Обичен пеликан
Научна класификација
Царство: Животни
Колено: Хордати
Класа: Птици
Ред: Пеликановидни
Семејство: Пеликани
Род: Пеликани
Вид: P. onocrotalus
Научен назив
Pelecanus onocrotalus
Linnaeus, 1758

Обичниот пеликан (Pelecanus onocrotalus), исто така познат како розов пеликан или бел голем пеликан, е птица од семејството Пеликани, фамијијата Пеликановидни. Овoj вид живее во југоисточна Европа, преку Азија до Африка во мочуриштата и плитките езера. Го има и во Македонија, на Преспанското Езеро.

Опис

уреди

Обичниот пеликан е голема птица, а само кадравиот пеликан е поголем од него меѓу пеликаните. Распонот на крилјата може да достигне од 226 до 360 см, а со последните мерења тоа е најголемиот рекорд меѓу птиците ако се изземе големиот албатрос.[2][3][4] Овие пеликани достигнуваат должина од 140 до 180 сантиметри, заедно со клунот кој има должина од 28,9 до 47.1 сантиметар.[4][5] Возрасните машки пеликани тежат од 9 до 15 килограми, иако покрупните видови од Палеарктичката зона обично тежат околу 11 килограми со некои исклучоци кои надминуваат 13 килограми.[6] Женките се значително помали и полесни и достигнуваат тежина од 5,4 до 9 килограми.[4] Покрај овие вообичаени мерки, кај овој пеликан, должината на крилјата е од 60 до 73 см, опашката достигнува должина од 16 до 21 см и тарзусот (коренот на стапалото) од 13 до 14,9 см. Стандардните мерења од различни области укажуваат дека видовите на пеликани од западната палеарктичка зона се нешто поголеми од оние кои живеат во Азија и Африка.

Младенчињата на обичниот пеликан се сиви и имаат темни пердуви за летање. Во лет пеликанот е елегантна птица, главата ја држи близу телото со надолно наведнување на вратот. Кога се развиваат машките птици имаат розова боја на лицето, а женките портокалова.[7] Од кадравиот пеликан се разликува по нежно белата боја на перјата, розови дамки околу очите и розови стапала. Мажјаците се поголеми од женките и имаат долг клун свиткан надолу за разлика од женките кои имаат пократок и прав клун. Пеликанот со шарен клун од Азија е малку помал од обичниот пеликан со кафеаво-сива боја на пердувите и загасито сива боја на клунот. Сличен на него е пеликанот со розов грб, кој е помал со кафеаво-сиви пердуви со светлорозова до сива боја на клунот и розовкаст прелив на грбот.[4]

Обичниот пеликан е добро прилагоден на водениот живот. Кратките и силни нозе, како и големите стапала се оттурнуваат од водата и помагаат во прилично непријатното полетување од водената површина. Пеликаните се моќни летачи но најчесто летаат во спектакуларната V-формација.

Распространетост и живеалиште

уреди
 
Пар обични пеликани
 
Pelecanus onocrotalus

Овие пеликани обично живеат околу плитки топли слатки води. Пеликаните кои треба да се парат може да се најдат преку Евроазија, источното Средоземје до Виетнам.[4] Во Евроазија слатките и солените води може да бидат населени, па поради тоа пеликанот може да се најде во езерата, речните делти, лагуните и барите со трска каде може да се гнезди.[4] Дополнително, немиграциска популација се среќава во текот на годината во Африка, јужно од Сахара, но тоа е многу ретко. Во Африка, обичниот пеликан се наоѓа околу слатководните и алкални езера, како и околу крајбрежјето на речните области.[8] Преку трските, Африканскиот пеликан се гнезди на изолирани карпести ридови и на крајбрежните острови во Аргуин бенг националниот парк.[4] Миграциската популација може да се најде од Источна Европа до Казахстан за време на сезоната на размножување. Повеќе од 50% од Евроазискиот обичен пеликан се размножува во делтата на реката Дунав во Романија. Пеликаните го населуваат Дунав кон крајот на март или почетокот на април, а го напуштаат по размножувањето од септември до крајот на ноември.[4] Зимските локации на европскиот пеликан не се добро познати, но зимските птици се движат од североисточна Африка преку Ирак до северна Индија, со прилично голем број размножувачи од Азија кои презимуваат во околината на Пакистан.[4] Овие птици најчесто се наоѓаат во пониските предели, иако во источна Африка и Непал, можат да живеат и на надморска висина до 1.372 метри.[4]

