Подлошка или шајбна – машински елемент кој се користи при навојни споеви. Во поголемиот број случаи тоа е плочка со кружен облик со отвор во средината. Во зависност од конструкцијата, може да има различни функции, и тоа: осигурување на навојните споеви од одвртување, рамномерна распределба на површинскиот притисок, преднапрегање на навојниот спој, изолирање, затворање и сл. Подлошките се изработуваат од различен материјал во зависност од намената, но најчесто се користи челик, пластика и бакар.

Разни видови подлошки: рамни, еластични, назабени, изолаторски
Рамна подлошка (лево) и расечена еластична подлошка или федер-шајбна (десно)
Конусна еластична подлошка
Надворешно назабена подлошка

Низ отворот на подлошката проаѓа завртката. Подлошката се поставува меѓу главата на завртката (или навртката) и елементот кој се спојува.

Видови подлошкиУреди

Рамна (прстенеста) подлошкаУреди

Рамната подлошка, како што ѝ кажува името, е рамна кружна плочка со отвор во средината. Се разликуваат два типа, обична и подлошка со голем надворешен пречник. Обичната рамна подлошка вообичаено има двапати поголем надворешен пречник од внатрешниот. Оваа подлошка се користи за порамномерна распределба на површинскиот притисок и како одбојник. Често се користи и од естетски причини, т.е. се поставува под завртката или навртката за да се спречи оштетување на елементите кои се спојуваат при затегнувањето на завртката. Главно се изработуваат од челик, а поретко од пластика и бакар.

Еластична расечена подлошка или федер-шајбнаУреди

Расечената еластична подлошка (федер-шајбната) се користи за осигурување на навојните споеви од одвртување. Се нарекува и пружинеста подлошка. Има кружен облик, отвор во средината и еден прекин. На местото на прекинот, подлошката е благо свиена така што краевите се раздвоени. При затегање, краевите на подлошката се забиваат во главата на завртката (или навртката) и елементот кој се спојува со навоен спој. На тој начин се спречува одвртување на завртката или навртката. Се изработува од челик за пружини.

Еластична конусна подлошкаУреди

Конусната еластична подлошка со својот изглед потсетува на рамната подлошка. Има конусен облик и при притегање на навојниот спој се деформира и на тој начин се однесува како пружина. Со овие подлошки може да се реализираат преднапрегнати споеви така што завртката ја има потребната сила на притегање за да не дојде до одвртување, а во исто време му дава на навојниот спој малку слобода. Се изработува од челик за пружини.

Назабена подлошкаУреди

Назабената подлошка служи за осигурување на навојните споеви од одвртување. Изгледа како рамната подлошка со таа разлика што по надворешниот или внатрешниот обем има заби. При притегањето овие заби се забиваат во главата на завртката или навртката и на тој начин спречуваат одвртување. Се изработуваат од челик.

Подлошка за заптивањеУреди

Оваа подлошка служи за заптивање. Изгледа како рамната подлошка со таа разлика што се изработува од бакар, пластика или гума. Се поставува под главата на завртката во случаите кога завртката се користи како чеп. Бакарните подлошки се користат при големи притисоци и температури.

Гумена подлошкаУреди

Гумената подлошка има ист облик како рамната подлошка. Се користи за заптивање или како виброизолатор.

Подлошка за изолацијаУреди

Пластичната подлошка главно го има истиот облик како и рамната подлошка со таа разлика што се изработува од материјали кои не спроведуваат електрична струја, и тоа главно од разни врсти пластика, бакелит и сл. Се употребува во електротехниката како изолатор меѓу завртката и спроводникот.

ПоврзаноУреди


ЛитератураУреди

Вера Кобурска, Феста Лена, Емилија Димитрова, Челични конструкции за IV година, Министерство за наука и образование 2011, Скопје, ISBN 978-608-226-319-9

Зоран Ангеловски, Олгица Маневска, Елементи на дрвните конструкции за II година, Министерство за наука и образование 2011, Скопје, ISBN 978-608-226-282-6