 31 December 2013.
- ↑ New Zealand Department of Conservation. „Crater Lake“. Посетено на 2006-10-23.
- ↑ New Zealand Department of Conservation. „Central North Island Volcanoes“. Посетено на 2006-10-23.
- ↑ „Glaciers in New Zealand“. Te Ara: Encyclopaedia of New Zealand. Посетено на 24 November 2012.
- ↑ Sibley, Brian. The Making of the Movie Trilogy The Lord of the Rings, Houghton Mifflin (2002).
Надворешни врски
уреди„Руапеху“ на Ризницата ? |
- „Руапеху“. Глобална програма за вулканизмот. Смитсонова установа. Посетено на 2008-12-18. (англиски)
- Опасности од вулканот Руапеху — GNS Science (англиски)
- Вулканска камера на Руапеху Архивирано на 29 јануари 2005 г. — секојчасовни слики од GeoNet (англиски)
- Блог за сите избуви на Руапеху од 1995 до денес (англиски)