Исхрана

уреди
 
Обичен пеликан, Кипар

Исхраната на обичниот пеликан воглавно се состио од риби. Пеликаните го напуштаат своето гнездо во раните утрински часови и може да летаат и преку 100 километри во потрага по храна, како што било регистрирано во Чад и Могоде, Камерун.[4] Секој пеликан има потреба од 0.9 до 1.4 кг риба секој ден. Според ова, пеликаните во најголемата колонија која брои 75 000 птици и се наоѓа на езерото Руква во Танзанија годишно јадат и до 28.000.000 кг риби. Рибите со кои се хранат пеликаните се доста големи и со тежина помеѓу 500 до 600 грама [4],и притоа видот со кој се исхранува пеликанот зависи од изобилството на истиот во одреден регион. Па така, главната храна на пеликанот во Европа се состои од крап, додека пак барбуните се претпочитаат во Кина, односно друг вид крап во Индија.[4] Кесенцето кое е составен дел од клунот на пеликанот при лов на риби служи како црпалка, така што пеликанот го потопува својот клун во водата со цел во долниот дел од клунот да се формира ќесенце кое се полни со вода и риби. Потоа како што птицата ја крева својата глава ќесенцето се собира, а со ова водата се празни, а во ќесенцето остануваат само рибите. Пеликаните обично ловат во група, од 6 до 8 птици, во формација на потковица, и истовремено ги потопуваат своите клунови за да направат круг на отворени ќесички подготвени да ја фатат рибата во околината. Хранењето главно се одвива заеднички во групи, особено во плитките води каде што рибите можат лесно да се заобиколат, иако пеликаните понекогаш може да ловат и сами.[4]

Храната на пеликаните не се состои само од риби, туку тие често се во потрага по друг вид храна. Во неки ситуации тие јадат пилиња од други птици, еден ваков случај е забележан на југоисточниот брег на Јужна Африка.[9] Таму, младите на пеликаните од островот Дасен грабнуваат пилиња тешки до 2 килограми од Кејп Ганет колонијата на островот Малгас.[10] Слично, во Валфис Беј, Намибија јајцата и пилињата на кормораните се редовна храна на младите пеликани. Локалната популација на пеликаните толку многу се потпира на кормораните така што кога се намалува популацијата на кормораните се намалува и бројот на пеликаните. Обичниот пеликан јаде ракови, полноглавци, дури и желки. Често прифаќаат храна од луѓето и бројни необични нешта се забележани во нивната исхрана. За време на периодот на гладување пеликанот јаде морски галеби и патки. Пред да ги изедат галебите, ги држат под вода и ги дават. Пеликаните, исто така, им го крадат пленот на другите птици.

Размножување

уреди

Сезоната на размножување на обичниот пеликан почнува во април или мај во умерените зони, всушност цела година во Африка и од февруари до април во Индија. Овој вид пеликани живеат во колонии и се рамножуваат заедно. Женката може да снесе од едно до четири јајца, но во просек снесува по две јајца.[4] Локацијата на гнездото е менлива. Помал број гнездата ги прават на дрвја со помош на гранки, но поголемиот дел, вклучително и оние пеликани кои се размножуваат во Африка, гнездата ги прават исклучиво на земја и ги покриваат со трева, гранчиња, пердуви и други материјали.[8] За малдите се грижат и двајцата родители. Периодот на инкубација трае од 29 до 36 дена. Кога ќе се испилат младите се голи, а долниот дел од телото им е покриен со црно - кафеава боја. Колониите се собираат заедно околу 20 до 25 дена откако ќе се испилат младите. На возраст од 65-75 дена младите пеликани почнуваат да се развиваат. Стапката на зрелост ја достигнуваат околу 64% од младите пеликани, а на 3 до 4 години постигаат полова зрелост.[4] Често обичниот пеликан е заштитен од птиците грабливки поради нивната сопствена големина, но орелот, особено морскиот вид (Haliaeetus), најчесто ги лови нивните јајца, непролетаните и неразвиените пеликани. Повремено, живеалиштето на пеликаните е нападнато од сештојади како чакалот и лавот. Вообичаено е кај пеликанот при приближување на некој цицач месојад, па дури и човек, да ја напушти својата колонија и гнездо, како дел од механизам за самозаштита.[11] Крокодилите, особено нилскиот крокодил, со сладост ги убива пеликаните кои пливаат во Африка.[12]

