Пулмонална хипертензија
Пулмоналната хипертензија е вид на зголемен крвен притисок, кој ги афектира само артериите во белите дробови и десната страна од срцето.Пулмоналната хипертензија започнува во ситните артерии во белите дробови, наречени пулмонални артерии и капилари. Тие го стеснуваат својот лумен или се затнуваат. Ова го отежнува протокот на крв во белите дробови, што пак од своја страна го зголемува притисокот во артериите на белодробието. Како што се зголемува притисокот, десната срцева комора пумпа сè повеќе крв во белите дробови, а тоа доведува до ослабување на срцевиот мускул и евентуално комплетен прекин на срцевата работа.Пулмоналната хипертензија е сериозно заболување кое прогресивно се влошува со тек на време и понекогаш завршува фатално. Иако пулмоналната хипертензија не е излечлива состојба, третманот кој постои ги олеснува симптомите и го подобрува квалитетот на живот.
Пулмонална хипертензија | |
---|---|
Пулмонална Хипертензија | |
Специјалност | Кардиологија, пулмонологија |
Симптоми
уредиЗнаците и симптомите на пулмоналната хипертензија може да не бидат забележливи во раниот стадиум на болеста. Тоа може да трае неколку месеци, па дури и години. Како што болеста прогредира, симптомите се влошуваат. Симптомите на пулмонална хипертензија вклучуваат:
- недостаток на воздух (диспнеа), на почеток при зголемен напор (вежбање), а подоцна и во мирување
- замор
- вртоглавица (вертиго) и несвестица (синкопа)
- притисок и болка во градите
- отоци во колената, нозете и евентуално во стомакот (асцитес)
- сина боја на усните и кожата (цијаноза)
- срцеви палпитации.
Етиологија
уредиСрцето е составено од две преткомори и две комори. Секој пат, кога крвта поминува низ срцето, десната комора ја испумпува во белите дробови низ еден голем крвен сад (пулмонална артерија). Крвта во белите дробови го ослободува јаглеродниот диоксид, а го собира кислородот, кој преку дишењето се внесува во белодробието. Оксигенираната крв, односно крвта богата со кислород, потоа преку други крвни садови оди во левата преткомора.Најчесто, крвта лесно протекува низ крвните садови во белите дробови, затоа што крвниот притисок во нив е понизок. Кај пулмоналната хипертензија, зголемениот крвен притисок е предизвикан од промени во клетките кои ги обложуваат пулмоналните артерии. Овие промени предизвикуваат создавање на дополнително ткиво во нив, при што нивниот лумен е блокиран, а тоа го спречува нормалниот проток на крвта, што консеквентно го зголемува крвниот притисок и го оптоварува срцето.
Видови Хипертензии
уредиИдиопатска хипертензија
уредиОвој вид се нарекува идиопатска пулмонална хипертензија, поради тоа што не може да се открие конкретната причина за појава на хипертензијата. Се смета дека некои луѓе може да имаат генетски дефект кој доведува до развој на идиопатска пулмонална хипертензија.
Секундарна пулмонална хипертензија
уредиПулмоналната хипертензија која е предизвикана од некој друг медицински проблем или состојба, се нарекува секундарна пулмонална хипертензија. Овој вид е почест од идиопатската пулмонална хипертензија. Причините за секундарна пулмонална хипертензија вклучуваат:
- крвни засироци во белите дробови (пулмонална емболија)
- хронична опструктивна белодробна болест, како што е емфизем
- пореметувања во сврзното ткиво, како што е склеродерма или лупус
- апнеја при спиење или други пореметувања во спиењето
- вродена срцева болест
- српеста анемија
- хронична црнодробна болест (цироза)
- СИДА
- белодробна болест, како што е пулмонална фиброза – состојба која предизвикува лузни во ткивото помеѓу белодробните обвивки (интерстициум)
- лево-срцева слабост
- живеење над 2438 метри надморска висина
- искачување над 2438 метри надморска висина без претходна аклиматизација
- употреба на одредени стимулативни дроги, како што е кокаинот
Ризик Фактори
уредиИако секој може да развие некој од видовите на пулмонална хипертензија, постарите особи поверојатно би имале секундарна пулмонална хипертензија, а кај младите луѓе би бил позастапен идиопатскиот вид. Студиите покажуваат дека идиопатската пулмонална хипертензија е почеста кај жените.Важен ризичен фактор за пулмоналната хипертензија е токму семејната историја на ова заболување. Можно е некои гени да се поврзани со идиопатската пулмонална хипертензија. Се претпоставува дека овие гени предизвикуваат прекумерно растење на клетките кои ги обложуваат крвните садови на белите дробови, стеснувајќи го нивниот лумен.
