Мојата ноќ со Мод
„Мојата ноќ со Мод“ (француски: Ma nuit chez Maud) — француски филм од 1969 година, во режија на Ерик Ромер, кој е и автор на сценариото. Главните улоги ги играат: Жан-Луј Трентињан (Jean-Louis Trintignant), Франсоаз Фабиен (Françoise Fabian), Антоан Витез (Antoine Vitez), Мари-Кристин Баро (Marie-Christine Barrault). Овој е четвртиот филм од циклусот „Морални приказни“ на Ромер. Филмот бил номиниран за „Оскар“ за најдобар странски филм, а се одликува со економичен, речиси скржав и аскетски стил на раскажување во која доминираат дијалозите.[1]
Содржина
уредиЖан-Луј (го игра Трентињан) е вработен во фабриката на „Мишлен“ во Клермон, каде живее во станот на неговиот пријател. Тој е католик кој редовно оди в црква, а во една прилика здогледува девојка во која веднаш се вљубува. Набргу, тој дознава дека девојката се вика Франсоаз (ја игра Баро). На Бадник, неговиот пријател Видал (го игра Витез) го кани кај разведената жена Мод (ја игра Фабиен). На нејзина покана, Жан-Луј останува да преспие кај неа, но упорно ги одбива нејзините понуди да водат љубов, зашто верува во верноста кон саканата девојка. Сепак, утрото, тој му се предава на искушението. Истиот ден, случајно ја среќава Франсоаз на улица, се запознава со неа, а потоа преспива во нејзиниот стан при што ѝ кажува дека ја сака. Така почнува нивната љубовна врска, а Мод, пак, набргу се сели во Тулуза. Неколку години подоцна, Жан-Луј, Франсоаз (сега веќе негова сопруга) и нивното дете одат на плажа при што случајно ја среќаваат Мод. Во таа кратка средба, Жан-Луј сфаќа дека Франсоаз била љубовницата поради која Мод се развела од нејзиниот сопруг.[1]