Ордет (филм од 1955)
Ордет (дански: Ordet) - дански филм од 1955 година, во режија на Карл Теодор Дреер, според сценариото на Кај Мунк засновано врз неговата истоимена драма. Главните улоги ги толкуваат: Емил Хас Кристенсен, Хенрик Малберг, Пребен Лердроф Рие, Биргите Федершпил, Кај Кристијансен, Ејнер Федерешпил, Герда Нилсен итн. Во 1955 година, Кар Теодор Дреер го освоил „Златниот лав“ на Филмскиот фестивал во Венеција, а следната година филмот ја добил наградата „Златен глобус“ за најдобар странски филм. [1]
Содржина
уредиДејството се случува во 1925 година, во Данска, на фармата на семејството Борген. Главата на семејството, Мортен Борген (го игра Малберг) е една од повидните личности во местото. Тој и неговата снаа Ингер (ја игра Биргите Федершпил) се длабоко религиозни, но нејзиниот маж, најстариот син Микел (го игра Хас Кристенсен) не верува во Господ. Средниот син, Јоханес (го игра Лердроф Рие) студирал теологија, но притоа полудел и за себе мисли дека е Исус. Најмалиот син, Андерс (го игра Кристијансен) сака да се ожени со Ане (ја игра Нилсен), ќерката на кројачот Петер Петерсен (го игра Ејнер Федершпил), но нема согласност ниту од својот ниту од нејзиниот татко (кој припаѓа на една верска секта). Андерс се враќа дома разочаран и дури тогаш неговиот татко, чија гордост е повредена, оди кај кројачот Петер за да го убеди за свршувачката на нивните деца. Сепак, Мортен и Петер се караат околу прашањето чија вера е правилна, така што Мортен и Андерс се враќаат дома. Во меѓувреме, во нивниот дом, Ингер започнува да се пораѓа и притоа го губи бебето, а потоа умира и таа. Сите во куќата се разочарани, а лудиот Јоханес оди во нејзината соба, паѓа во несвест, а потоа бега од својот дом и никој не може да го пронајде. На денот на погребот на Ингер, пристигнува Петер, со намера да се помири со Мортен при што дозволува Ане да се омажи со Андерс. Тогаш, неочекувано се враќа Јоханес, кој го повратил разумот, и ги обвинува присутните дека недоволно веруваат во Господ. Потоа, тој усопева да ја воскресне Ингер, а Микел почнува да верува во Бога.[2]