Монблански тунел

тунел низ планината Монблан
За други значења видете: Монблан (појаснување).

Монблански тунел (француски: Tunnel du Mont-Blanc, италијански: Traforo del Monte Bianco) — автопатен тунел во Алпите под планината Монблан, кој го поврзува Шамони во Франција со Курмајер во Италија. Тунелот е еден од главните алпски патишта, особено за Италија која го користи тунелот за превоз на дури една третина од вкупниот транспорт на товар кон северна Европа. Тунелот го скратува патот од Франција до Торино за 50 км, а до Милано за 100 км.

Влезот во Монбланскиот тунел од италијанска страна.

Градбата на тунелот започнала во 1957, а завршила во 1965 г. Тунелот е долг 11,6 км, широк 8,6 м и висок 4,35 м. Тунелот не е хоризонтален, туку има форма на буквата „L“. Од француска страна, почнува на надморска висина од 1.274 м, а на италијанска страна на 1.381 м. Сообраќајот се одвива низ една галерија со по една коловозна лента во секоја насока.

Плановите да се прошири тунелот никогаш не се оствариле поради недостиг на пари и силно спротивставување од месното население кое протестира поради зголемениот сообраќај.

Со Монбланскиот тунел управувале две јавни претпријатија, секое за својата половина од тунелот: од француска страна АТМБ, од италијанска СИТМБ. По пожарот во 1999., за да се подобри безбедноста, формирано е едно заедничко претпријатие, ГЕИЕ-ТМБ во кое двете претпријатија учествуваат со по 50%.

Градежна статистика

уреди

5 инженери и 350 работници работеле вкупно 4.600.000 работни часа за да го реализираат проектот. Биле употребени 711 тони експлозив за да се минираат 555.000 кубни метри карпа. Потрошени се 37 милиони киловат-часови и 2,7 милиони литри гориво за градежните возила. Потрошени се 300 тони железо, 5000 м3 оплата за бетонирање, 60.000 тони цемент и 280.000 м3 други материјали за бетонирањето.

Историја на тунелот

уреди
  • 1946: Првите 100 м биле пробиени од италијанска страна, што го означило стартот на проектот.
  • 1949: Потпишан е француско-италијански договор за заедничко планирање на тунелот.
  • 1953: Потпишан е национален договор за изградба на тунелот, подоцна ратификуван од парламентите на двете држави (франција во 1954, Италија во 1957).
  • 1959: На 30 мај во Шамони е одржана церемонија за почеток на работите. Објавено е дека огромна 75-тонска дупчалка ќе го пробие тунелот за помалку од 30 месеци.
  • 1962: На 4 август се сретнале француската и италијанската екипа - тунелот е пробиен, варијацијата на оската била помалку од 13см.
  • 1965: На 16 јули е инаугуриран тунелот од францускиот претседател Шарл де Гол и од италијанскиот претседател Џузепе Сарагат.
  • 1965: На 19 јули тунелот е отворен за сообраќај.
  • 1973: Отворена е првата делница на автопатот Бланш кој минува низ тунелот.
  • 1978: Поставена е мрежа од камери за надзор на секои 300м и зголемен е капацитетот на снабдувањето со свеж воздух на 900м3/s.
  • 1980: Изграден е дополнителен воздушен канал, широк 7м за да се избегне собирање на неквалитетен воздух на францускиот крај на тунелот.
  • 1990: Значајни безбедносни унапредувања: 18 прибежишта за случај на опасност распоредени на секои 600м, безбедносни запиралишта на секои 100м, систем од прскалици за гаснење на пожар, замена на видео системот, телефоните, противпожарните апарати и генераторите на струја.
  • 1997: Почнат е ситемот за автоматска детекција на пожари, детекција на инциденти, променливи пораки и знаци.
  • 1999: На 24 март 39 луѓе загинале кога Белгиски транспортен камион кој превезувал брашно и маргарин се запалил во тунелот. Сите 12 кои се спасиле од пожарот изјавиле дека „човекот на моторот ги спасил“. Тоа бил Пиерлуцио Тинаци, чувар на тунелот, кој ги изнел преживеаните надвор од тунелот или ги сместил во безбедносните прибежишта, а потоа и самиот загинал во пожарот.

Надворешни врски

уреди