Ознака за мала планета
Официјална ознака за мала планета е, во својата конечна форма, комбинација од број и име доделена на помала планета (астероид, кентаур, заднептунец и џуџеста планета, но не и на комета). Ознаката секогаш започнува со број (каталошки или број од Меѓународниот астрономски сојуз) и му се доделува на телото откако неговата орбитална патека во добар дел е позната (т.н. „нумерирање“). Официјалната ознака се заснова на привремената ознака на малата планета, која по нејговото откривање автоматски му била доделена.[1] Подоцна, привремениот дел од формалната ознака може да се замени со име (т.н. „именување“). И формалните и привремените ознаки се под надзор на Центарот за Мали Планети (ЦМП), огранок на Меѓународниот астрономски сојуз.
Системот за ознаки за мали планети е на сила од 1925 г. и е надоградување на неколку претходни правила.[1]
Во моментов, бројот се доделува само откако орбитата е зацртана со четири добро набљудувани опозиции. За невообичаени објекти, како што се астероидите блиску до Земјата, нумерирањето може да се направи по три, па и само две, опозиции. Од повеќе од половина милион помали откриени планети кои си добиле број, само околу 20 илјади (или 4%) од нив добиле име. Освен тоа, околу 400.000 помали планети не се ни нумерирани.
Обичајот за сателити на помалите планети, како што е официјалната ознака на (87) Силвија I Ромул - астероидната месечина Ромул, е продолжување на римскиот обичај за нумерирање што се користел за именување на месечините на планетите уште од времето на Галилеј. И кометите се под надлежност на Центарот за Мали Планети, но се употребува различен систем за каталогизација.
Синтакса
уредиОфицијалната ознака се состои од два дела: каталошки број, доделен редоследно по откривањето, и или име, обично доделено од страна на откривачот, или, привремена ознака на помалата планета.
Постојаната синтакса е:
- за неименувани мали планети:
(број) Привремена ознака
- за именувани мали планети:
(број) Име
; со или без загради
На пример, бројот на неименуваната мала планета (388188) 2006 DP14 секогаш се пишува во загради, но за именуваните помали планети како што е (274301) Википедија, заградите може да се изостават како во 274301 Википедија. Заградите често се испуштаат во познати бази на податоци каков што е примерот со базата на мали небесни тела на JPL (SBDB).
Бидејќи ознаките на малите планети се менуваат со текот на времето, во астрономските списанија може да се користат различни верзии. Кога во август 2008 година бил откриен астероидот од главниот појас 274301 Википедија, привремено бил означен како 2008 QH24, пред да му биде доделен број и потоа да биде заведен како (274301) 2008 QH24. На 27 јануари 2013 година, бил именуван како Википедија откако бил објавен во Центарот за Мали Планета.
Во зависнот од она што го предпочита астрономот и датумот на објавување на списанието, 274301 Википедија може да се нарекува и како 2008 QH24 или само како (274301). Во праксата, за секој добро познат објект, бројот е воглавно каталошки запис, а се користи само името или привремената ознака, наместо целосната формална ознака. Така, за Плутон ретко се користи официјалната верзија 134340 Плутон, а 2002 TX300 се користи почесто од подолгата верзија (55636) 2002 TX300 .
Историја
уредиДо 1851 година имало 15 познати астероиди, и сите освен еден имале свој симбол. Симболите станувале сè покомплексни со растот на бројот на новооткриени тела, и затоа што морало рачно да се цртаат, астрономите сметале дека некои од нив се тешки за цртање. Тешкотијата била решена од Бенџамин Апторп Гулд во 1851 година, кој предложи астероидите да се нумерираат редоследно како што се откриваат, и овој број да се стави во круг како симбол за астероидот; на пример ④ за четвртиот откриен астероид - Веста. Кон оваа практика набрзо почнало да се додава и официјалното име заедно со симболот („④ Веста“), затоа што бројот на помали планети постојано се зголемувал. До крајот на 1850-тите, кругот бил упростен и почнале да се употребуваат загради, „(4)“ и „(4) Веста“. Исто така биле користени и други интерпункциски знаци како на пример "4) Веста" и "4, Веста", но таквата пракса целосно била прекината до 1949 година.[2]
Исклучок од обичајот бројот да го следи редоследот на откривање или одредување на орбитата е случајот со Плутон. Затоа што Плутон на почетокот бил класифициран како планета, не му бил доделен број до редефинирањето на „планетата“ во 2006 година. Тогаш, на Плутон му била доделена официјалната ознака (134340) Плутон.
Поврзано
уредиНадворешни Врски
уредиДоделување на името на астероидите - Скопско астрономско друштво
Наводи
уреди- ↑ 1,0 1,1 „Како се означуваат астероидите?“. Скопско Астрономско Друштво. Посетено на 2021-11-22.
- ↑ From Dr. James Hilton's When Did the Asteroids Become Minor Planets? Архивирано на 21 септември 2007 г.