Врски со луѓето

уреди
 
Во лет

Денеска со преголемиот и неконтролиран улов на риба обичниот пеликан е приморан да бара храна на големи растојанија. Овие пеликани се користат за многу работи. Од нивното ќесенце се прават кутии за пури, нивната кожа се преработува за кожни производи, нивниот измет се користи за ѓубриво, а салото на младите пеликани е искористено како масло за медицина во Кина и Индија. Во Етиопија, обичниот пеликан се убива за неговото месо. Мешањето на луѓето и проширувањето на местото за живеење ги нарушува домот и местото за размножување на пеликаните, а загадувањето најмногу приденесува за намалувањето на нивниот број.[4]

Намалувањето е најзабележливо во Палеарктичката зона. Обичниот пеликан е една од птиците за која важи Договорот (AEWA) за заштита на африканско-евроазиските миграциски водни птици. Овој пеликан е класифициран како најмалку загрижувачки на Црвената список на ИУЦН во 2006 и е запишан на Првиот и Вториот додаток од Конвенцијата за миграциски видови. Запишан е и на Вториот додаток од Бернската Конвенција за заштита на европскиот див свет и Природните живеалишта од Анекс -1 на Директивите на ЕК за птици. И покрај сè, обичниот пеликан е сè уште најраспостранетиот вид. Иако некои области сè уште имаат големи колонии, тој е рангиран подолу од Кафеавиот пеликан, а можно и подолу од Австралискиот во севкупната застапеност.[4] Европа засега држи стабилна бројка од 7.345 до 10.000 парови со над 4.000 парови кои се гнездат во Русија. Повеќе од 75.000 се забележани во Израел за време на миграциите, во зима над 45.000 може да останат во Пакистан. Вкупно од сите овие колонии заедно 75.000 парови се гнездат во Африка.[4]

Овие видови често се чуваат во заробеништво во зоолошки градини или во полудиви колонии како што се во Паркот Ст.Џејмс во Лондон. Предците на овие колонии биле предадени на Чарлс II од страна на Рускиот амбасадор во 1664 со што е започната традицијата на донации на птици од страна на амбасадите.[13]

Наводи

уреди
  1. BirdLife International (2012). Pelecanus onocrotalus. IUCN Red List. Version 2012.1. International Union for Conservation of Nature. Посетено на 5 July 2012.
  2. Wood, Gerald (1983). The Guinness Book of Animal Facts and Feats. ISBN 978-0-85112-235-9.
  3. Harrison, Peter, Seabirds: An Identification Guide. Houghton Mifflin Harcourt (1991), ISBN 978-0-395-60291-1
  4. 4,00 4,01 4,02 4,03 4,04 4,05 4,06 4,07 4,08 4,09 4,10 4,11 4,12 4,13 4,14 4,15 4,16 4,17 4,18 del Hoyo, J; Elliot, A; Sargatal, J (1992). Handbook of the Birds of the World. 1. Barcelona: Lynx Edicions. ISBN 8487334105.
  5. Birds of East Africa by John Fanshawe & Terry Stevenson. Elsevier Science (2001), ISBN 978-0856610790
  6. CRC Handbook of Avian Body Masses by John B. Dunning Jr. (Editor). CRC Press (1992), ISBN 978-0-8493-4258-5.
  7. Mclachlan, G. R.; Liversidge, R. (1978). „42 White Pelican“. Roberts Birds of South Africa. Illustrated by Lighton, N. C. K.; Newman, K.; Adams, J.; Gronvöld, H (4. изд.). The Trustees of the John Voelcker Bird Book Fund. стр. 23–24.
  8. 8,0 8,1 Crawford RJM (2005) Great White Pelican. pp. 614–615 in Hockey PAR, Dean WRJ, Ryan PG (eds.) 2005 Roberts – Birds of Southern Africa, 7th ed. The Trustees of the John Voelcker Bird Book Fund, Cape Town.
  9. Life, BBC TV series
  10. Ryan, P. (Feb–Mar 2007). „Going, going, Gannet...Tough times for Benguela Seabirds“ (PDF). African Birds & Birding: 30–35. Архивирано од изворникот (PDF) на 2012-10-30. Посетено на 2013-04-13.CS1-одржување: датум и година (link)
  11. Nancy McLean THE GREAT WHITE PELICAN (Peleconus onothotations)[мртва врска]. northwestwildlife.com
  12. Crocodiles and Alligators. Charles A. Ross and Stephen Garnett (Eds.). Checkmark Books (1989), ISBN 978-0816021741
  13. „Landscape History of St. James's Park“. Архивирано од изворникот на 2013-11-09. Посетено на 30 December 2008.

Надворешни врски

уреди