Компликации
уредиПулмоналната хипертензија може да доведе до бројни компликации, како што се:
- Десно-срцева слабост (cor pulmonale). Кај кор пулмонале, десната комора на срцето се проширува, затоа што таа потешко ја испумпува крвта кон белите дробови, поради опструкција на крвните садови. На почетокот, срцето се обидува да ја компензира состојбата со задебелување на ѕидовите од комората и нејзино проширување, за да собере поголема количина на крв. Но оваа компензација ќе функционира само привремено.
- Емболуси (крвни засироци). Згрутчувањето е особина на крвта, која овозможува да се сопре крварењето после некоја повреда. Но, понекогаш крвните засироци се формираат и кога не е потребно. Бројни мали засироци или еден поголем може да се откачи од длабоките вени на нозете и да стигне преку крвотокот до белите дробови, што доведува до пулмонална хипертензија која е повратна, ако се реагира и третира на време. Доколку веќе се има пулмонална хипертензија, тогаш ризикот за создавање на крвни засироци во малите артерии во белите дробови е поголем.
- Аритмија (нерегуларен срцев ритам). Аритмијата е честа компликација на пулмоналната хипертензија. Таа може да доведе до палпитации, вртоглацива и несвестица, која може да биде фатална.
- Крварење. Пулмоналната хипертензија може да доведе до крварење во белите дробови и искашлување на крв (хемоптиза). Ова е уште една потенцијално фатална компликација.
Дијагноза
уредиРаната дијагноза на пулмоналната хипертензија е тешка и обично не се забележува при рутински преглед. Дури и во подоцнежни стадиуми, знаците и симптомите на ова заболување се слични како кај оние состојби на срцето и белите дробови. Поради ова, лекарот ќе препорача да се направат следниве дијагностички процедури:
- РТГ на граден кош
- Ехокардиограм
- Трансезофагеален ехокардиограм
- Десно-срцева катетеризација
Како дополнителни тестови, лекарот ќе препорача:
- белодробни функционални тестови
- белодробен перфузионен скен
- компјутеризирана томографија
- магнетна резонанца
- белодробна биопсија
Како дополнителни тестови, лекарот ќе препорача:
Терапија
уредиПонекогаш е потребно време за да се пронајде вистинскиот третман за пулмонална хипертензија. Лекувањето најчесто е комплексно и долготрајно. Од медикаментите кои се употребуваат, ќе се споменат:
- вазодилататори
- антагонисти на ендотелински рецептори
- силденафил
- високи дози на блокатори на калциумски канали
- амбрисентан
- антикоагуланти
- диуретици
- кислород
Од хируршките процедури, ќе се споменат:
- атријална септостомија
- пресадување
Користена литература
уреди- http://www.zazdravje.com.mk/%D0%BF%D1%83%D0%BB%D0%BC%D0%BE%D0%BD%D0%B0%D0%BB%D0%BD%D0%B0-%D1%85%D0%B8%D0%BF%D0%B5%D1%80%D1%82%D0%B5%D0%BD%D0%B7%D0%B8%D1%98%D0%B0-0[мртва врска]
Оваа медицинска статија е никулец. Можете да помогнете со тоа што ќе ја проширите. |
Надворешни врски
уредиКласификација | |
---|---|
Надворешни извори |