Обичен крстоклун
Мажјаци
Женка
Научна класификација
Царство: Животни
Колено: Хордови
Класа: Птици
Ред: Врапчевидни
Семејство: Ѕвингалки
Род: Loxia
Вид: Обичен крстоклун
Научен назив
Loxia curvirostra
Linnaeus, 1758

Обичниот крстоклун (научLoxia curvirostra) е мала врапчевидна птица од семејството на ѕвингалките (Fringillidae). Специфична е по клунот, односно мандибулите кои се вкрстуваат при врвот што им овозможува лесно да ги отвораат шишарките и другите цврсти семиња. Распространета е низ Европа, вклучувајќи ја и Македонија, потоа во Азија и Северна Америка. Возрасните птици се често светло обоени, со црвено или портокалово мажјаците и зелено или жолто женките, но постојат многу варијанти во боите и големината и формата на клунот, како и различност во повиците, па некои од нив се сметаат за подвидови.

Опис

уреди

Обичниот крстоклун е малку поголем од градското врапче, со должина на телото од 17 см и тежина од 43 до 57 грама. Се одликува со мандибули кои се вкрстуваат на врвот, од каде потекнува и името (крстоклун). Мажјаците се црвени или црвенопортокалови, а долниот дел од стомакот им е сивкавобел. Женките се зеленкавосиви со жолтозелени рабови на пердувите. Имаат голема глева, големи нозе со кои може добро да фаќаат и да ги држат семките, и куса чаталеста опашка. Младенчињата се сивкаво избразденошарени, а првата година машките се портокаловожолти. Крилјата и опашката им се кафеави. Клунот им е малку поиздолжен и понеискривен. Постојат многу варијанти во обоеноста, но во Северна Америка според големината на клунот и повикот се издвојуваат 9 подвида.[1]

 
Јајца
Loxia curvirostra

Поведение

уреди

Оваа птица претежно е постојан жител, но често се сели кога изворот на храна ќе ослабне, па бара друг. Формира јата вон сезоната на парење, често мешани со други крстоклуни.

Обичниот крстоклун е дневна, бучна и подвижна птица. Речиси цело време е на дрвјата. Летаат брзо по права линија, во јато, со постојано чрчорење кеп-кеп-кеп.

Претежно се хранат со семиња од шишарки, разни други семиња, сончоглед, а понекогаш со инсекти.

Размножување

уреди

Крстоклуните може да се размножуваат и лете и зиме, во зависност од количеството семе од четинари, но повеќето гнездења се случуваат во март. Гнездата ги градат многу блиску едни до други.

Мажјакот се додворува така што ќе зафати некоја висока гранка од која многу пее, свирка и чрчори, како и потскокнува и лета во круг. Женката го гради гнездото во густите иглолисни гранки, однадвор со гранчиња, а внатре послано со тенки тревки, мов и пердувчиња. Несе 3-5 белосинкави јајца со кафеави дамки и ги инкубира околу 2 недели. Пилињата остануваат во гнездото уште две недели, а откако ќе се оперјат уште долг период зависат од родителите.

Наводи

уреди
  1. Benkman, C. W.; Parchman, T. L. and E. Mezquida (2010). „Patterns of coevolution in the adaptive radiation of crossbills“. Annals of the New York Academy of Sciences. 106.

Надворешни врски

уреди