Плачлива игра (филм)

„Плачлива игра“ (англиски: The Crying Game) — британско-јапонски филм од 1992 година, во режија на Нил Џордан, кој е автор и на сценариото. Главните улоги ги толкуваат: Стивен Риа (Stephen Rea), Џеј Девидсон (Jaye Davidson), Форест Витекер (Forest Whitaker), Миранда Ричардсон (Miranda Richardson), Едриен Данбар (Adrian Dunbar), Џим Бродбент (Jim Broadbent), Брефни Мекена (Breffni McKenna), Џо Савино (Joe Savino), Брди Свини (Birdy Sweeney), Андре Бернар (Andrée Bernard), Ралф Браун (Ralph Brown), Тони Слетери (Tony Slattery) и Џек Кар (Jack Carr). Музиката е дело на Ен Дадли (Ann Dudley), а фотографијата на Ијан Вилсон (Ian Wilson). Насловната песна ја пее познатиот поп-музичар Бој Џорџ (Boy George). Од шесте номинации за „Оскар“, филмот победил во категоријата најдобро изворно сценарио, а покрај тоа, освоил и Европска филмска награда. Нил Џордан ја добил идејата за филмот десетина години претходно, но неговото остварување се одложило, па сценариото останало да лежи во неговата фиока. Најпосле, за приказната се заинтересирале пријателите на Џордан, продуцентот Стивен Вули и глумецот Стивен Риа, и така почнало снимањето на филмот. По премиерата, публиката останала запрепастена поради централниот пресврт кој исклучително ефектно се поигрува со очекувањата и предрасудите на гледачите. Токму поради тој пресврт, филмот стекнал култен статус и статус на контроверзен филм, а атмосферичната и провокативна љубовна приказна ја поделила публиката.[1]

Локација за снимање Метро Бар каде што настапува Дил. Улица Коронет, Хокстон, Лондон N1

Синопсис

уреди

Откако во еден забавен парк во Северна Ирска го заробуваат црномурестиот британски војник Џоди (го игра Витејкер), една група на ИРА, предводена од Фергус (го игра Риа) го затвора заробеникот во стара куќа во шумата. Бидејќи војникот им ги видел лицата, Фергус и членовите на неговата група, меѓу кои се наоѓаат и Џуд (ја игра Ричардсон) и Мегваер (го игра Данбар) заклучуваат дека мора да го убијат. Додека го чува, Фергус води долги разговори со Џоди и полека се зближува со него, а најпосле, Џоди му ја покажува фотографијата на својата убава девојка Дил (ја игра Девидсон). Џоди се обидува да побегне, но погинува изгазен од воен камион, а војниците започнуваат потера по групата на Фергус. Верувајќи дека е единствениот прежиеван, Фергус оди во Лондон, решен да ја најде Дил. Таму се вработува како градежен работник и набргу ја запознава Дил на која ѝ се претставува како Џони при што веднаш се вљубува во неа. Но, тој не знае дека го бараат Џуд и Мегваер, кои исто така го преживеале нападот, а не знае ниту дека Дил крие голема тајна...

Наводи

уреди