Павао Ритер Витезовиќ
Павао Ритер Витезовиќ (7 јануари 1652 - 20 јануари 1713) — хрватски писател, историчар, јазичар и издавач.
Живот и дело
уредиРоден е во Сењ во семејство кое непосредно пред тоа станало аристократско. Учел во загребската језуитска гимназија, а понатамошното образование го стекнал патувајќи. Научил и занает, станал бакрорезец. Во борбата против Турците учествувал како капетан на коњица. Во Загреб бил управник на печатница. Неколкупати бил биран за пратеник на хрватскиот народ во Виена. Пред смртта, царот му подарил феудален имот близу до Загреб, но хрватските аристократи повеле судска постапка и со оружена сила го избркале од имотот. Витезовиќ заминал во Виена, и таму наскоро потоа умрел во беда.
Книжевна дејност
уредиНеговата книжевна дејност е поврзана со печатницата во Загреб, каде излегло неговото најпознато дело во проза „Хроника“ („Кроника алити спомен всега свиета виков“), во кое популарно ги изнесол настаните од настанувањето на светот па до негово време. Како историчар и воодушевен патриот, Витезовиќ ревносно собирал податоци за минатото на Хрватите и другите словенски народи, и сакал да напише обемно историско дело. Издал и проглас на латински јазик во кој ги повикува илирскиот и словенскиот народ да собираат материјали за „Стематографија“ која требало да биде вовед во споменатото историско дело. Витезовиќ успеал да ја отпечати „Стематографијата“ во која се зборува за грбовите на илирските покраини, додека историското дело со жртвеници и огништа останало само како нацрт и белешки.
Бидејќи бил ангажиран во преговорите околу мирот меѓу Австрија и Турција, пишувал дела како што се „Хрватска оживљена“, „Два века плачуќе Хрватске“ (во кое се изнесени страдањата на Хрватска во 16 век и 17 век), потоа текст за паѓањето на Босна под турска власт „Поробена Босна“. Во ракопис останала и историјата на Србија, под наслов „Serbia illustrata“. Како историчар Витезовиќ располагал со широко знаење, го сметале за најучен човек на Хрватска, но тој бил повеќе хроничар и регистратор на настани, отколку вистински историчар во денешна смисла на зборот.
Управувајќи со печатницата, обрнал внимание и на популарната книжевност наменета за народот. Издавал календари и прирачници со совети во стихови за животот и работата засновани врз суеверие и предрасуди. На календарите потсетува и една друга негова книга наменета за народот, „Сибила“.
Витезовиќ се занимавал и со прашањето за литературниот јазик и правопис. Во предговорите на некои од своите дела, ги упатува читателите на расправата за реформа на јазикот и правописот, која не е зачувана. Но, од другите негови дела се гледа неговото сфаќање по тоа прашање. Според него, секој глас треба да има буква. Се служел и со дијакритички знаци, и во тој поглед е претходник на Људевит Гај. Го сметал штокавскиот дијалект најпогоден за книжевниот јазик. Сакал да напише и голем хрватско-латински и латинско-хрватски речник, но зачуван во ракопис е само „Lexicon latino-illyricum“.
За поезијата
уредиПокрај сето ова, тој се занимава и со поезија. Уште во младоста пишувал песни на латински и на хрватски јазик. Главно поетско дело му е „Одиљење сигетско“. Тоа е поема од четири дела кои меѓу себе не создаваат складно единство. Поемата е напишана под дејство на „Опсада сигетска“ од Зрински. Делото е еднолично, а најуспешен е крајот на вториот дел во кој девојката дознава од орелот за судбината на својот вереник и сигетските јунаци.
Витезовиќ напишал уште две епски дела „Новљанчица“ и „Сењчица“. Првиов еп не е зачуван.
Целокупното негово дело дава слика на недовршеност и фрагментираност, но неговата работа е од големо културно-историско значење. Тој прв меѓу книжевниците ја сфатил неопходната територијална поврзаност на Хрватска, и почнал кај Хрватите да ја развива свеста за единство. Затоа неговото дело е важно за Хрватска.