Носии од Дурачка Река
Од страна на населението од соседните предели, овдешната носија е позната како дурачка носија, која покажува извесни сличности со носијата од јужните делови на Осоговијата, кон Кочанско, а во некои елементи се надоврзува и на носијата на преселниците во шопската оаза Радовишки Шоплук. [1]
Женската носија
уредиСо одредени варијантни разлики во материјалот, обликувањето и украсувањето на поодделните облеки, се јавува носијата од пределот Дурачка Река, што го сочинуваат повеќе села по текот на истоимената планинска рекичка. Врз платнената кошула кенарлија во овој предел жените облекуваат безракавен долг елек од пругастошарена волнена ткаенина, ноставен со конопно платно.
Околу половината се опашуваат со волнен ткаен појас кемер и декоративно орнаментирана скутина крпа. Празничната и невестинската облека е џубе од црна клашна, со богати поткити и украси од волнени и срмени гајтани, и ткаена крпа јашмак.
Волнени орнаментирани црвени ,,чорапи колајлии" и домашно изработени опинци со долги волнени врвци го оформуваат обувањето на нозете во овие планински села. [2]
Машката носија
уредиМашкиот рувет се состоел од бела платнена кошула широки или рамно-кроени ракави, чакшири од дебел кафеав или црникав шајак кои биле опточени со црни гајтани по рабовите и околу џеповите и алов појас со црни шарки кој се опашувал околу половината. Елекот (допојасна облека) порано бил од кафеав шајак (природната боја на волна), а потоа се ткаел од црвена/синкава ткаенина со вертикални црно-бели шарки. Наместо елекот можело да се носи минтан од волнена ткаенина „антерија“ со долги ракави и црни и бели пруги, или џамадан од црн шајак со долги ракави и црни/сини гајтани по рабовите.
Под колената се носеле црвени појасчиња „подвески“, а младоженците носеле калчини од кафеав шајак украсувани со црни гајтани. На нозете носеле волнени чорапи кои биле орнаментирани по целата должина на црвена основа, и опинци од свињска или говедска кожа со врвци за врзување, а кон крајот на минатиот век на главата носеле фесче обвиено со црна/сина чалма, а потоа носеле или шубара од јагнешка кожа, или качкет „кескета“ – градска капа.
За време на зимско време се носело долама од кафеав шајак со долги ракави и црни гајтани по рабовите, а над неа се носело кушљак кој бил долг до под колената со ќуљавка. [1]
Наводи
уреди- ↑ 1,0 1,1 Здравев, Ѓорѓи (1996). Македонски Народни Носии I. Скопје: Матица Македонска. стр. 154 и стр. 155. ISBN 9989-48-009-5.
- ↑ Томовски, Крум (1996). Етнологија на Македонците. Скопје: МАНУ. стр. 155 и стр. 156. ISBN 9989-649-25-1.