Моја драга Клементина (филм)
„Моја драга Клементина“ (англиски: My Darling Clementine) — американски филм од 1946 година, во режија на Џон Форд (John Ford), според сценариото на Семјуел Г. Енгел (Samuel G. Engel) и Винстон Милер (Winston Miller). Филмот е заснован врз романот „Вајат Ерп, шерифот од границата“ на Стјуарт Н. Лејк (Stuart N. Lake). Главните улоги ги играат: Хенри Фонда (Henry Fonda), Виктор Мачуар (Victor Mature), Линда Дарнел (Linda Darnell), Кети Даунс (Cathy Downs), Ворд Бонд (Ward Bond) и Волтер Бренан (Walter Brennan). Иако филмот е заснован на вистински историски ликови, сепак историските факти се целосно променети. На пример, во филмот, Док Холидеј е убиен во престрелката кај коралот, иако во стварноста бил само полесно ранет.[1]
Синопсис
уредиБраќата Вајат (го игра Купер), Вирџил (го игра Т. Хол), Џејмс (го игра Д. Гарнер) и Морган Ерп (го игра Бонд) носат говеда за продажба во Калифорнија. Патем, тие ги среќаваат Клентон (го игра Бренан) и неговиот син Ајк (го игра Г. Видерс) кои сакаат да ја купат стоката, но Вајат ги одбива. Браќата Ерп поставуваат логор во близината на Тумстоун, го оставаат најмалдиот брат Џејмс да ја чува стоката, а останатите одат во градот. Кога се враќаат назад, го наоѓаат мртвиот Џејмс, а стоката е украдена. Затоа, Вајат останува во Тумстоун и станува шериф, со намера да го фати убиецот, а Вирџил и Морган стануваат негови помошници. Наскоро, тој се спријателува со разочараниот револвераш Док Холидеј (го игра Мачуар), кој истовремено е болен. Еден ден, во градот пристигнува Клементина во потрага по Док Холидеј, кој ја оставил и побегнал од Бостон. Тој грубо ја одбива нејзината молба да се вратат заедно во Бостон, а истовремено Вајат Ерп се вљубува во неа. Вајат го здогледува медалјонот на убиениот Џејмс на вратот на Чивава, девојката на Док Холидеј и помислува дека тој е убиецот, па затоа сака да го уапси. Меѓутоа, Чивава признава дека медалјонот го добила од еден од синовите на Клентон, кој токму во тој миг смртно ја ранува. Морган тргнува во потера по него и го убива на прагот на неговата куќа, но потоа стариот Клентон го убива него. Док Холидеј се обидува да ја спаси Чивава, но и покрај успешната операција, таа умира. Потоа, останатите членови на семејството Клентон ги повикуваат браќата Ерп на двобој кај коралот О.К., а ним им се придружува и Док Холидеј. Во битката погинуваат сите членови на семејството Клентон, но и Док Холидеј. Утредента, Вајат и Вирџил го напуштаат Тумстоун, а нив ги испраќа Клементина, која ја прифатила понудата да работи како учителка во градот.[2]