Прва помош
Прва помош е почетната грижа за повреденото лице на самото место на несреќата. Грижата се состои во благовремено преземање на внимателни постапки, мерки и активности, со цел:
- да се зачува животот на повреденото лице;
- да се заштити од понатамошно повредување;
- да се намали болката и стравот;
- да се спречат можните компликации и
- да се подобри општата состојба на повредениот.
Грижата трае од моментот на откривањето на повредениот, па сè до моментот кога повеќе не му е потребна прва помош или до преземањето на повредениот од квалификувани лица за стручна медицинска помош. Состојбите што го загрозуваат животот (итни состојби) бараат брз одговор. Во тие моменти, судбината на повредениот е во рацете на луѓето од непосредната околина. Нема ништо похумано од благовремена и правилно укажана помош, што значи живот.
Средства за укажување прва помош
уредиЗа укажување прва помош се користат стандардни и прирачни средства. Подготвеност за укажување прва помош претставува и поседувањето на одржувана и добро чувана кутија со стандардни средства за прва помош. Големината, формата и содржината на кутијата за прва помош е стандардизирана. Стандардите се во зависност од намената и тие се менуваат со текот на времето.
Основно е во секоја кутија за прва помош да има:
- Неколку стерилни гази, во различна големина - се користат за покривање на раните и за изработка на компресивни преврски;
- Вата - може да се користи при компресивни преврски и имобилизација;
- Неколку завои, со различна широчина - служат за прицврстување на стерилните гази при преврзувањето, за изработка на компресивна преврска и за имобилизација;
- Најмалку 2 триаглести марами - се употребуваат за преврзување, за имобилизација и за сопирање на крварење со подврзување;
- Леплива трака (фластер) - се користи за прилепување на стерилна газа, завршување на преврска, облепување на поливинилска фолија и сл.;
- Пакување со различни димензии на ханзапласт, за покривање на мали рани;
- Полуетиленска фолија - при отворена рана на граден кош и др.;
- Безопасни игли - за завршување на преврска, прицврстување на марама, обвивка;
- Ножички или заштитен жилет - за сечење на завоен материјал, леплива трака и сл.;
- Стерилни ракавици за еднократна употреба - за заштита од болест што се пренесува преку крв;
- Специјално пластично шамивче со вентил за вештачко дишење.
Стерилните ракавици и специјалниот вентил за вештачко дишење не содржани во постоечките пропишани стандардни средства, но нивната потреба за примена е очигледна.
Прирачните средства за прва помош се материјали и предмети што ги наоѓаме во непосредна околина (при рака) поради што го добиле и името. Прирачните средства се за друга намена, а можат да се користат и за оваа цел. Најчесто ги користиме за имобилизација (сообраќаен триаголник, пупа, чадор, облека, ќебе), а поретко за преврзување и запирање на крварење (шал, парчиња платно, џепни марамчиња, марами за коса, вратоврска, ремен и др.).
Должност за укажување прва помош
уредиУкажувањето на прва помош не е само морална, туку и законска обврска. Уставот на Република Македонија упатува на задолжително укажување прва помош на настраданото лице. Во една од одредбите на Законот за безбедност на сообраќајот стои:
„ | Лице кое ќе се затекне или ќе наиде на место на сообраќајна несреќа во која има повредени лица е должно да им укаже помош на повредените лица во сообраќајната несреќа. | “ |
Неукажувањето помош се санкционира со парична казна или затвор. Со законот не се санкционирани евентуалните случајни (несакани) грешки при укажување на прва помош. Сепак, доколку вештините кои се бараат за одредени постапки од првата помош ги надминуваат вашите знаења, во такви случаи морална обврска е таквите постапки да се препуштат на покфалификувано лице.