Пеколниот облакодер (филм од 1974)
Пеколниот облакодер (англиски: The Towering Inferno) – американски филм од 1974 година, во режија на Џон Гилермин. Сценариото го напишал Стирлинг Силифант, врз основа на книгите „The Tower“ и „The Glass Inferno“. Музиката за филмот ја компонирал Џон Вилијамс. Главните улоги ги толкуваат: Пол Њумен, Стив Меквин, Вилијам Холден, Фред Астер, Сузан Блејкли, Ричард Чемберлен, Џенифер Џонс, О. Ј. Симпсон, Феј Данавеј.
СодржинаУреди
Во центарот на Сан Франциско е изграден највисокиот облакодер на светот. Неговиот проектант, архитектот Даг Робертс (го игра Њумен) штотуку се вратил од патувањето за да присуствува на свеченото отворање на облакодерот. Тој дознава дека при градбата се користени непроверени материјали во електричната инсталација, поради што постои опасност од пожар. Сопственикот на зградата, Данкан (го игра Холден) вината за тоа ја префрла на својот зет. Всушност, пред почетокот на свеченото отворање веќе се јавуваат пожари во одредени простории, а набргу во зградата пристигнуваат пожарникарите, предводени од шефот, О’Халорхан (го игра Меквин). Сепак, пожарникарите не можат да го совладаат големиот пожар, кој се шири кон врвот на зградата каде што околу 300 гости воопшто не претпоставуваат за опасноста што им се приближува...
За филмотУреди
Филмот е снимен како копродукција на две големи филмски компании („Warner Brothers“ и „20th Century Fox“), кои претходно ги откупиле правата за екранизација на две книги со слична тематика: „The Tower“ и „The Glass Inferno“. За да го избегнат меѓусебниот натпревар, двете компании одлучиле да снимат заедничко сценарио и да ги поделат трошоците на продукцијата. Исто така, интересно е тоа што главниот збор во текот на снимањето го имал продуцентот Ирвин Ален, кој бил задолжен и за режирање на акциските секвенци. Филмот постигнал голем комерцијален успех, а добил и бројни награди, како: три „Оскари“ (за камера, монтажа и музика), две награди на БАФТА (Вилијамс за музика и Астер за споредна машка улога), два „Златни глобуса“ итн.