Никола Војновски е роден на 30 октомври 1933 година во с. Велушина, Битолско, во средно имотно земјоделско семејство. Основното образование го завршува во своето родно место, а потоа во 1947 година, како стипендист на Владата на Југославија, како дете на борец беше испратен на школување во индустриско-техничко училиште во градот Елблонг, Полска. По резолуцијата на информбирото, во 1948 година, со која се согласува, заедно со другите младинци од Југославија се враќа во земјата и го продолжува образованието во Марибор, Словенија, каде завршува во 1950 година. Виша стручна педагошка школа завршува во Риека во 1955 година, а Факултет за индустриска педагогија завршува во Риека во 1964 година. Во 1971 година магистрира на Машинскиот факултет во Белград. Во 1973 година изработил докторска дисертација која од стручна комисија во состав: проф. Д-р инж. Вукан Дешиќ, проф. Д-р инж. Вуксан Булат и проф. Д-р инж. Добривое Јовановиќ, редовни професори на Машинскиот факултет во Белград е позитивно оценета и му претстои само одбрана на докторската дисертација.

Никола Војновски
Роден 30 октомври 1933
Велушина, Битола
Починал 20 мај 1987
Скопје

Бил наставник и професор по стручни предмети и математика во Индустриското училиште и Училиштето за висококвалификувани работници во Скопје, а потоа во Индустриското и Техничкото училиште и во електромашинскиот училиштен центар „Ѓуро Салај“ во Битола. Бил предавач на Вишата стручна педагошка школа во Риека, професор на Педагошката академија во Битола, доцент на Економски факултет - Прилеп и професор и шеф на катедрата за Основи на техниката и производството на Вишата педагошка школа во Скопје.

Говор на Проф. М-р Никола Војновски
Прв наставен кадар и генерација ученици од 1958 до 1961
Електромашинскиот училиштен центар „Ѓуро Салај“ во 1958 година

Бил основач на Електромашинскиот училиштен центар „Ѓуро Салај“ денешно средно општинско техничко училиште СОТУ „Ѓорѓи Наумов“ - Битола и директор од 1958 до 1974 година, прв директор на Вишата техничка школа и на Металопреработувачката индустрија „Металец“ во Битола. Бил надворешен соработник и советник на многубројни стопански и нестопански организации и институции меѓу кои на Републичкиот Завод за унапредување на образованието и воспитувањето. Бил секретар за високо образование во Собранието на Општина Битола и претседател на Народна техника Битола.

Починал на 20 мај 1987 година во Скопје, на своја 54 годишна возраст.

Во 2008 година, на 50-годишнината од постоењето на СОТУ „Ѓорѓи Наумов“ - Битола, посмртно, на неговото семејство им беше доделена плакета насловена „На основачот на училиштето и нашиот учител“.

Стручно и научно оспособување и усовршување во странство

уреди

Проф. М-р Никола Војновски, покрај редовните форми на образованието и усовршувањето, во текот на работниот стаж, повеќепати бил упатуван на студија, специјализација и усовршување. Во Германија во Стручно педагошкиот институт во Минхен, во Австрија, Швајцарија и Италија проучувајќи ја темата „Современи индустриско педагошки проблеми на образовните институции и претпријатија“, во Белгија и во Полска.

Библиографија

уреди

Проф. М-р Никола Војновски бил автор на голем број напишани трудови. Имал напишано преку 30 учебници, 30 научни трудови, 60 стручни трудови и статии, преку 10 елаборати и други стручни и научни трудови, преку 30 образовни профили за занимањата во средните стручни училишта, преку 30 документи и наставни програми за профилските насочувања во гимназиите, научно-истражувачки проекти и голем број на необјавени трудови.

Награди и признанија

уреди

Како признание за сестраната стручна, научна, публицистичка и општествена активност, проф. М-р Никола Војновски е добитник на бројни награди и признанија. Меѓу останатото тој е добитник на:

  • Награда „4 Ноември“ – највисоко признание на Општина Битола.
  • Награда „Ѓуро Салај“ – највисоко признание на Електромашинскиот училиштен центар „Ѓуро Салај“ во Битола.
  • Награда на индустриско-техничкото училиште во Марибор.
  • Плакета на Гарнизонот на ЈНА во Битола.
  • Плакета на Веќето на Народна техника на Југославија.
  • Голем број пофалби, признанија и плакети од други работни организации и институции.
  • Предложен беше за Републичката наградата „Климент Охридски“.